Каматата на кредитите од ЕИБ за мали и средни претпријатија сè уште е 5,5 отсто
Ќе овозможиме намалување на каматната стапка на кредитната линија од ЕИБ од сегашните 5,5% на 3% годишно. Во моментните услови на пазарот, каматна стапка од 5,5% не може да се третира како поддршка.
[Извор: Програма на СДСМ за предверемените парламентарни избори во 2016 г. „План за живот во Македонија (стр. 209), датум: ноември 2016]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
За предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.) СДСМ вети дека во првите шест месеци од мандатот ќе овозможи намалување на каматната стапка на кредитната линија од ЕИБ (Европска инвестициона банка) од сегашните 5,5% на 3% годишно. Ова изборно ветување на социјалдемократите досега (07.06.2018 г.) не е исполнето.
Споменатото ветување на СДСМ е дадено во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“ , во „Планот 180 – итни реформски приоритети на новата влада во првите 6 месеци“, во делот „Нови работни места повеќе пари кај граѓаните поддршка за домашните фирми“ ( стр. 209). Што значи, според рокот за реализација наведен во програмата (првите шест месеци од мандатот), намалувањето на каматната стапка на кредитната линија од ЕИБ од 5,5 на три отсто годишно, требаше да биде направено најдоцна до крајот на ноември 2017 година – со оглед на тоа што новата Влада на премиерот Зоран Заев беше избрана на 31 мај 2017 година. Сепак, наспроти ваквите планови досега (07.062018), иако се поминати повеќе од една година од формирањето на Владата, тоа не се случи.
Како што може да се види на веб-страницата на Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) преку која оди оваа кредитна линија за мали и средни претпријатија, како и на интернет страниците на неколку банки ( Комерцијална банка, Охридска банка, Прокредит банка, ТТК банка, Халк банка, Стопанска банка – Битола ), кај кои заинтересираните може да поднесат барање, каматната стапка за овие кредити не е променета, односно сѐ уште е 5,5 отсто.
Имајќи предвид дека рокот за реализација на ветувањето ( крајот на ноември 2017 г.) е поминат, а досега (07.06.2018) каматата за кредитите од ЕИБ преку МБПР не е намалена на три отсто, го оценуваме како неисполнето.
ИЗВОРИ:
- Програма на СДСМ за предверемените парламентарни избори во 2016 г. „План за живот во Македонија ( стр.209) [Пристапено на: 07.06.2018]
- Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР): Кредити за мали и средни претпријатија [Пристапено на: 07.06.2018]
- Комерцијанла банка: Кредитна линија од ЕИБ реализирана преку МБПР за учество во програмата за кредитирање на мали и средни претпријатија [Пристапено на: 07.06.2018]
- Охридска банка: Кредитна линија од Европска инвестициона банка преку МБПР [Пристапено на: 07.06.2018]
- Прокредит банка: Кредитна линија од Европска Инвестициона Банка за финасирање на проекти превземени од мали и средни претпријатија преку МБПР [Пристапено на: 07.06.2018]
- ТТК банка: Кредитна линија од Европска инвестициона банка (ЕИБ) реализирана преку МБПР, наменета за кредитирање мали и средни претпријатија и приоритетни проекти [Пристапено на: 07.06.2018]
- Халк банка: МБПР – ЕИБ: Каматни стапки и услови [Пристапено на: 07.06.2018]
- Стопанска банка Битола: Кредит за трајни обртни средства од МБПР – ЕИБ за инвестиции [Пристапено на: 07.06.2018]
Оцени: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар