Кина преку камерата на осамениот човек: „Обичниот живот“ како нова форма на дигиталната мека моќ

Шенжен, мај 2018 Фото:Sparktour, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Далеку од парадите, технолошките гиганти и сликата за економската моќ, новите кинески влогери ја снимаат секојдневната рутина на самците, малите станови, храната, работата и осаменоста, во формат што од тивок личен дневник прераснува во глобален медиумски тренд и „мека моќ“ на Кина што допира до публиката на Западот.

Далеку од парадите, технолошките гиганти и сликата за економската моќ, новите кинески влогери ја снимаат секојдневната рутина на самците, малите станови, храната, работата и осаменоста, во формат што од тивок личен дневник прераснува во глобален медиумски тренд и „мека моќ“ на Кина што допира до публиката на Западот

 

Пишува: Мирослава Симоновска

 

Има нешто речиси парадоксално во новиот бран кинески видеа што „експлодираат“ на Јутјуб, а тоа е што се премногу „обични“. Наместо воените паради, брзите возови или фабриките за електрични автомобили, гледаме мал стан од тринаесет квадратни метри, човек кој сам си готви вечера, неделен шопинг на пазар за овошје и зеленчук, перење алишта, одење на работа, евтина храна, тивка ноќ и честопати чувство на осаменост. Токму ваков е описот на бранот нови видеа на „Јутјуб“ насловени „живот на самец во Кина“. Годинава овој формат почнува да добива огромни размери.

Најдобар пример е каналот Ting – Daily life in China. До август 2026 година каналот бележи над 150 илјади претплатници и милиони прегледи, иако според описот станува збор за релативно едноставна концепција – 29-годишна Кинеска која живее сама во Шенжен снима што јаде, како готви, како работи и како го поминува слободното време.

Друг сличен пример е каналот `Zaza in China` канал кој, според достапните информации, веќе има околу 286 илјади претплатници, 137 видеа и милионски прегледи. Во групата слични канали на Јутјуб, еден корисник под профилот Chinese man named Ganzi living solo, покрај секојдневните обврски и највообичаени работи што ги снима од своето дневно функционирање, се фали дека „Јутјуб“ го исплатил 100 долари, што, имајќи ја предвид неговата, како што вели, плата од само 400 долари месечно, многу му значи. Во неговите видеа, тој им прикажува на своите илјадници гледачи, како го поминува викендот како самец, како пазари во супермаркет, вечера, се вози на мотор низ мешаницата, како се фотографира на зајдисонце во езеро…

Популарен е и Јутјуб каналот на жена која вели дека живее сама во своите педесетти години, откако загубила се. Нејзините видеоматеријали се во побогат урбан кинески кварт, а додека прикажува снимки од облакодерите и тоа како пропаднале бизнисите во склоп на комплексот поради малиот број жители во истиот, во позадина се слуша женски глас како наратор, на совршен англиски јазик. Нејзините следбеници може да слушнат дека живее во голем стан, но дека нејзините соседи се иселени, поради високата рата од кредитот што треба да го исплаќаат.

Ова е реалноста на притисокот што го создава животот, вели таа во еден дел од видеото, пред совршено снимените кадри да се префрлат во кујната каде ќе почне да приготвува супа.

Сличен профил со име „Зенг“, пак, прикажува видеоматеријали на кои сопственикот објаснува како ги троши месечно заработените 420 долари, односно прави пресек на тоа каде му одат парите – 15 долари на превоз, 200 долари на храна која ја јаде сам дома, бидејќи нема развиен социјален живот, а додека гласот во позадина чита нарација на добар англиски јазик без акцент, гледачите може да го видат како готви и јаде со стапчиња.

Ова се само неколку од примерите за „животот на самец во Кина“, тренд на „Јутјуб“ кој се помалку наликува на социјален експеримент, а се повеќе на препознатлив медиумски формат.

Еден парадокс за овие видеоматеријали, се во тоа што „Јутјуб“ формално е забранет во Кина, а кинеските влогери се множат токму на оваа платформа. Тоа значи дека кога гледаме човек кој, на пример, живее во Шенжен и секојдневно објавува англиски титлувани или синхронизирани видеа на Јутјуб, иако снимката е направена во Кина, сепак нејзиниот „дигитален живот“ се одвива надвор од кинескиот интернет-простор. Едно можно објаснување е дека авторите користат технологија за заобиколување на блокадата (VPN – virtual private network) или друга форма на прекугранично рутирање.

 

Зошто токму „осамениот Кинез“?

Кога ќе се погледнат овие видеоматеријали, веднаш се забележува дека тие се насочени кон западната публика (титлови, нарација, директно обраќање на влогерите на англиски јазик), може да се постави теза дека форматот продава идентификација. Западниот гледач кому овие видеа му се наменети гледа мал стан, трошоци, луѓе чијашто работа не ги исполнува, луѓе што вечераат сами, се чувствуваат преморени, купуваат намирници, евтина храна, имаат желба за подобар живот, како и потреба да остварат контрола врз сопствената иднина.

Жанрот прави нешто важно и забележливо, поточно ја претставува Кина во светло во кое таа престанува да биде „друга цивилизација“ и одненадеж станува „позната“. Видеата не му кажуваат на гледачот нешто ново за Кина, туку нешто познато за самотијата, работата, парите и обичниот живот, но приказната и сценариото се поставени во Кина. Најверојатната посакувана порака е „и тие се како нас“.

Тука се појавува прашањето за „меката моќ“. Постојат полемики дали овие видеа се кинеска пропаганда? Нема докази дека кинеската држава стои директно зад овие канали, но постојат дискусии на интернет во кои се смета дека дел од ваквите канали се режирани, дека зад нив стојат компании кои менаџираат многу видео канали (MCN – multi channel networks) или дека дел од приказните се конструирани за да предизвикаат сочувство.  На Reddit, на пример, има долга дискусија за Zaza и Ting во која гледачите забележуваат сличности во формулата, визуелниот стил, нарацијата и брзината со која нови канали добиваат публика.

Не е неопходно државата да го финансира или контролира секој поединечен влогер за ваквата содржина да има ефект на мека моќ. Ако милиони западни гледачи постепено почнат да ја доживуваат Кина преку приказната на еден обичен самец од Шенжен наместо преку владините соопштенија, тогаш се менува природата на сликата за Кина и се создава она што би можело да се нарече органска мека моќ. Таа не се содржи во пропаганда во класична смисла, туку во нормализација.

Видеата често не мора ниту да ја фалат Кина. Западниот гледач гледа чисти улици, брз јавен превоз, евтини ресторани, плаќања преку мобилен телефон, достава на храна во супермаркети, модерни продавници, мали но функционални станови, безбедно движење и преполни градови со живот, луѓе кои имаат работа.

Осаменоста во различни делови на светот, може да создаде плодна почва за идентификација со овие видеоматеријали. Во јануари 2026 година „Фаненшал Тајмс“ анализираше еден кинески феномен, апликацијата „Are You Dead?“ која бара од луѓето што живеат сами секојдневно да се чекираат. Ако не се пријават во апликацијата два дена, се известува контакт за итни случаи дека нешто со нив можеби се случило.

Порастот на животот во самотија може да се поврзе со падот на стапката на бракови, миграцијата кон големите градови и работната култура која остава малку простор за социјален живот. Ова е една причина пак, поради која „осамениот Кинез“ не е толку егзотичен за западниот гледач. Сепак, најнепријатното прашање е колку од она што го гледаме во овие видеа е спонтано, а колку е продукција. Ова прашање не е неважно. Еден влоглер кој навистина живее скромен секојдневен живот, може да продуцира квалитетни видеа. Но, исто така, сосема можно е зад него да стои продукциски тим, кој ќе претвори вистински човек, вистински стан, вистински град и вистински проблеми во многу прецизен наратив за западната публика.

 

Менаџерите на видео креатори како алиби

А, кога станува збор за продукциски тимови и за бројни канали кои се емитуваат на платофрма како ЈуТјуб, која вообичаено не е е достапна во Кина, тогаш долгата рака на Кинеската коминустичка партија (КПК), односно на кинеската држава не е далеку. За веќе спомнатите мултиканални мрежи (MCN), кои менаџираат голем број од креторите на содржини во Кина, помагајќи им во продукцијата, менаџментот и маркетингот, познато е дека имаат организирано големи меѓународни кампањи со илјадници видеа на кои целта им е да ја претстават провинцијата Џинјанг во позитивно светло, иако таа е позната по непочитувањето на правата на тамошното муслимаско население. Но, во ваквата кампања, млади претставници на разни етничку групи од Џинјанг учествуваа во видеа во кои провинцијата се претставуваше во позитивно светло.

Мултиканалните мрежи се идеални да им овозможат на кинеските креатори пристап до Јутјуб, монетизација на нивните видеа, помош при снимањето, како и да ги прикријат врските со КПК и да креираат впечаток дека станува збор за самостојни креатори на содржини, јавува лондонски Гардијан, повикувајќи се на извештај на Австралискиот институт за стратешки политики (АСПИ). Весникот, исто така, информира дека е познато оти во 2021 година десетиците илјади мултиканални мрежи во Кина се ставени под поцврста државна контрола во период кога креирањето на содржини на интернет стана брзорастечка индустрија и кога стана јасно дека таа може да има значително влијание врз ставовите на кинеските граѓани.

Уште повеќе, паѓа во очи фактот што ниеден од овие кинески креатори на ЈуТјуб, и покрај засилената продукција од десетици или стотици „самотнички“ видеа по канал во многу кус период, не одвојува ни пар минути на самиот феномен – од каде се појавија овие десетици ЈуТјуб канали на иста тема, во исто (многу кусо) време, одеднаш, сите со засилена продукција и сите со спремни титлови, транскрипции или нарации на англиски јазик. Која е причината што токму оваа тема се копира и доминира, иако инфлуенсерите на ЈуТјуб се познати по тоа што бираат оригинални или специјализирани теми за кои имаат барем основни познавања и кои се послабо покриени за да не се соочат со голема и веќе етаблирана конкуренција, кога се знае дека на кинескиот интернет инфлуенсерите прават видеа на најразлични теми, итн.

Наративот во овие видеа може да е насочен кон креирање позитивен ефект врз меѓународната перцепција на Кина, без никој формално да го нарече „пропаганда“. Токму тоа е софистицираниот облик на „меката моќ“ во дигиталната ера. Кога видеото е на кинески јазик, неговата примарна публика е кинеска. Кога видеото е на англиски или има внимателно направени англиски титлови, авторот ја проширува комуникациската зона надвор од Кина.

Ваквите содржини може да станат многу посилни од официјалниот медиумски наратив, зашто се креира директна врска меѓу кинескиот граѓанин и западниот гледач без новинари, телевизиски редакции, официјални преведувачи или дипломати.

Сепак, има неколку црвени знаменца кои треба да ги има предвид секој гледач. Првото е невообичаено високиот квалитет на продукцијата за канал што наводно го води само едно лице . Второ, се повторува идентична сцена – будење, работа, евтина храна, осаменост, размислување, спиење.Трето, нагло се појавија повеќе канали со слични наслови, голем дел од нив имаат нарација со вештачка интелигенција или синхронизација и приказна која екстремно прецизно е „оптимизирана“ за западните емоции – осаменост, сиромаштија, скромност, достоинство и надеж.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција