„Кам“ маркет не доделува награди за оние што ќе коментираат „честитки“

Станува збор за лажна наградна игра  споделена од страница која не е во сопственост на Кам маркетите. Кам маркетите имаат верифицирана страница на Фејсбук со сино знакче и самите апелираат дека секоја комуникација што не доаѓа од оваа страница – не е нивна

Станува збор за лажна наградна игра  споделена од страница која не е во сопственост на Кам маркетите. Кам маркетите имаат верифицирана страница на Фејсбук со сино знакче и самите апелираат дека секоја комуникација што не доаѓа од оваа страница – не е нивна

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Здраво на сите, За да го прославиме роденденот на @Kam Market, сите што ќе напишат „Честитки“ на нашата СТРАНА пред 21 февруари 2025 година ќе добијат ексклузивни награди во форма на специјални кеси за подароци, мобилни телефони, готовина и други ваучери за купување. Со среќа.

Станува збор за невистина. Објавата не доаѓа од официјалната фан страница на Кам, маркетите туку од нова и специјално креирана фан страница што има слично, но сепак различно име. Официјалната страница на Кам маркетите на Фејсбук има 333 илјади следбеници, разработена е, има контакти, редовни промоции, комуникација со купувачите и споделување на најновите информации за продажниот асортиман. Исто така, препознатлив знак дека се работи за официјална страница на ланецот маркети за продажба на прехранбени производи, претставува и синото знакче до името.

Почитувани потрошувачи, Ве известуваме дека Facebook и Instagram профилите на КАМ маркет се официјално верифицирани! Што значи ова за вас? Сината значка ☑️ до нашето име е знак на автентичност и потврда дека ова е единствениот официјален профил на нашиот бренд. Тоа ви гарантира дека информациите ги добивате директно од нас. Исто така, ве советуваме да бидете внимателни: Доколку наидете на наградни игри кои не се објавени на овие верифицирани профили, ве молиме игнорирајте ги. Секогаш проверувајте ја сината значка за да бидете сигурни дека сте на вистинското место. Ви благодариме што сте дел од нашата заедница и што ни ја укажувате вашата доверба!, објави Кам. 

За разлика од официјалната, лажната страница од каде се споделува лажната наградна игра, има само 1.300 луѓе што ја следат и само 2 рецензии.

Во склоп на невистинитата наградна игра, во единствената објава на лажната страница се бара да „ја споделите оваа објава“ што допринесе таа да стане исклучително вирална со 3.500 споделувања и 1.200 допаѓања. Потоа граѓаните добиваат порака во инбокс, со прашање во кој град живеат и потоа им се даваат инструкции со следната содржина:

Главниот услов да ја добиете наградата е да ја споделите нашата објава на 10 до 15 групи на Фејсбук пред да заврши настанот. Ќе ви дадеме 15 минути да ја споделите нашата објава. Откако ќе завршите со споделување, ве молиме почекајте да ве контактираме бидејќи нашиот тим ќе провери колку сте споделиле. Споделете сега!

Ваквите наведувачки и манипулативни пораки се со единствена цел граѓаните да учествуваат во ширењето на невистинитата порака, која не доаѓа од Кам маркет туку од некој што се претставува лажно во име на маркетот. Кога граѓаните доаѓаат до најави за евентуални наградни игри, треба да внимаваат на нивната веродостојност, која најдобро се проверува кога ќе се види дали доаѓаат од официјална или од лажна страница на Фејсбук како што е во случајов.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција