Капитацискиот бод на матичните лекари сè уште е 55 денари
Ќе го покачиме капитациониот бод на матичните доктори на 90 денари
[ИЗВОР: Изборна програма на СДСМ „План за живот во Македонија“, стр.135 и стр. 253 , датум:декември 2016]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Покачување на капитацискиот бод на матичните лекари на 90 денари, вети СДСМ за предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.) обврзувајќи се дека тоа ќе го стори во првите две години по доаѓањето на власт. Ова изборно ветување на социјалдемократите досега (25.06.2019) не е исполнето.
Ветувањето е дел од изборната програма „План за живот во Македонија“ и се споменува на две места. Најнапред тоа е наведено во поглавјето „ Добро јавно здравство“ (стр.135), а потоа е дадено и во рамките на „Планот 24м – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 2 години“ (стр.253). Што значи, според рокот за реализација наведен во програмата, зголемувањето на капитацијата по пациент за матичните доктори требаше да биде направено најдоцна до крајот на минатиот месец, со оглед на тоа што Владата предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 година. Сепак, тоа досега (25.06.2019) не се случи.
Инаку, истата обврска за „покачување на капитацискиот бод на матичните доктори на 90 денари“, ја презела и Владата во нејзината Програма за работа (2017-2020 г.), во делот „Квалитетно здравство“ (стр.33).
Но, ваквите заложби досега (25.06.2019) не се остварија. Капитацискиот бод сѐ уште е 55 денари, колку што беше и во 2016 година пред да се случи промената на власта. Во моментот има само најави од министерот за здравство, Венко Филипче дека капитацијата на матичните лекари ќе се зголеми во ноември, а во наредниот период ќе се прават пресметки колку ќе изнесува зголемувањето.
Во врска со ова претседателката на Здружението на матични лекари, доктор Лилија Чолакова Дервишова, деновиве (20.06.2019) во изјава за Алфа ТВ вели:
Последното покачување беше во 2016 година. Оваа Влада вети дека капитацискиот бод ќе биде 90 денари. Сè уште сме на старото покачување од пред три години со 55 денари капитациски бод. Бараме најавеното покачување да биде минимум 20 отсто.
Па, со оглед на фактот што рокот за исполнување на ветувањето е поминат (31.05.2019), а капитацискиот бод за матичните докторите сè уште не е заголемен на 90 денари, единствено има најави за покачување до крајот на годината, но допрва ќе се анализира колкаво ќе биде, ветувањето го оценуваме како неисполнето.
ИЗВОРИ:
- Изборна програма на СДСМ: План за живот во Македонија ( стр.258)[Пристапено: 25.06.2019]
- Влада на Република Македонија: Програма за работа на Влада(стр.33) [Пристапено: 2506.2019]
- Кирир (20.06.2019): Лекарите си заминуваат, власта анализира- ветените покачувања на „стенд бај [Пристапено: 25.06.2019]
- Инфомакс (20.06.2019): Само од почетокот на годината 200 дoktори си зamиhaле од Македонија: Лекapите се евакуиpaaт од Северна [Пристапено: 25.06.2019]
- Нетпрес (20.06.2019): Владата ветува в година 100 илјади денари плата за докторите за да не одат во странство [Пристапено: 25.06.2019]
- ТВ 21 (11.12.2015): Капитација од 50 на 55 денари за матичните лекари [Пристапено: 25.06.2019]
- МКД (11.12.2015): ФЗОМ: Зголемување на капитацијата за матични лекари [Пристапено: 25.06.2019]
- Алфа ТВ (20.06.2019): Лекарите си заминуваат, власта анализира – ветените покачувања на „стенд бај“ [Пристапено: 25.06.2019]
- Радио Слободна Европа (20.06.2019): Филипче најави зголемување на капитацијата на матичните лекари [Пристапено: 25.06.2019]
- Тајм.мк (20.06.2019): Филипче: Дополнително ќе се зголемат платите на лекарите специјалисти [Пристапено: 25.06.2019]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар