Какофонија од непроверени информации околу идејата за поделба на Косово

Српскиот портал Direktno.rs по повод посетата на Лавров на Белград тврди дека постои некаква нова димензија на руското влијание, но само врз паушални оценки.

Пишува: Стојан Синадинов

Српскиот портал Direktno.rs во текстот со изричит наслов „Русија му кажа НЕ на Вучиќ!“ („Rusija Vučiću rekla NE!“), тврди дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров при посетата на Србија на 18 јуни 2020 на српскиот претседател Александар Вучиќ ја пренел пораката од Москва дека Русија не ја прифаќа идејата за поделба на Косово и Метохија.

Според информацијата пласирана под вообичаената формулација „како што дознаваме“, без наведување на изворот, Русија е подготвена да ја спречи таа идеја и во Советот за безбедност на Обединетите Нации, како и тоа дека, наводно, Вучиќ му дал ветување на Ричард Гренел, американски дипломат – специјален претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за преговори меѓу Србија и Косово, дека ќе ја спроведе таа идеја за размена на територии. Во тој случај, според наводните сознанија на порталот, Москва би сметала дека е логично Вучиќ да поднесе оставка и да распише предвремени претседателски избори, за да ја провери поддршката на народот за тоа негово решение…

Оваа информација околу можниот напредок на дијалогот меѓу Белград и Приштина, кој повеќе од една година е замрзнат, заради регионалниот контекст е интересна и за нашиот медиумски простор, па е пренесена и од македонски портал. Како што е присутна и широка палета вести околу евентуалниот напредок на обновување на дијалотог меѓу Србија и Косово и можните решенија на тој нерешен спор.

Како што е најавено, на 27 јуни 2020 во Вашингтон треба да се оствари средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот претседател Хашим Тачи, со надеж дека Вашингтон ќе успее да ги унапреди преговорите за нормализација на односите меѓу двете земји. Специјалниот претставник на Доналд Трамп, Ричард Гренел, го закажа состанокот откако Србија потврдила дека привремено ќе ја запре кампањата што ја води за убедување на државите да го повлечат признавањето на Косово, додека истовремено, Косово се согласило да паузира со своите активности за добивање поголемо меѓународно признание.

Средбата во Вашингтон не се доведуваше под семневање и пред изборите во Србија што се оддржаа вчера на 21 јуни, бидејќи и пред изборите, речиси сите релевантни анализи не ја оспоруваа доминацијата на владејачката структура на Вучиќ, а сега по изборниот резултат е сосема јасно дека ќе се одржи. Од друга страна, пак, се поставува прашањето за улогата на Русија во оваа нова фаза во релациите Белград-Приштина.

Гитарата на Дачиќ за Лавров, доказ за расцеп во врвот на Белград!?

Српскиот портал Direktno.rs по повод неодамнешната посета на Лавров на Белград тврди дека постои некаква нова димензија на руското влијание, но само врз паушални оценки, како што е, на пример, времетраењето на разговорот.

Во разговорот што траеше подолго од планираното, заради што доцнеше и прес-конференцијата, Лавров јано му порача на Вучиќ: Нема трговија со Косово заради ЕУ интеграциите, нема столче за Косово во ОН и нема поделба на Косово и Метохија. Разоружан со овој тврд руски став, Вучиќ непосредно потоа изјави: „Ако е потребно да бидам недвосмислен, нашиот одговор ќе биде големо НЕ, но не разбрав какви врски има тоа со нашите руски пријатели. Но, добро…

Порталот тврди дека Вучиќ избрзано и коцкарски ветил дека ќе го омекне тврдиот став на Русија, бидејќи е голем пријатл на Путин, со кого се состанувал 17, 18 пати. Сепак, Вучиќ на 15 јуни телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, а на 24 јуни треба да остварат и средба во Москва за време на Парадата на победата, со која се одбележува 75-годишнината од победата над Фашизмот. Значи, непосредно пред српско-косовската средба во Вашингтон ќе имаме појасна слика околу руската улога.

Понатаму, порталот шпекулира и дека Лавров има сојузник-џокер за тврдите руски ставови за Косово во српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, кој за време на белградската средба на неговиот руски колега му подарил гитара. Потенцирано е дури и дека портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова тој потег го постирала на нејзиниот Твитер акаунт, но тоа и треба да се очекува од „десната рака“ на Лавров?

Од друга страна, пак, има и сериозно разногласие во западниот политички блок околу српско-косовскиот спор. По критиките дека ја забрзува разврската на косовскиот чвор со наводно поддржување на размена на територии, специјалниот претставник Ричар Гренел се огласи со тврдења дека зад таа идеја не стоел Доналд Трамп, туку неговиот некогашен советник за национална безбедност Џон Болтон, чии мемоари ја разбрануваа јавноста во предизборна Америка. Во новата препирка се вклучи и известувачот на Европскиот парламент за Косово, Виола фон Крамон,тврдејќи дека сега Болтон треба да биде виновен за сè.

Но,  угледниот американски дневник „Њујорк тајмс“ тврди дека САД со форсирањето на договорот меѓу Белград и Приштина ги расипува односите со нејзините сојузници.

За РСМ единствено е важно да нема „домино ефект“

Во регионален контекст „загревањето“ за решавањето на српско-косовскиот спор го почувствува и Република Северна Македонија. Пред еден месец претседателот Стево Пендаровски изјави дека „решенијата што би довеле до корекција на границите и размена на земја и луѓе, би можеле да имаат неповолно влијание во регионот и да предизвикаат штетен ефект врз сеопфатните напори вложени во пост-конфликтниот период за закрепнување на регионот и градење стабилни мултиетнички општества“. Овој став, изнесен за приштинска „Газета Експрес“ ја налути соседна Србија, најпрвин со остра – па дури и вулгарна – реакција од министерот за одбрана Александар Вулин, а потоа и на претседателот Вучиќ.

Во најновата изјава (21 јуни) околу евентуална промена на границите меѓу Косово и Србија, ставот на Пендаровски е тоа „да нема домино ефект во регионот“ (интервју за „Радио Слободна Европа“, по 12 мин. и 30 секунди).

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција