Камери кои регистрираат сообраќајни прекршоци биле мета на вандализам, но не кај нас

Објавата и насловот на написот споделен во неа немаат никаква врска со С. Македонија, но тоа намерно не е никаде нагласено со цел објавата да биде што повидлива и да собере повеќе реакции.

Објавата и насловот на написот споделен во неа немаат никаква врска со С. Македонија, но тоа намерно не е никаде нагласено со цел објавата да биде што повидлива и да собере повеќе реакции. Објавата што ја анализираме, пласирана на овој начин, многу лесно асоцира на тоа дека камерите масовно се кршеле кај нас, што е видливо и од коментарите под неа

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

Масовно кршење на камерите: Голем број камери беа искршени или избоени – ПОВЕЌЕ НА ЛИНКОТ

Објавата е придружена од фотографија на која се гледаат камери кои регистрираат сообраќајни прекршоци.

Деновиве кај нас е популарно пуштањето во употреба на системот „Безбеден град“ (Safe city) за автоматизирано регистрирање сообраќајни прекршоци којшто е во пробен период со цел да се види како ќе функционира.

Имено, до Нова година возачите ќе добиваат само предупредување, односно известување за сторен прекршок, без изрекување казни, а од јануари идната година системот ќе почне целосно да се применува. Сторителите на прекршоци, велат од МВР, ќе бидат документирани преку системот „Безбеден град“, а потоа и санкционирани согласно одредба што ја регулира најголемата дозволена брзина на движење на возилата.

Пуштањето во употреба на системот предизвика многу реакции на социјалните мрежи. Оттука, објавата што ја анализираме, пласирана на овој начин многу лесно асоцира на тоа дека камерите масовно се кршеле кај нас, што е видливо и од коментарите под неа.

Но, кога ќе го отворите линкот што го нуди објавата за повеќе информации, ќе видите дека настанот нема никаква врска со С. Македонија, ниту пак, со нешто актуелно.

Написот информира за тоа дека ваквите камери не се ништо ново и дека тие одамна се поставени во други држави, како и дека во Европа се цел на вандалски чинови како кршење и фрлање; бојадисување или покривање на леќите; сечење кабли; дигитални напади што ги оневозможуваат системите.

Во Франција, за време на протестите на „Жолтите елеци“, десетици радари и камери беа уништени. Во Лондон имаше намерно пресечени кабли и опожарени уреди, а во Холандија хакерски напад ги оневозможи дел од камерите за брзина. На Балканот ситуацијата е слична – во Грција и Бугарија повеќе пати се пријавени уништени и обоени камери. Сите овие случаи покажуваат дека отпорот кон автоматизираните системи е глобален проблем, а „Безбеден град“ ќе мора да се справува не само со техничките предизвици, туку и со намерни саботажи – и физички, и дигитални – за да обезбеди стабилна и безбедна работа, стои во написот.

Значи, објавата и насловот на написот споделен во неа немаат никаква врска со С. Македонија, но тоа намерно не е никаде нагласено со цел објавата да биде што повидлива и да собере повеќе реакции.

Поради тоа, истата ја оценуваме како објава на која ѝ недостига контекст.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција