Како треба институциите да се борат против лажните вести?

2020 година со себе го донесе брзото ширење на коронавирусот, болеста што ја предизвикува вирусот Ковид-19, кој, од друга страна, ги откри или посочи на други посериозни проблеми што го мачеа светот, но кои повеќето од нас избираа да ги сокријат под тепих.

Бидејќи вирусот ја покажа силата, дезинформаците повторно се појавија и повторно играат важна улога во животот на луѓето. Се шират, како совршена маска, сѐ повеќе лажни вести и написи со користење на случувањата околу вирусот.

Некои луѓе, како што е секогаш случај со лажниte вести, се фатија на мамката. Но, од друга страна, можеби ова е првпат од „раѓањето“ на лажни вести во 2016 година, јавноста и институциите да се свесни за заканата. Некои институции дури и реагираа јавно, обидувајќи се да го задржат јавното мислење безбедно и подалеку од лажни вести за вирусот.

Властите во Македонија кон средината на март објавија дека сите што споделуваат лажни вести, непроверени информации или други информации засновани на полувистини поврзани со коронавирусот ќе бидат казнети. Исто така, беше предупредена и медиумската сфера дека ќе следат казни за лажни и непроверени информации.

Иако овој потег треба да се смета за позитивен, може да се постави прашањето во врска со функционалните модалитети на ваквите активности. Како владата и надлежните органи би ги идентификувале, пронаоѓале и казнувале оние што објавуваат лажни вести во ваков вонреден период? Освен тоа, дали е воопшто возможна војна против лажните вести?

Во Косово, Министерството за здравство и полицијата дејствуваа брзо откако започнаа да се испраќаат СМС пораки кои велеа дека лицето што ја добило пораката е избрано да се тестира за коронавирус и дека треба да ја посети клиниката за заразни болести што е можно поскоро.

Бидејќи во СМС пораките лажно се тврдеше дека се испратени од Министерството за здравство, надлежните брзо реагираа согледувајќи ја можноста пораките да го загрозат здравјето на граѓаните и да предизвикаат паника. На 1 април полицијата објави дека лицето што ги праќало ваквите пораки е идентификувано и под надзор, но дека сѐ уште не е уапсено.

Овие потези на властите во различни земји нудат конкретен доказ дека институциите деjствуваат против ризикот од лажни вести, додека во минатото ова се сметаше повеќе како проблем со кој треба да се справат социјалните медиуми и интернет сферата.

Кога станува збор за проблемот со дезинформациите, експертите по ова прашање, новинарите, па дури и политичарите, честопати ја даваа својата експертиза и мислења за тоа како треба да се пристапи кон војната против лажните вести.

Многумина сметаат дека најлесен начин за справување со дезинформациите е преку употреба на технологијата. Иако технологијата се смета за „одговорна“ за проширувањето на овој проблем, одредени технологии, како на пример вештачката интелигенција, се сметаат за соодветни алатки за справување со лажните вести.

Фејсбук, најголемата компанија за социјални медиуми во светот, многу често е главна сила зад лажните вести. Тоа е така поради едноставниот факт дека оние што учествуваат во кампањите за дезинформации или споделуваат лажни вести, индивидуално го користат Фејсбук многу повеќе од кој било друг социјален медиум.

– Со милијарди написи од своите корисници, Фејсбук сфати дека рачното проверување на факти нема да направи ништо добро во решавање на проблемот со лажните вести. Тие се свртеа кон вештачката интелигенција со цел да го решат овој проблем. Вештачката интелигенција се користи за да пронајдат зборови, па дури и форми на зборови што можат да фрлат светло на лажни вести. Ова е затоа што вештачката интелигенција ги учи однесувањата, веројатно преку образец за препознавање – пишува „Марути Теклабс“, софтверска компанија од Индија.

Но, други тврдат дека оваа битка треба да се води и на други фронтови.
Дарел Вест од „Центарот за технологија и иновации“ уште во 2017 година напиша дека владите треба да инвестираат повеќе во промовирање на медиумската писменост и силните новинарски практики во своите општества со цел да ги потиснат и намалат ефектите на лажните вести.

-На крајот, поединците треба да следат различни извори на вести и да бидат скептични за она што го читаат и гледаат – рече тој.

Во суштина, лажните вести се креирани за да ја уништат довербата на читателот во информациите во време кога сведочиме на постојано зголемување на бројот на информации.

Сепак, ќе биде интересно да се види како ќе се справат релевантните институции со лажните вести и со овој проблем кога ќе се случи следната светска криза – како што во овој случај тоа е коронавирусот.

Ариан Љумези

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција