Кавадарци доби нова градинка, за догодина најавена изградба на уште една
ВЕТУВАЊЕ: Изградба на две нови детски градинки кои ќе ги решат проблемите на родителите чии деца чекаат долго време за упис во градинките.
[Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци, Извор: Вечер, Датум: 30.11.2017]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето за изградба на две нови градинки во Кавадарци е ветување на актуелниот градоначалник Митко Јанчев и истото е во тек на реализација.
Ова ветување Јанчев го даде во предизборната кампања за локалните избори кои се одржаа на 15.10.2017 година. На централниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци одржан на 27.09.2017 година, како што пренесе Република, Јанчев, меѓу другото, спомнал и дека за време на неговиот мандат ќе се изградат две нови градинки.
Тој го спомена како проект и затворениот базен со катна гаража, две нови градинки…
Истото ветување Јанчев го дал и еден месец по неговиот избор на градоначалничката функција, на 30.11.2017 во интервју за Вечер.
Двете нови детски градинки ќе ги решат проблемите на родителите чии деца во моментот чекаат долго време за упис во градинките…
На 11.07.2018 година, како што пренесе Нова Македонија, беше отворен нов објект за згрижување на предучилишни деца во Кавадарци.
Голема радост за 75 семејства кои ќе го решат горливиот проблем на згрижување на нивното дете во детска градинка. Видно возбудени децата и нивните родители денеска присуствуваа на свеченоста по повод пуштањето во работа на новата градинка „Буба Мара“ во кругот на Здраствен дом Кавадарци која ќе згрижува 75 дечиња од 3 до 6 години.
Веста истиот ден беше пренесена и на официјалната веб-страницата на Општина Кавадарци.
Свечено отворање на новиот објект „Буба Мара“ со капацитет за 75 дечиња. Градоначалникот г-дин Митко Јанчев, Министерката г-ѓа Мила Цароска и директорката г-ѓа Цана Добринова свечено го пуштија во употреба новиот објект кој е само почеток на решавање на проблемот со кој се соочува Општина Кавадарци за сместување во детските градинки. Во тек се и други проекти за сместување на 250 деца, проекти кои по нивното реализирање значително ќе го намалат овој проблем.
Градоначалникот Јанчев на 14.11.2018 година даде отчет за сработеното во првата година од мандатот, во кој, меѓудругото, ја спомна и зградбата на двете нови градинки кои ги вети во предизборието.
Пуштивме во употреба нова детска градинка „Буба Мара“ со капацитет за сместување на околу 80 деца. Во моментот започна доградбата и на нови простории како и предвидена нова градинка во 2019 година на ул.Ресавска. Вложуваме напори во 2019 година целосно да се реши проблемот со капацитетот за сместување на децата во градинките, рече Јанчев, пренесе Курир.
Имајќи предвид дека Јанчев вети изградба на две нови градинки и дека едната е изградена, а другата се предвидува да се изгради во 2019 година, може да се заклучи дека ветувањето на градоначалникот на Кавадарци за изградба на две нови градинки е во тек.
ИЗВОРИ:
- Република (27.09.2017) – Јанчев: Кога ја подготвував програмата мислев на иднината на моите три деца, ќе решиме многу проблеми во Кавадарци [Пристапено на: 19.11.2018]
- Вечер (30.11.2017) – ИНТЕРВЈУ СО МИТКО ЈАНЧЕВ, ГРАДОНАЧАЛНИК НА КАВАДАРЦИ: “Мој општинар” ќе биде првиот реализиран проект! [Пристапено на: 19.11.2018]
- Нова Македонија (11.07.2018) – Отворен нов објект за згрижување на предучилишни деца во Кавадарци [Пристапено на: 19.11.2018]
- Официјална веб-страница на Општина Кавадарци (11.07.2018) – Свечено отворена новата градинка “Буба Мара“ во Кавадарци [Пристапено на: 19.11.2018]
- Курир (14.11.2018) – ВИДЕО: Митко Јанчев со отчет за сработеното за една година [Пристапено на: 19.11.2018]
Оцени: Ана Анастасовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар