Каllxo.com: Извртување на контекстот и манипулација со изјавата на Блерим Река

 

Министерот за европски интеграции, Блерим Река, на 5 март беше гостин на емисијата „ Животот во Косово“ ( Jeta në Kosovë). За време на ова интервју, Река изјави дека ако конечниот договор е Косово да oбезбеди место во ОН, треба да се разгледа каква е компензацијата или „жртвата“ што треба да ја направи Косово за да го добие тоа место. Каllxo.com ја провери изјавата на Река, како и реакциите и (зло) употребата на ова изјава од опозициските актери.

На прашањето на новинарката Јета Џара дали министерот Река ќе ги води преговорите и ако се каже дека „мора да ѝ се даде нешто на Србија доколку Косово сака место во ОН“, министерот Река го искажа неговиот личен ства за ова прашање:

Да. Наместо тоа што се зборува, или како што се квалификуваа, наводно, давање територија на Србија, јас имам друга понуда. Ние на Србија можеме да ѝ дадеме транзитен коридор за пристап до Јадранското Море преку Косово, преку косовскиот автопат, до Драч, и ми се чини „фер“ компромис за Србија. Ние не можеме да го разменуваме местото во ОН – за делови од територијата на Косово, тоа е премногу. Но, не е малку ако ѝ се даде пристап (на Србија н.з.), рече Река.

Тој кажа дека Србија, по нарушувањето на односите со Црна Гора, нема да може да го добие пристапот до Јадранското Море преку Тиват.

 За Србија ќе биде многу полесно и тука ја разгледувам иницијативата „Берлин 2014“ и на Меркел за автопат или патен коридор што ќе ја поврзе Србија со Јадранското Море, Драч. И ова е исклучително голем компромис што може да го направи Косово , изјави Река.

Настапот на Река предизвика остри реакции од опозициските партии. Имено, најпрвин ДПК имаше реакција за овој случај, со видлива намера да манипулира  со изјавата на Река.
Демократската партија на Косово смета дека идејата промовирана од Владата на Албин Курти, имено нејзиниот министер Блерим Река, кој како компромис за конечниот договор предложи коридорoт за пристап до Јадранското Море да биде отворен за Србија, е крајно опасна, што би и направило голема корист на српската држава, притоа загрозувајќи го постоењето на Kосовската држава, се вели во соопштението на ДПК

Манипулативен тон се  гледа и во реакцијата на поранешниот премиер Рамуш Харадинај. Според него, Река предложил таков компромис со Србија, кој наводно ќе овозможи, враќање на Косово во Србија и  отварање на патот за влез на Србија во Албанија.

Оваа катастрофална втора понуда ѝ овозможува на Србија да влезе во Албанија и да го оствари својот вековен сон за освојување на албанските земји. Овој министер мора веднаш да поднесе оставка пред да биде побарано да го стори тоа. Овие опасни политички изјави и однесување на Владата со измама, еднаш со укинување на таксата, а сега со понуда за пристап до Јадранот, произведуваат последици и капитулација “, напиша поранешниот премиер Харадинај на Фејсбук.

Во овие реакции на ДПК и на Харадинај, се гледа тенденција за манипулација и спинување на изјавата на Река, и тоа тргнувајќи од фактот дека изјавата на министерот за европски интеграции беше дадена како негово лично видување на хипотетичкото прашање на новинарката.

Имено, министерот Река ниту ијзави дека ова е официјалниот пристап или став на косовската Влада во преговорите со Србија, ниту пак, рече дека  е дел од стратегијата на Владата за преговорите, туку само даде свое лично гледиште. Исто така, важно е да се напомене дека Река  во ниту еден дел од изјавата не зборува за загрозување на територијата или измена на границата, како што тврди опозицијата.

Впрочем, тоа е објаснето и во реакцијата на Река по обвинувањата од опозицијата:

По мојата изјава дека не можам да одговорам на хипотетички прашања, дека никој не се осмелува да даде територија – за место во  ОН, затоа што за територијалниот интегритет не се преговара, на инсистирање на новинарката што тогаш би можеле да сториме за да го добиеме местото во ОН, реков дека можеби како евентуална идеја е да ѝ се дозволи на Србија да транзитира низ нашиот автопат кон Јадранското Море. Значи, нешто што и досега ѝ беше дозволено на Србија и што беше изнесено како идеја дури и на Берлинскиот процес од 2014 година “, се вели во реакцијата на Река.

Дека и минатата влада работела токму на овој проект за автопатот за кој зборува  Река, покажуваат и изјавите  кои тогаш ги даваа некои министри. Имено, поранешниот министер за инфраструктура во Владата на Косово, Лутфи Жарку  за овој автопат изјави дека Европската банка за обнова и развој спроведува физибилити студија за проширување на автопатот „Ибрахим Ругова“ од Бесија од Мердаре за да се поврзе со автопатот што минува низ Прешево, А министерот Пал Лекај во изјава за „Индексонлајн“ на 26.05.2018 година рече дека иако овој проект има свое значење, српските работи со оние на Косово се целосно одвоени. За делот од овој автопат во Косово, Лекај посочи дека проектот ќе биде готов оваа есен.

Затоа, реакциите на опозицијата, која до скоро беше на власт и ваквите идеи и процеси ги сметаше како прогресивни, а сега ја извртува изјавата на Река и обвинува за „загрозување на косовската територија и капитулација“ , се манипулативни и тенденциозни.

 

Пишува: Егзон Дахсула

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен од страна на Internews Kosova од Приштина и е објавен во соработка со Фондацијата Метаморфозис од Скопје, Северна Македонија во рамките на нивниот проект Fostering Improved Media Standards (Развивање на подобрени медиумски стандарди), чија имплементација е помогната од страна на Националната фондација за демократија (National Endowment for Democracy – NED) од Соединетите Американски Држави.

Оставете реакција