Шансите за пресврт во Кисела Вода се мали

Ќе се смени ли резултатот во Кисела Вода во полза на опозицијата? Јохан Тарчуловски (лево) Филип Темелковски (десно) Фото: Колаж принтскрин

Во првиот круг од локалните избори, опозициската ВМРО-ДПМНЕ доживеа невиден и за многумина неочекуван дебакл. Партијата на Никола Груевски изгуби голем дел од своите бастиони, како во Скопје, така и во цела Македонија. Една од сигурните општини во Скопје за ВМРО-ДПМНЕ  беше Кисела Вода. Кои се причините поради кои Груевски го изгуби овој „фикс“ во првиот изборен круг? Дали самиот кандидат или воопшто, политиката на партијата беше главниот виновник за поразот во оваа Општина?  

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори кои се одржаа во неделата (15.10.2017), изгуби со огромна разлика од владејачкиот СДСМ. Никола Груевски доживеа голем пораз, како на територијата на цела Македонија, така и во Скопје. Многумина по ваквите резултати искоментираа: „Скопје повеќе не е вмровски град“. Во главниот град имаше неколку општини за кои се сметаше дека се сигурни за ВМРО-ДПМНЕ. Една од тие општини беше и Кисела Вода, во која кандидатот на опозицијата, Јохан Тарчуловски, освои помалку гласови од кандидатот на владејачката партија, Филип Темелковски, кој, сепак,   не успеа да добие 50 проценти од вкупниот број избирачи кои гласале  плус еден глас – за да биде избран за градоначалник во првиот круг, па за победникот ќе се одлучува во вториот изборен круг на 29.10.2017 година.

 

lOK-IZB

 

Многумина се прашуваа што се случи во Кисела Вода, особено ако се погледнат разултатите од претходните локални избори од 2013 година, каде ВМРО-ДПМНЕ победи со убедлива разлика со двојно повеќе освоени гласови уште во првиот круг. Дел од јавноста, а и самите вмровци  сметаа дека оваа Општина е сигурен „фикс“ за ВМРО-ДПМНЕ и дека таков примат ќе има и со конроверзниот кандидат, хашкиот осуденик, „големиот патриот и жртвата за Македонија“, Јохан Тарчуловски, наспроти  противкандидатот од СДСМ, Темелковски, син на бизнисменот Зоре Темелковски.

 

 

ИЗНЕНАДУВАЧКИ РЕЗУЛТАТИ

Во првиот круг од локалните избори, според податоците на ДИК, Јохан Тарчуловски во Кисела Вода освои 15.479 гласови, а неговиот противкандидат, Филип Темелковски освои 17.154 гласови. Вкупниот број на излезени гласачи во оваа општина бил 34.391. На претходните локални избори, во 2013 година, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Билјана Беличанец, освои победа во првиот круг со 20.419 гласови, за разлика од нејзиниот противкандидат, Љупчо Васовски кој на своето конто доби речиси половина помалку гласови, 10.501. На овие локални избори, вкупниот број на излезени гласачи беше 51.459.

Она што се случи на сегашните локални избори, воопшто, според аналитичарот Владимир Божиновски, е тоа што гласачите на ВМРО-ДПМНЕ не излегоа на гласање и ѝ испратија порака на партијата, дека треба нешто да се смени.

Во 2013 година, не излегоа гласачите на СДСМ, а на овие избори, пак, не излегоа гласачите на ВМРО-ДПМНЕ. На овие избори СДСМ освои општини кои ни во најлудиот сон не би ги освоил. Таков беше примерот и со Кисела Вода. На овие избори не се гласаше за кандидат, туку за партија. Во Кисела Вода, во првиот круг од изборите, конкретно, Тарчуловски не изгуби затоа што беше лош кандидат, ниту пак Темелковски доби затоа што беше добар кандидат. Гласачите на ВМРО-ДПМНЕ, како и во сите општини, така и во оваа, не излегоа на гласање. Поради тоа настрадаа одлични кандидати на за градоначалници, како што беше на пример, Марјан Ристески во Прилеп. Кисела Вода беше фикс за ВМРО-ДПМНЕ, но гласачите и испратија порака на партијата – анализира Божиновски за „Вистиномер“.

Аналитичарот Андреја Стојковски, пак, оценува дека гласачите на ВМРО-ДПМНЕ, уште во самиот страт го отфрлиле Тарчуловски како кандидат и дека одлуката на Груевски да трча со поранешниот хашки осуденик во Кисела Вода, била целосно погрешна.

Ако ги погледнете резултатите од првиот круг од изборите, ќе видите дека има одредена разлика во освоените гласови кај Тарчуловски и советничките листи. (Тарчуловски освои 15.479 гласови, а советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ освои 15.797 гласови). Исто така, ако се погледнат резултатите, ќе се види дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Скопје, Коце Трајановски, во Кисела Вода имаше повеќе гласови од Тарчуловски (16.430), што значи дека неговиот успех во оваа општина е поголем од оној на Тарчуловски. Ниту тој, ниту кандидатот на СДСМ во Кисела Вода, Филип Темелковски не беа преферирани кандидати –  вели Стојковски во изјавата за „Вистиномер“.

 

МОЖЕН ЛИ Е ПРЕСВРТ ВО ВТОРИОТ ИЗБОРЕН КРУГ?

По поразот во првиот изборен круг, Тарчуловски, на својот Фејсбук профил напиша дека борбата за Кисела Вода допрва започнува и дека никогаш нема да се предадат.

Кога било најтешко сме биле најјаки, кога се губело, со инает и непокор сме се враќале од многу битки. Но, едно нешто не сме направиле. Никогаш, ама баш никогаш не сме се ПРЕДАЛЕ. Борбата за наша Кисела Вода започнува, јако до крај за ВМРО-ДПМНЕ, за ЛАВОТ наш гордо да се вее. Ќе победиме браќа!, напиша кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ ден по изборите.

На победа во вториот круг се надева и кандидатот на СДСМ, Филип Темелковски.

Ерата на локални шерифи заврши. Вака изгледа цела Македонија кога се гласа без притисоци, слободно и демократски. Извојувавме победа со над 1.600 гласови повеќе во трката за градоначалник, и повеќе од 1.000 гласови за советот. За жал тоа не беше доволно, и одиме во втор круг. Сега, нашата обврската кон вас ни е уште поголема, зошто нашата борба тука не завршува.
Нашата заедничка борба на овие избори 2017 е да му дадеме шанса на сонот за напредна, просперитетна и економски развиена Кисела Вода. Нашата борба е да имаме сигурни улици, паркови и градинки за најмалите. Нашата борба е да нема поделби, туку да бидеме услужна администрација за сите ваши желби и потреби. Таа наша борба, драги сограѓани, завршува на 29 Октомври, напиша Темелковски на Фејсбук ноќта по изборите.

На прашањето, дали се очекува пресврт во вториот изборен круг во Кисела Вода, Стојковски вели дека шансите за тоа се многу мали.

Не очекувам никаков пресврт во Општина Кисела Вода во вториот круг од локалните избори. Нема да има промена во резултатот, односно, СДСМ ќе остане во водство. Причината за тоа е прво, што гласачите на ВМРО-ДПМНЕ се разочарани од дебаклот на партијата на овие локлани избори, и втората причина е што луѓето се дополнително ослободени. Нема веќе списоци и притисоци за гласање. Луѓето сега гласаа против Никола Груевски – дециден е Стојковски.

Божиновски вели дека резултатите во вториот круг најмногу ќе зависат од тоа каква порака ВМРО-ДПМНЕ ќе им испрати на гласачите во периодов.

Сè ќе зависи од политиките на опозициската партија, каква порака ќе им испрати на гласачите. Ако таа порака е добра и силна, гласачите ќе излезат на гласање во вториот круг. Сега ништо не зависи, ниту од Тарчуловски, ниту од СДСМ. Ако раководството на ВМРО-ДПМНЕ не испрати добра порака, гласачите во вториот круг ќе излезат во уште помал број. Ќе си речат, веќе изгубивме и тоа е тоа, нема потреба да излегуваме, завршена е работата – посочува Божиновски.

Вториот круг од гласањето за локалните избори ќе се одржи на 29. октомври.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.