Кисела Вода сè уште нема стационар за бездомни миленичиња

Фото: pixabay.com

ВЕТУВАЊЕ: Изградба на комплекс за заштита на бездомни миленичиња

[Извор:Изборна програма на Филип Темелковски, градоначалник на Општина Кисела Вода, стр.18: Рок: 2019 година; датум: октомври 2017]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за изградба на комплекс за заштита на бездомни миленичиња е неисполнето ветување на градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски. Ветувањето е дел од неговата програма за локалните избори (2017-2020) „Живот во Кисела Вода! За сите!“ (стр.18).

Комплексот за заштита на бездомните миленичиња има цел заштита на миленичиња што се напуштени од сопствениците, нивно згрижување, нега, кастрација, програми за социјализација и дресура, како и програми за посвојување. Со овој проект исто така се планира да се ангажираат ветеринарни техничари и дипломирани ветеринарни лекари, се обезбедува нивна практика, а истовремено се зголемува и безбедноста на граѓаните од агресивните улични кучиња, се наведува во програмата на Темелковски.

На 05.11.2019 година, Иван Живковски од ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција, го обвини градоначалникот Темелковски дека не исполнил голем дел од неговите ветувања пред изборите, меѓу кои и тоа за изградба на комплекс за заштита на бездомните миленичиња.

За жал ни чистиот воздух што го ветуваше Темелковски никако да дојде. Изградбата на градинка во Драчево и Расадник, гасификацијата на општината, комплексот за заштита на бездомни миленичиња, изградбата на поликлиника во населба Расадник се само дел од празните предизборни ветувања на градоначалникот Темелковски, изјави меѓу другото Живковски.

„Вистиномер“ се обрати до кабинетот на градоначалникот Темелковски, со прашање, дали е изграден комплексот за заштита на бездомни миленичиња, и ако не е, кога е во план да се изгради.

Оттаму ни одговорија дека комплексот ќе се гради во 2020 година.

По однос на Вашите прашања, Ве информирам дека градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски ветената изградба на стационар за кучиња на територијата на Општината ќе ја реализира во текот на 2020 година. Проектот за изградба е нарачан согласно условите на земјиштето. Со измената и дополната на актот на Советот на Општина Кисела Вода за село Драчево, планирана е површина за изградба на стационарот на дел од КП 6146 КО Драчево 2, не информира Јанко Бацарија, портпарол на Општина Кисела Вода.

Имајќи го предвид рокот даден во програмата за изградба на стационар на територијата на Кисела Вода, 2019 година, и најавите дека тој ќе се изгради во 2020 година, може да се заклучи дека ветувањето на градоначалникот Темелковски за изградба на комплекс за заштита на бездомни миленичиња, досега не е  неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција