Капиталните инвестиции и успешноста на економските политики не секогаш кореспондираат
Само реализацијата на капиталните инвестиции не мора да биде главен фактор на успешност на економски политики и добар вкупен учинок во економијата. На пример во 2023 биле реализирани над 700 милиони евра, а растот на БДП бил само 2,1 отсто, наспроти 2022 година, кога биле реализирани над 450 милиони евра, но растот на БДП изнесувал 2,8 отсто
Само реализацијата на капиталните инвестиции не мора да биде главен фактор на успешност на економски политики и добар вкупен учинок во економијата. На пример во 2023 биле реализирани над 700 милиони евра, а растот на БДП бил само 2,1 отсто, наспроти 2022 година, кога биле реализирани над 450 милиони евра, но растот на БДП изнесувал 2,8 отсто
Младинскиот функционер од СДСМ Јовица Јанковиќ во име на партијата даде изјава за дел од економската состојба во државата во која се детектира делумна вистина:
Владата на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ во првите 6 месеци има катастрофални 26 проценти реализација на капиталните инвестиции.
Ова не е само катастрофална бројка. Ова е показател, доказ за целосна институционална неспособност на Владата и промашени економски политики.
Со ваква мизерна реализација, Македонија не може да напредува.
Во споредба со истиот квартал од минатите години, реализацијата на капиталните инвестиции во првите шест месеци од оваа година е преполовена…
[Извор: СДСМ – Ј. Јанковиќ/прес – датум: 07.08.2025]
Образложение:
Тврдењето на прес-конференција во СДСМ дека во првите 6 месеци во земјата биле реализирани 26 проценти од капиталните расходи во Буџетот, познати како капитални инвестиции е точно како процент, но заклучокот што од тоа го вади партијата не мора да биде точен.
Имено, бројката од 26 отсто од реализираните капитални инвестиции ја има соопштено власта, т.е. Министерството за финансии. На страницата на МФ за следење на капиталните расходи може да се најде целата табела за тоа која институција колку истрошила од предвидените капитални расходи планирани од буџетот во државата за 2025 година. Притоа се потенцира дека од вкупно предвидените нешто над 780 милиони евра, заклучно со 30.06.2025 г. биле реализирани 204,858 милиони евра, а преостануваат за трошење уште околу 575,6 милиони евра:

Исто така е вистина дека во годините од 2021-2023 г. има пораст на капиталните инвестиции и дека претходната влада ја покачила и стапката на реализација. Така на пример, во 2021 година тогашната влада на СДСМ реализирала над 380 милиони евра или околу 79 отсто, во 2022 година над 465 милиони евра или околу 86,6 отсто и во 2023 г. околу 720,7 милиони евра или околу 91,5 отсто од планираните во буџетот. Тоа може да се види и од податоците на државната ревизија во документот кој е насловен како „Kонечен извештај за извршена ревизија на успешност „реализација на капиталните инвестиции финансирани преку буџетот на Република Северна Македонија, ЕУ фондови и средства од други меѓународни финансиски институции во надлежност на централната власт и локалната самоуправа”:

Но, иако бројките што ги изнесе СДСМ за капиталните инвестиции во првите 6 месеци во проценти се точни, заклучокот што го вади партијата, дека станувало збор „за показател за целосна институционална неспособност на Владата и промашени економски политики“ и дека „со ваква мизерна реализација, Македонија не може да напредува“, не мора да биде точен.
Постојат неколку фактори зошто не може да се изведе таков заклучок. Прво, само реализацијата на капиталните инвестиции не мора да биде главен фактор на успешност. На пример, кога во 2023 година имало реализација на 720 милиони евра или над 91 насто од планираните, бруто домашниот производ (БДП) за таа година забележал раст од скромни 2,1 отсто во однос на 2022 година. Притоа, во структурата на целиот БДП, потрошувачката зазела 83 отсто.
За споредба, само една година претходно, кога имало помала стапка на реализација на инвестициите и многу помалку вкупно инвестиции (465 милиони евра или 86,6 отсто) БДП во споредба со 2021 година бележел пораст од 2,8 отсто. Показателите за првиот квартал во 2025 година се БДП од 3 отсто.
Освен тоа, податоците од МФ што ги соопшти СДСМ се заклучно со јуни 2025 г, а до крајот на годинава останува да се види колку ќе биде реализирано и каков одраз ќе имаат капиталните инвестиции врз БДП во државата. Дотолку повеќе што огромен процент од кредитот од Унгарија во делот наменет за локалната инфраструктура е веќе „во игра“.
Оттука, ставот од прес-конференцијата на СДСМ може да се оцени како делумно вистинит, поради изнесениот процент за реализација на капиталните расходи.
Извори:
- (07.08.2025) СДСМ – Ј. Јанковиќ/прес – [Проверено на 08.08.2025 г.]
- (2025) Министерство за финансии – официјални податоци– [Проверено на 08.08.2025 г.]
- (2024) ДЗС – БДП за 2023 г. – [Проверено на 08.08.2025 г.]
- (2024) ДЗС – БДП за 2022 г. – [Проверено на 08.08.2025 г.]
Оцени: Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар