Какви се правилата на „Рамбл“, брзорастечката платформа со претставништво во Македонија?
Основана во 2013 година, платформата е дизајнирана како алтернатива на „Јутјуб“ за мали креатори на содржина. Но, многу брзо почна да се гордее со тоа што е спротивна на останатите технолошки фирми. Според нивната страница „Рамбл“ е „имун на кансел-културата“ (cancel culture) и цели да го „врати интернетот на неговите корени, правејќи го повторно слободен и отворен“. Но, обвинувањата за содржините се множат
Основана во 2013 година, платформата е дизајнирана како алтернатива на „Јутјуб“ за мали креатори на содржина. Но, многу брзо почна да се гордее со тоа што е спротивна на останатите технолошки фирми. Според нивната страница „Рамбл“ е „имун на кансел-културата“ (cancel culture) и цели да го „врати интернетот на неговите корени, правејќи го повторно слободен и отворен“. Но, обвинувањата за содржините се множат
Пишува: Мирослава Симоновска
Во петокот врховниот суд на Бразил ја суспендираше видеоплатформата „Рамбл“ да не емитува во оваа земја. Врховниот судија Александре де Моралес одлуката ја објасни со тоа што на 9 февруари му наредил на „Рамбл“ да ја блокира сметката на Алан дос Сантос, инфлуенсер близок до поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро и да му оневозможи да заработува пари од профилот, што не било испочитувано. За инфлуенсерот Алан дос Сантос има потерница за апсење во Бразил поради истрага за ширење дезинформации и говор на омраза и тој моментално се наоѓа во САД. „Рамбл“ одговори дека се соочува со „цензура без преседан во Бразил“ и дејствата наредени од судијата Моралес доаѓаат „како одговор на нивното одбивање да цензурираат политички дисиденти што живеат во Америка“. Компанијата откри дека бара правни механизми да одговори на наредбата за затворање во Бразил.
„Рамбл“ отвори претставништво во Северна Македонија
Личната карта на „Рамбл“ – спротивставување на „кансел културата“
Како што поминуваа годините, Рамбл експоненцијално растеше, како што малите креатори продолжуваа да бидат истиснувани од актуелните платформи. Неодамнешниот раст на „кансел-културата“ и субјективната контрола врз информациските текови, креираше забрзана потреба за платформи како „Рамбл“ кои ги поддржуваат различните размислувања, автентичното изразување и потребата за отворен дијалог. Како резултат на тоа, „Рамбл“ порасна од 1,6 милиони активни корисници месечно во просек во 2020, до рекордни 36 милиони такви корисници во 2021, пишува на страницата на платформата.
Иако не беше креиран за вести, од некоја причина стана голем извор на вести. Според „Pew Research“ три четвртини од оние што редовно ги добиваат вестите преку Рамбл, се идентификуваат како републиканци, или пак, се наклонети кон Републиканската партија. Контрастно на тоа, 22 проценти се идентификуваат како демократи. Најпопуларните сметки на платформата се на физички лица, не на организации. Четвртина од тие креатори, биле банирани или оневозможено им било да прават пари на други сајтови на социјалните мрежи, според анализа на Pew на 200 многу следени профили, пишува Гардијан.
Покрај Расел Бранд, кој редовно објавува теории на заговори и критики за мејнстрим медиумите, тука е и Руди Гулијани, поранешниот градоначалник на Њујорк како и Ендру Тејт, познат по својата мизогенија. Тејт има над 1.6 милиони следбеници.
Платформата исто така ја користи Алекс Џонс, теоретичар на заговори кој го бранеше Бранд и на кој му беше наредено да плати 1,5 милијарди долари за отштета на семејствата на масакрот во училиштето „Сенди Хук“ откако невистинито тврдеше дека нападот бил измама и невистина.
Какви правила за содржина има „Рамбл“?
„Рамбл“ тврди дека се спротивставува на цензурата и дека се гордее во тоа што е една од „неутралните“ и „независни“ платформи. Но, платформата добива и обвинувања дека масовна гледаност имаат видеоматеријали со дезинформации и невистини за гласачка измама. Но, на „Рамбл“ има правила коишто се дизајнирани да ограничат некои видови содржини.
Меѓу содржините што се забранети со политиките за користење (овде) се содржини или материјали што се предмет на туѓи авторски права. Не е дозволено да се споделуваат содржини кои се туѓи без експлицитна дозвола од оној којшто ги има авторските права. Не е дозволено да се објавуваат материјали кои се порнографски, непристојни, содржини што се со сексуална содржина, ниту материјали што се широко навредливи за онлајн заедницата како расистички, антисемитски содржини и омраза.
Правилата за користење не дозволуваат материјали што промовираат, поддржуваат или поттикнуваат насилство или противзаконити дејствија, како и материјали поврзани со Кју Клукс Кланот или Антифа групите, бели супремацистички групи. Не се дозволува промоција или поддршка на ентитети и лица кои од страна на владите на Канада и САД се означени како терористи или како терористички групации.
На „Рамбл“ не се дозволуваат материјали што ги експлоатираат децата под 18 години или, пак, откриваат нивни лични податоци. Корисниците не смеат да објавуваат содржини или материјали што промовираат или пак нудат инструкции за тоа како да се извршат незаконски дејствија, ниту материјали што промовираат наштетување или предизвикување на повреди на која било група, индивидуа. Се забрануваат и материјали со промоција на насилство кон животни. Според правилата за користење, не смее да се поставуваат ниту надворешни линкови кои ќе водат до надворешни платформи каде што вакви содржини се поставени.
„Рамбл“ има сопствено дискреционо право да одлучи дали некој материјал е дозволен и сите материјали што се доставени, може но не мора да се предмет на испитување пред да се достапни на сервисот. Се согласувате дека „Рамбл“ го има апсолутното право, но не и обврска, да забрани, одбие, избрише, премести или измени некоја содржина и материјал од која било причина, на кој било начин во кое било време, без да ве извести. Треба да знаете дека со посетувањето на „Рамбл“ сајтот преку „Рамбл“ плеерот за видеа, може да бидете изложени на материјали што сметате дека се навредливи или несоодветни и го претпоставувате ризикот и сопствената одговорност за вашето изложување на таквите материјали или содржини, пишува во условите за користење на „Рамбл“.
Сајтот располага и со механизам за пријавување на содржини што се спротивни на политиките на „Рамбл“, преку пишување на порака на [email protected].
Во 2023 година „Рамбл“ поднесе федерална тужба против непрофитна организација што ги обвини дека овозможуваат дезинформации. Во тужбата на Рамбл, тие посочуваа дека со нефер практики и клевети, непрофитната организација се обидува да го демонетаризира Рамбл, односно да ги избрка огласувачите.
Споредба со Јутјуб
Споредено со платформата Јутјуб, „Рамбл“ има помал број корисници. Јутјуб има повеќе од 2,7 милијарди месечни активни корисници во февруари 2025 година. Единствената платформа со повеќе активни корисници отколку Јутјуб е Фејсбук, со 3,6 милијарди корисници. Од 5.17 милијарди корисници на светско ниво, 52 проценти пристапуваат на Јутјуб.
Политиките за користење на Јутјуб се опсежни. Не се дозволува вештачки да се „пумпа“ бројот на прегледи, допаѓања, коментари преку автоматизирани системи. Се забрануваат содржини што ги таргетираат малолетниците со сексуални тематики, насилство, непристојност или други теми за возрасни несоодветни за млада публика. Исто така, се бара од корисниците на Јутјуб да ја ограничат возраста за публиката за која е наменета нивната содржина. Вулгарниот јазик е недозволен за публика под 18 години а експлицитните содржини што ги злоупотребуваат овие политики може да доведат до тоа Јутјуб да ја ограничи возраста на луѓето што може да пристапуваат до содржината, но и до отстранување на истата.
На Јутјуб не се дозволуваат содржини што го ограничуваат правото на гласање или штетно влијаат врз изборните процеси. Содржините што целат да ги насочат гласачите погрешно за времето или местото на гласање на пример, се отстрануваат. Содржините што промовираат невистинити тврдења поврзани со техничките можности на актуелни политички кандидати, се недозволени. Исто така недозволени се содржини што ги охрабруваат другите да се мешаат во демократски процеси, како и да прекинуваат гласачки процеси. Забранети на Јутјуб се содржини што промовираат невистинити тврдења за измама и грешки во минати избори. Или, пак, содржини што тврдат дека сертифицирани резултати од тие избори биле „лажни“. Овие политики се апликативни за изборите во Бразил од 2014, 2018 и 2022 година.
Јутјуб експлицитно во своите правила за користење наведува дека не се дозволуваат дезинформации против вакцини и превентивни здравствени мерки. Не се дозволуваат содржини што промовираат информации контрадикторни на здравствените авторитети, за одредени здравствени состојби, ниту пак промоција на опасни практики коишто не се одобрени од здравствените власти дека се безбедни и ефективни, или пак за кои е потврдено дека предизвикуваат сериозна штета.
Политиките за користење се многу детални и вклучуваат инструкции за спречување вознемирување и сајбербулинг, опасни и штетни содржини, говор на омраза, презентација на насилни криминални организации, насилни или експлицитни содржини, оружје и продажба на нелегални или регулирани добра и услуги.
Зошто „Рамбл“ расте?
Во врска со „Рамбл“ Ник Њуман од „Ројтерс институтот за новинарство“ на Оксфорд Универзитетот вели:
Специфичната празнина којашто „Рамбл“ ја пополнува се покажа како растечки бизнис потпомогнат од теориите на заговори за вакцините против ковид. Не е коинциденција што големиот раст на корисници дојде меѓу 2020 и 2021 година. Како што другите платформи притискаат на екстремните потпалувачки погледи со закани за поголема регулација, просторот за „Рамбл“ уште повеќе се отвора. „Рамбл“ останува мрежа со мала но политички ангажирана публика главно десничарски ориентирана.
Според Њуман, таа длабока ангажираност, здружена со анти-мејнстрим медиумскиот наратив обезбедува плодни услови за монетанизација на повеќе начини – реклами, донации, производи, настани и фестивали.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар