Канада не нуди евтаназија за лица со несакани последици од ковид вакцини
Не е вистина дека во Канада е воведена нова програма за евтаназија како поддршка на лица со несакани последици од ковид вакцина. Не постои нова програма за евтаназија, ниту нова програма за поддршка на повредени од вакцини во Канада. Програма за поддршка на лица со несакани последици од вакцини во Канада е јасна и јавно достапна. Во неа се предвидува финансиска поддршка, а не се нуди евтаназија. Второ, постојат строги критериуми за медицинска асистенција за евтаназија во Канада.
Не е вистина дека во Канада е воведена нова програма за евтаназија како поддршка на лица со несакани последици од ковид вакцина. Не постои нова програма за евтаназија, ниту нова програма за поддршка на повредени од вакцини во Канада. Програма за поддршка на лица со несакани последици од вакцини во Канада е јасна и јавно достапна. Во неа се предвидува финансиска поддршка, а не се нуди евтаназија. Второ, постојат строги критериуми за медицинска асистенција за евтаназија во Канада.
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во којa се тврди дека во Канада е достапна евтаназија како нова државна програма за поддршка на лица повредени од ковид вакцини. Ова е невистина.
Во постот стои:
Убивање на луѓе оштетени од ковид вакцини – Канада.
Медицинска Асистенција за Убивање – Еутаназија е новата државна програма за “помош” (да им се скратат маките) на оштетените од ковид вакцини кои ги промовираше токму државата. Според информациите од официјалните канадски институции, пријавени се огромен број на луѓе кои чекаат помош за еутаназија платена со држвани пари.
Ако ова ви изгледат дека е МОРБИДНО, тоа е така, зошто навистина е МОРБИДНО.
Се споделува и текст од Rebel news во кој се вели :
Канаѓаните повредени од вакцината ковид-19 сега се соочуваат со мрачната реалност да им се понуди самоубиство со медицинска помош како средство за ублажување на нивната болка и страдање.
Прво не постои нова програма за евтаназија, ниту нова програма за поддршка на повредени од вакцини во Канада.
Програма за поддршка на лица со несакани последици од вакцини во Канада е јасна и јавно достапна. Во неа се предвидува финансиска поддршка, а не се нуди евтаназија.
Целта на VISP (Програма за поддршка на повредени од вакцини) е да се осигури дека сите луѓе во Канада кои доживеале сериозна и трајна повреда како резултат на примање овластена вакцина за Health Canada, имаат фер и навремен пристап до финансиска поддршка.
Второ, постојат строги критериуми за медицинска асистенција за евтаназија во Канада.
Овде се фактите за целата медицинска помош при умирање.
Забележително е дека Ребел Њуз со нагласени антиваксерки тонови приказната ја базира на еден контроверзен случај од неодамна.
Весникот пишува:
Ексклузивната истрага на Rebel News за администрацијата на ВИСП (Програмата за поддршка на повредени од вакцини) откри дека системот е под притисок, има претставници кои потврдуваат дека лицата повредени од вакцини може лесно да се вметнат во програмата Медицинска помош при умирање (MAID), пишува во текстот.
Во јавноста од неодамна се зборува за контроверзниот случај, кога еден канаѓанец со историја на ментална болест бил евтаназиран во Канада, и покрај тоа што официјално не се сметал за терминално болен.
Во извештајот лекарите констатираа дека боледувал од „синдром на вакцинација“ COVID-19, но таква состојба официјално не е призната во здравствениот систем.
Канадскиот систем за несакани последици од вакцина не вклучува „синдром по вакцинација“, но повеќе специјалисти консултирани пред неговата смрт не можеа да се договорат околу дијагнозата, што покрена прашања дали состојбата на мажот ги исполнува критериумите за „непоправлива“, што значи безнадежна, неизлечива состојба, пишува National Post.
И Worthy Christian News објави дека мажот кој бил во 40-тите години бил меѓу неколкуте случаи на пациенти кои наводно сакале да учествуваат во програмата за потпомогнато умирање (евтаназија) поради „социјални причини“, како што се изолација и страв од бездомништво.
Во Извештајот пишува дека човекот доживеал „страдање и функционален пад“ по три вакцини за САРС-КоВ-2. Но, тој, исто така страдал од депресија, посттрауматско стресно растројство, анксиозност и растројства на личноста, воедно двапати беше примен во болница, од кои еднаш со намера за самоубиство.
MAID (Програмата за медицинска помош при умирање) е наменета за лица со сериозна и неизлечива болест, болест или инвалидитет, со трајно физичко или психичко страдање кое е неподносливо за нив и кое не може да се ослободи под услови кои тие ги сметаат за прифатливи.
Случајот е контроверзен, бидејќи медицински помогната смрт не е предвидена за лица со несакани последици од вакцинација, ниту за ментално болни лица.
Овој контроверзен случај го искористија антиваксерите и заговарачите на теории на заговор.
Но, не може и не смее од еден изолиран случај за кој сè уште официјално не се потврдени причините за болеста, иако повеќе од јасно е дека бил и ментално болен, да се злоупотребува за да се шират невистини дека е воведена програма за евтаназија за вакцинираните. И да се измислува дека голем број лица „оштетени“ од ковид вакцините барале и чекале евтаназија, за што нема никакви докази.
Од изнесените факти може да се заклучи дека во Канада не постои програма за евтаназија на лица со несакани последици од ковид вакцини. Токму поради тоа оваа објава ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар