Кинеската пропаганда на „луксузот“ манипулира на дигиталниот фронт
Вирални видеа се дел од дезинформациска кампања на фалсификати во маркетиншкиот простор, а не вистински „откритија“ за производители на луксузни стоки во Кина. Тие влијаат негативно на граѓаните чии пазари ги таргетираат, но и на економиите на цели држави, како и на генералната репутација на брендовите познати по децениски квалитет. Постојат сомнежи за координирана кампања на странско малигно влијание поврзано со овие видеа и има јасни заеднички карактеристики за сите нив – многу од видеата се врзани за фалсификати или продавачи на „дупликати“, кои ги експлоатираат тензиите со трговската војна за да промовираат наводни „луксузни“ стоки и да сеат сомнеж за западните брендови
Вирални видеа се дел од дезинформациска кампања на фалсификати во маркетиншкиот простор, а не вистински „откритија“ за производители на луксузни стоки во Кина. Тие влијаат негативно на граѓаните чии пазари ги таргетираат, но и на економиите на цели држави, како и на генералната репутација на брендовите познати по децениски квалитет. Постојат сомнежи за координирана кампања на странско малигно влијание поврзано со овие видеа и има јасни заеднички карактеристики за сите нив – многу од видеата се врзани за фалсификати или продавачи на „дупликати“, кои ги експлоатираат тензиите со трговската војна за да промовираат наводни „луксузни“ стоки и да сеат сомнеж за западните брендови
Пишува: Мирослава Симоновска
Една ташна од луксузна европска модна куќа како „Хермес“, „Луи Витон“ или „Прада“ е скапа и може да чини стотици или илјадници евра. Многу европски брендови ветуваат дека нивните производи се направени во Европа, што за многумина од купувачите е гаранција за квалитет. Но, на социјалните мрежи Тик-Ток и Фејсбук се појавуваат видеа од кинески производители што тврдат дека се оние кои навистина ги изработуваат овие луксузни производи за европските брендови. Десетици видеа на Тик Ток се објавени под виралниот хаштаг #chinesemanufacturer, а нивните креатори од Кина објавуваат листа на производители за кои тврдат дека се „вистинските производители на луксузните стоки“.
Главниот лик за овие видеа кои се појавуваат на Тик Ток е лицето со име Ванг Сенг, кој зборува во име на кинеските производители. Многупати неговите материјали се избришани, но повторно се појавуваат на Тик Ток, а главното тврдење му е дека „80 проценти од луксузните брендови во светот се произведени во Кина“. Сенг тврди дека „луксузните брендови ги земаат речиси завршените ташни назад во своите држави да ги препакуваат и да им инсталираат лого“. Според Сенг, овој метод правел „ташните да изгледаат дека се направени во Италија“ или „произведени во Франција“ или како што ги нарекува „оние софистицирани европски држави“. И Сенг и други тик-токери тврдат дека работат за „оригиналните производители“ за луксузни брендови коишто потоа се продаваат под името на луксузен бренд. Во некои од материјалите креаторите потенцираат колку кинеските работници се вешти, па и ја разделуваат цената на една луксузна ташна и објаснуваат колку би чинел секој нејзин одделен дел и колку добро би можеле да ја направат.
Дали луксузните брендови ги произведуваат сите нивни производи во Кина?
Со оглед на тоа што овие видеа се на англиски јазик се чини дека таргетираат купувачи во Европа и САД коишто во значителен број купуваат европски луксузни добра. Спротивно на тоа што се тврди во овие видеа, има строги правила кои одредуваат како европските производи се означени. За да имаат етикета „произведено во Европа“, последната значајна трансформација на производот мора да е во земјата на производство. За еден производ да има етикета „направено во Франција“, производот мора да стекнал 45-50 проценти од неговата цена во Франција.

Луксузните брендови се свесни за ова. Така, на својата веб-страница брендот „Хермес“ има наведено локации каде што ги произведува производите. Ниедна од нив не е Кина, туку локациите се 60 производствени капацитети во Франција, со мрежа од 12 други во држави како Швајцарија, Италија, Обединетото Кралство, САД, Португалија и Австралија. Истото, дека Кина не е во нивниот список на земји во кои произведуваат, се однесува и на Луј Витон.
Истражувачкиот новинар Ноеми Леклерк за „Еуро Верифај“ изјави дека најголемиот дел од овие видеоматеријали, всушност презентираат фалсификувани производи и дека се појавиле откако САД воведоа повисоки царини за Кина, во обид на Кина да се „одмазди“. Сепак, според неа, некои луксузни брендови како „Ралф Лорен“ и „Прада“ одредени фази од производствениот процес, ги спроведуваат во Кина. Но, во видеоматеријалите што ги окупираат социјалните мрежи, невистинито се тврди дека тие им се „снабдувачите на луксузните брендови“ што продаваат во Европа.
Стандардно е производството на фалсификати да биде геополитичка алатка. После руската целосна инвазија врз Украина, луксузните брендови се повлекоа од рускиот пазар, што значеше дека фалсификувани стоки од Турција почнаа да влегуваат на рускиот пазар, вели таа за „Еуроњуз“.
Некои купувачи знаат точно што купуваат и го прифаќаат како „дупликат“. Други се излажани – верувајќи дека ќе добијат автентичен производ по цена премногу добра за да биде вистинита. Во двата случаја линијата меѓу престижот на брендот и визуелната имитација се замаглува брзо.
Софистикацијата на овие операции со кинески реплики расте од година во година и глобалните луксузни брендови се соочуваат со фундаментална промена – како да ја зачуваат ексклузивноста во време кога луксузот може да биде копиран, клониран и „продаден“ со попуст од 90 проценти?
За овие ексклузивни компании напливот на висококвалитетни фалсификати е повеќе отколку проблем – тоа е проблем од милиони долари кој ја заматува вредноста на брендот, ја поткопува ексклузивноста и се заканува на продажбата. Лукзусните брендови одговараат преку тужби, притисок врз кинеските регулатори и нови форми на автентикација и верификација на производот. Сепак, кога културата на фалсификати се нормализира онлајн, битката се чини далеку од завршена. Според извештај од 2023 година, Кина е лидер во светот на трговијата со фалсификувани стоки.
Слични дезинформации се проширија на социјалните мрежи и за престижниот бренд на часовници „Ролекс“. Во штетни видеоматеријали се тврдеше дека „репликите“ се прават во истите фабрики во Кина како и оригиналните часовници „Ролекс“ што нема допирна точка со вистината. Сите производствени капацитети на „Ролекс“ може да ги видите овде.
Постојат случаи каде производители на фалсификат часовници „Ролекс“ во Кина се соочени со судски пресуди за кривичното дело.
Конкретните вирални тврдења се дел од дезинформациска и кампања на фалсификати во маркетинг екосистемот, а не вистински „откритија“ за производители на луксузни стоки во Кина. Тие влијаат негативно на граѓаните чии пазари ги таргетираат, но и на економиите на цели држави, како и на генералната репутација на брендовите познати по децениски квалитет. Така се нижеа сомнежи за координирана кампања на странско малигно влијание позади овие видеа, поради тоа што постојат јасни заеднички карактеристики за сите нив – многу од видеата се врзани за фалсификати или продавачи на „дупликати“, коишто ги експлоатираат тензиите со трговската војна за да промовираат наводни „луксузни“ стоки и да сеат сомнеж за западните брендови. Овие видеа ја уништуваат „мистеријата“ којашто ги опколува западните брендови, на начин што сугерираат дека купувачите плаќаат за брендирање, а не за занаетчиството. Возвратно, тие придонесуваат да се легитимираат алтернативи по дампинг цени и да се промовира скептицизмот на купувачите, особено за време на растот на цените после пандемијата. Сомнежите се дека овие напори се совпаѓаат со стратегиите да се поткопаат западните луксузни брендови и да се промовира кинеското производство – и комерцијално и идеолошки. Пораките испратени преку материјалите се мешавина на комерцијални понуди со геополитички тонови, особено бидејќи нивната експанзија се случува во време на тензии меѓу САД и Кина за тарифите.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар