Кинеските компании за производство на вакцини бараат испитаници во посиромашните земји

Фото: pixabay.com

 

Вакцината против ковид-19 на фирмата „Синофарм“ засега има одобрение во земјите на Заливот, во Пакистан и Србија. Во самата Кина дозволата ја има добиено кон крајот на декември како привремена (!). Причина – истата не ја минала третата, последна фаза на испитување. Таа, досега, има најниска признаена ефикасност на светскиот пазар

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Српскиот министер за здравство Златибор Лончар во вторникот (18.01.2021) беше првиот кој на европскиот континент прими кинеска вакцина против ковид-19. Одобрениерто за користење го има издадено српската Агенција за лекови и медицина, експресно претходниот ден, но се вели за 100 илјади први примероци, додека другите дополнително ќе се испитуваат.

Каква вакцина добило здравството на нашиот северен сосед во саботата, на 16 јануари? Според српскиот радиолог од Ниш, Александар Ивковиќ, кого српските медиуми често го цитираат како еминентен стручњак, станува збор за вакцината на фирмата „Синофарм“ која има име – BBIBP-CorV.

Морам во старт да кажам дека за оваа вакцина има малку податоци. Регистрирана е во Обединети Арапски Емирати (ОАЕ), Бахреин и од неодамна во Кина. Очигледно и кај нас. Вво меѓувреме е регистрирана и во Египетпишува Ивковиќ во текст на неговиот блог „Луѓе и други лаги“

Во написот на неговиот сајт тој детално објаснува за составот на вакцината која содржи вирус од типот SARS-CoV-2, негувана на култури на бубрезите на мајмуни.

Потоа тие култури се третирани со хемикалија на бета-пропалиолактон, кој оневозможува натамошно реплицирање на вирусот. Уфрлена со инјекција во рамото таа предизвикува појава на ковид-19, ама не овозможува негова репликација. Испитувањата во ОАЕ покажале ефикасност од 86 отсто, се  тврди дека е испитана кај 31 илјада лица, доброволци од 126 различни етникуми, стои во написот.

Во Србија сега се во употреба три вакцини  – онаа од „Синофарм“, Фајзеровата (нам ни се преотстапуваат мали, колества од истата) и руската – „Спутњик V“

Засега, за вакцината Фајзер, која сè уште се користи во Србија, но исто така и во Европа, Америка и Израел, имаме многу добро следење на податоците и информациите за тоа на кои групи им е дозволено да се вакцинираат. Со неа секој може да се вакцинира, освен ако има некои сериозни алергиски реакции на компонентите на вакцината. Досега има две кинески вакцини – едната е „Синофарм“, другата е „Синовак“. Вакцината „Синофарм“ пристигна во Србија, за која сè уште немаме информации од третата фаза на клиничко истражување , изјави Јована Милиќ, соработник за истражување на Универзитетот во Моден, за Н1 ТВ.

До неделата Агенцијата за лекови на Србија немаше објавено на својот сајт податоци за кинеската и рускта вакцина.

Телевизијата N1 јави  дека самите кинески власти „условно ја одобриле за користење вакцината на Синофарм“ на крајот на декември (!).

Како што објави лабораторијата „Синофарм“ на крајот од минатата година, една од нејзините вакцини против ковид-19 е ефикасна 79 проценти, што е пониско од објавениот процент на ефикасност за вакцините на американските „Фајзер“ и „Модерна“, чијашто ефикасност е 95 проценти, се вели во написот на Н1ТВ

Но, она што ја засенува целата таа триумфалистичка атмосфера во Белград, кога на аеродромот пристигна транспортен авион со еден милион кинески вакцини, пречекани од претседателот Александар Вучиќ, е  информацијата, (емитувана на „Ројтерс“), во која се вели, дека оние кои ќе ја примат оваа вакцина практично стануваат дел од контингентот на лица врз кои се врши последната, трета проба  за ефикасноста на имунизаторот.

Ројтерс се повикува на информација на кинеската национална групација Биотек (ЦНБГ) и Синовак Биотек ДОО дека нашле „уште две земји да извршат клинички тестови во доцните фази на нивните кандидати за вакцини за коронавирус, бидејќи Кина ги засилува своите напори во глобалната трка. Србија и Пакистан се согласија да учествуваат во фазата 3 на испитувањата на кандидатите за вакцини на ЦНБГ, додека Синовак, втората фирма, доби одобрение од Турција и Бангладеш“.

И Гласот на Америка објави неодамна информација од Обединетите Арапски Емирати дека прелиминарните податоци покажале дека вакцината е ефикасна во 86 отсто од случаите. Се наведува дека се работи за вакцина од стар тип, како оние вакцини за детска парализа или обичен грип. Во информацијата уште се вели дека кинескиот пазар веќе се пополнува (во многу региони се смета дека веќе нема епидемија) и дека мора да се бараат други земји како потрошувачи.

Така што, факт е дека оваа вакцината не ја минала третата фаза, неопходна да се стекнат релеветни сознанија за ефикасноста на лекот. И, ваквите информации со многу детали мора да се претстават на лекарите од цел свет, да бидат јавни и документирани.

На еден од последните пресови срспкиот претседател Вучиќ одговараше на прашањето дека Брисел секако ќе замери за користење на кинески вакцини. Но, тој кажа дека нему му е поважно здравјето на граѓаните и дека Србија уплатила пари во Ковакс системо,  ама тој не профункционирал. Инаку ЕУ повтори дека за Западен Балкан ќе даде донации за вакцини во вредност од 70 милиони долари.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција