Кинеските вакцини што дојдоа се од производителот Синофарм

Како што може да се види на фотографиите споделени во склоп на постот, се работи за производителот Beijing Institute of Biological Product BIO. Овој производител единствено произведува вакцини СИНОФАРМ. Оттука, овој факт е непобитен. Особено е јасно дека станува збор за вакцините на Синофарм и од тоа што во медиумите пред пет дена беше јасно проследен настанот каде со директен договор од производителот нарачани беа и ПРИСТИГНАА во земјава 200 илјади вакцини од Синофарм

 

Рецензираме пост на Фејсбук, кој е исклучително вирален, особено затоа што доаѓа од извор, којшто е универзитетски професор, аналитичар на статистиките во пандемијата и личност цитирана во медиумите, односно извор со голема доверба во јавноста. Меѓутоа, за разлика од анализите кои професорот Дејан Трајковски ги прави во текот на пандемијата, а кои се вообичаено точни, прецизни, научно поткрепени и релевантни, во случајов е изнесена дезинформација кога се тврди дека „не е познато дали кинеските вакцини кои што пристигнаа во земјава се од Синофарм или од Синовак“. Дополнително, како што може да се види и од коментарите под објавата на Фејсбук, многумина овој пост го протолкуваа како давање ветер во грб на антивакциналните наративи.

Како што може да се види на фотографиите споделени во склоп на постот, се работи за производителот Beijing Institute of Biological Product BIO. Овој производител единствено произведува вакцини СИНОФАРМ. Оттука, овој факт е непобитен. Особено е јасно дека станува збор за вакцините на Синофарм и од тоа што во медиумите пред пет дена беше јасно проследен настанот каде со директен договор од производителот нарачани беа и ПРИСТИГНАА во земјава 200 илјади вакцини од Синофарм. Вакцините за велигденските празници беа складирани во ладната соба на поликлиниката Јане Сандански, а потоа дистрибуирани на вакциналните пунктови во Скопје, но и во други шест градови каде во спортски сали пренаменети за вакцинација, со нив почна масовната имунизација на населението.

На веб страницата на Министерството за здравство посветена на вакцинацијата, постои дел каде се наведуваат техничките карактеристики и сите факти и митови за вакцините. Доколку се погледне делот на оваа официјална веб страница насловен како ,,Сè за вакцините”, може да се види дека таму се наведени само вакцини од четири производители кои моментално се даваат во Македонија. Во овие 4 видови на вакцини, има само една кинеска вакцина, односно таа на Синофарм. Вакцини на Синовак во Македонија не се пристигнати.

Оттука, проблематизирањето на производителот е неосновано и доведе до забуни.

Вакцината на Синофарм е 86 проценти ефикасна против Сарс Ков 2 инфекцијата и 100 проценти ефикасна за превенција на тешка болест. Досега е дадена во повеќе од 43 милиони дози во светот. На следниот линк може да го видите и упатството за користење на Синофарм вакцината.

Понатаму во постот што го рецензираме се тврди:

Како што е познато, ефикасноста на вториот тип вакцини изнесува одвај 50,7 проценти против заразување, а 78 проценти против тешка форма на болеста (пневмонија). Со други зборови, еден инфицииран од 4-5 вакцинирани со оваа вакцина ќе добие пневмонија, со шанси да заврши на болница, што е загрижувачки.

Меѓутоа, ефикасност од 80 проценти против пневмонија, не значи дека 20 проценти ќе добијат пневмонија од ковид. Ефикасноста не се пресметува така. Осумдесет процентна ефикасност, значи дека вакцинираните имаат за 80 проценти помала шанса да добијат пневмонија, споредено со контролната плацебо група. 

Оттука како делумно невистинит го оценуваме постот во кој се тврди дека не е познато од кој производител се вакцините од Кина што стигнаа во земјава и со кои почна масовната имунизација во земјава, како и делот во кој се тврди дека ,,еден инфициран од 4 до 5 вакцинирани ќе добие пневмонија со шанси да заврши во болница”.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција