Кампањи и заговори: После Сорос – Бил Гејтс

 

Оркестрираните напади врз неколку милијардери, познати филантропи, како заговорници на смалување на популацијата не е нова. Имаше свој извор во работата на група интелектуалци од т.н. Римски клуб во 60-тите години, на теориско ниво. Но, оваа интрига, како и короната, има пандемиско ниво и се чини дека го има својот центар на некои поисточни координати, кои долго не можеа да се сокријат. Колку за нас, за таа кампања и тука постојат многубројни „курири“

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Меѓу многуте наводни непријатели на  државата во последните месеци е инаугуриран и еден од најбогатите луѓе на планетата – Бил Гејтс. Неговото име се појавува главно на социјалните мрежи, иако е сосема јасно дека се работи за оркестрација: неколку креирани „сознанија“ во некој центар едноставно се повторуваат, се шират и патем доживуваат некакви апликации, во зависнот од фантазијата и амбициите на сопственикот на сајтот од каде се јавува истрелувањето на „отровната стрела“ кон споменатиот бизнисмен и филантроп, како што ретко постои во мигот на планетата. И самиот добив неколку пораки од тој тип од луѓе од кои не би очекувал дека би наседнале на ваквите кампањи. Тоа беа телефонски разговори – луѓето не сакаат да бидат видливи ако своето мислење го стават на интернет ама затоа на телефон можат да ги изнесат своите ставови?!

Врзувањето на Бил Гејтс за актуелните пораки поврзани за некаква црна иднина на планетата е дел од кампањата која поаѓа од наводното сознание дека пандемијата со ковид-19 е дел од калифорниската лабораторија, која има цел: да донесе големо богатство на еден или на група Амриканци (под „а“), односно да го намали населението за да се намали притисокот врз планетарние ресурси (под „б“). Кампањата многу наликува на онаа која се врзуваше со Џорџ Сорос и неговата Фондација, која имаше политичка заднина, а сега постои проста замена на името на овој филантроп во групата на наводните сеопшти непријатели. Со тоа што, веројатно, и по инерција и двете имиња често се врзуваат заедно! Еве еден пример на  социјалната мрежа „Фејсбук“:

Пазете Македонци имаат и друг план – присилно да ве тестираат и закаонски тестовите да покажуваат дека 90 отсто сте позитивни. Ќе прават раздор меѓу народот – пожелни и непожелни. Не дозволете да ве тестираат и да ве стават во регистер за тестирање. Бидете претпазливи – тактиката на Сорос и Гејтс е на добар начин ова да го изведат ….Не им верувајте на платените Соросови национални медиуми, тие се соучесници во оваа ујдурма….

Се разбира, во сето ова нема никаква логика (големите и мали букви и точките се наши, текстот – бланко е со големи букви и без интерпукциски знаци), но тоа е само дел од вистинската наезда на бесмислени обвинувања за тоа како настанал вирусот, што е целта на „создавачите“, при што соединетите имиња на Сорос и Гејтс само го издаваат изворот на овие неверојатни пропаганди.

Еден наш портал објави  текст  што говори за некаков светски заговор кој го водат „милијрдерите  Бил Гејтс, Мајкл Блумберг и новиот Сорос Пјер Омедијар“ . Во написот се вели дека:

Низ светот простриуи молскавично навидум неверојатна, но како што се покажа, поткрепена и со докази и сосема реална теорија, според која коронавирусот е дело на група милијардери.

Без да се испорачаат доказите и фактите, текстот продолжува со нафрлувањата од типот дека оваа група  „преку короната  се обидела да го сруши Доналд Трамп и во годината на избори во САД да докаже  дека американскиот претседател е неспособен“!

Се споменуваат „заверениците“ – глобалистички организации  – Институтот „Џон Хопкинс“, здравствениот форум на „Блумберг“ и економскиот форум на Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс. Се споменува дека Гејтс некогаш рекол дека популацијате во светот е преголема, но никаде нема ниту еден цитат или нешто поблиско од обичното уфрлување на таа „констатација“, која како и другите никаде нема каков било корен. Малку познатиот Пјер Омедијар тука е претставен како сопственик на интернет провајдерска мрежа и како син на професорот Хопкинс. И што докажува тоа? Дека биле подржувачи на Бил Клинтон (!) , а овој бил создавач на т.н. „длабока држава“. Да не одиме во детали, да речеме дека зад овие тези има многу инвенција на ексбезбедњаци од Белград, а впрочем и целиот текст е преземен од српски „Телеграф“, кој пак, воопшто не важи за медиум кој е релеватен и наслонет на факти. Едноставно е дел од „жолтото друштво“.

Кога сме кај Белград, да реме дека оттаму ни доаѓа и подолгата изјава на д-р Драгослав Поповиќ, некогашен најблизок соработник на Бил Гејтс. Тој се осврнува на извештаите во медиумите, каде Бил Гејтс беше обвинет за „трговија со вакцини“, за узурпирање на Светската здравствена организација, за живеење во бункер, за знаење на сè за „Ковид 19“ уште во 2015 година, кога тој предупредил дека заканата за светот не е нуклеарна војна, туку заразен вирус што би ја загрозил планетата.

Како човекот кој прв посочи на опасност од нова пандемија стана главниот виновник и омилена цел на теоретичарите на заговор – се прашува јавно д-р Поповиќ за утринската програма на ТВ Прва.

Тој, инаку, е научникот кој бил консултант за УНИЦЕФ и Светска банка и претседател на Здружението за јавно здравје на Србија, човек кој работел со Фондацијата Гејтс, но и со славниот американски доктор Ентони Фаучи.

Гејтс беше еден од најсилните застапници на подготовките за оваа пандемија и тој зборуваше за тоа јавно и елоквентно години наназад, но очигледно е дека оние што беа одговорни за таа подготовка ја прескокнаа таа задача, па сега не се во многу пријатна ситуација, вели д-р Поповиќ.

Овој доктор, инаку, работел во борбата против детската парализа и со ширењето на вакцинацијата на африканската популација на деца.

Соочен со овие напади и самиот Бил Гејтс се огласи со интервју во углдниот париски весник „Ле Фигаро“. Во бројот од крајот на април (2020) американскиот милијардер не испрати многу утешна порака: „Нема да се вратиме во нормалниот живот барем уште две години“, вели тој. Гејтс додава дека во првата фаза е можно да се воспостави, преку тестови, систем на мерки што ќе го спречат експоненцијалното ширење на вирусот, како што видовме првично.

Сепак, нема да биде возможно да се вратиме во нормала, бидејќи, луѓето го сменија своето однесување од страв да не бидат заразени. Дури и ако владите тоа ќе го дозволат, граѓаните нема да се вратат на стадионите додека не се докаже дека терапиите или вакцините целосно го елиминираат ризикот од смрт од инфекција , рече Бил Гејтс.

На прашањето што мисли за оние што го обвинуваат за сопствен интерес, Гејтс тврди дека неговата поддршка за производство на вакцини е од целосно добротворна природа и дека тој сега е целосно посветен само на борбата против коронавирусот.

Нашата фондација служи за обезбедување на пари, да спаси животи, не заработуваме од нашите проекти, вели тој. „Ние сме во состојба да ја намалиме цената на пример кај вакцините против детска парализа затоа што гарантираме да купуваме големи количества во текот на многу години. Ова им овозможува на компаниите на кои им ја даваме оваа гаранција да градат фабрики чии производи ќе имаат загарантирана продажба “, објаснува Гејтс и додава:„ Ако тие инвестиции носат профит – тие одат во нашата фондација како целина и тоа ни дава нови пари за да ги искоренеме маларијата и детската парализа. Јас веќе не сум бизнисмен ако се работи за бизнисмен кој сака да го зголеми профитот “. „Чудно ми е што луѓето сакаат да ја искористат оваа епидемија за да ги промовираат своите идеи. За време на пандемијата, немаше прекин во снабдувањето на медицински производи на пазарот. Кина денес е најсигурен снабдувач на медицински производи, особено кога се споредува со западните земји, кои не реагираа толку брзо на кризата (…) Оваа криза не треба да служи за ширење на ксенофобијата , вели Бил Гејтс во интервјуто за „Ле Фигаро“.

Но, има ли оваа теорија на заговор,  растурена преку стотина илјади мали и големи „загарчиња“, „курири“ кои се распиштолиле по социјалните мрежи, а и во многу медиуми, свој извор. Деновиве таа можна централа како да се откри!

Руската државна телевизија во својата петочна дебатна емисија „Земјата и законот“ во ударен термин на 24 април објави бизарна сторија , според која основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс е одговорен за пандмеијата на вирусот ковид-19. Само што тука имаме и друг „сојузник“ – Доналд Трамп. Сторијата која трае 15 минути и се базира на присобрани материјали одново од пишувања на медиуми и „сознанија“ на интернет, доаѓа на програмата тогаш кога ЕУ ја обвини Русија дека ги превртува информацијата за потеклото на коронавирусот  Се цитираат изјави без никаков контекст, а во центарот на обвинувањата е ставен Гејтс  како дел од друштво кое сака да се намали бројт на жителите на планетата?! Денес Русија има над 200 илјади заболени од овој вирус и во почетокот властите велеа дека тие ја контролираат ситуацијата со болеста, ама потоа излезе дека состојбата е далеку од контрола. Сега им треба виновникот…

Ова теорија инаку не е нова, бидејќи своевремено т.н. Римски клуб, основан на крајот на 60-тите години, кој имаше членство на 100 еминентни научници,  објави истражување „Граници на растот“, каде се изразува загриженост дека Земјата не може со овие ресурси да издржи сегашен раст на популацијата. Но, само да напоменеме дека оттогаш бројот на жителите се зголеми за половина (за три милијарди луѓе). И никој не можеше тоа да го спречи.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција