Ќе донесе ли есента трета доза вакцина против ковид-19?

Фото:maxpixel.net

Сè поизвесно е дека Македонија ја чека бурна есен и нов, четврт бран на коронавирусот. Дневните извештаи на Министерството за здравство покажуваат зголемени бројки на новозаболени. Особено критична е ситуацијата во Тетово, каде болницата веќе почна да се полни со нови пациенти. Лекарите алармираат до надлежните здравствени власти да се воведат мерки за заштита од ширење на коронавирусот, но министерот Венко Филипче е дециден дека  вакцинацијата во моментов е најголем приоритет

Сè поизвесно е дека Македонија ја чека бурна есен и нов, четврт бран на коронавирусот. Дневните извештаи на Министерството за здравство покажуваат зголемени бројки на новозаболени. Особено критична е ситуацијата во Тетово, каде болницата веќе почна да се полни со нови пациенти. Лекарите алармираат до надлежните здравствени власти да се воведат мерки за заштита од ширење на коронавирусот, но министерот Венко Филипче е дециден дека вакцинацијата во моментов е најголем приоритет

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Во јавноста сè погласни се најавите дека од есен ќе се воведат рестрикции за невакцинираните лица, а Комитетот за имунизација размислува да препорача трета доза вакцина за имунизираните со две дози. Причината за оваа опција е сè поизвесното сценарио дека ќе се појават нови мутации на коронавирусот, после делта варијантата, како и фактот дека има доволно вакцини на располагање.

 

Можно е воведување на трета доза, а можно е и вакцината да стане сезонска

Едно од можните сценарија во однос на вакцинацијата против ковид-19 е здравствените власти да дадат препорака и за трета доза, но и вакцината да стане сезонска, најави неодамна министерот за здравство, Венко Филипче. Тој се надева дека интересот за имунизација нема да спласне.

Интензивно ги следиме и анализираме препораките во однос на вакцинацијата. Едно од можните сценарија е да има препорака за трета доза вакцина, следно можно сценарио е ова да премине во сезонска вакцинација. Очигледно нема да запре трендот на појава на нови соеви и многу веројатно е дека делта-сојот нема да биде последниот сој на овој вирус. Тоа значи дека предизвиците остануваат и понатаму, изјави Филипче.

Во зависност од епидемиолошката состојба, ќе се разговара и за евентуално воведување на рестрикции кои, како што нагласи министерот, прво ќе бидат насочени кон невакцинираните.

 

Некои земји веќе почнаа да аплицираат трета доза

Некои земји од регионот и светот, почнаа да аплицираат трета доза од вакцината против коронавирусот. Кризниот штаб во Србија заклучи дека третата доза на вакцината против коронавирус треба да ја добијат лицата кои имаат проблеми со имунолошката состојба и различни хронични заболувања, соопшти српската министерка за труд, вработување и социјални работи, Дарија Кисиќ Тепавшевиќ.

Лицата кои имале трансплантации, оние на хемодијализа, лицата со малигни заболувања кои примаат терапија, луѓето со хронични заболувања на црниот дроб, бубрезите и белите дробови се лицата кај кои поствакциналниот имунитет е пократок, рече Кисиќ Тепавшевиќ.

Таа наведе дека Кризниот штаб заклучил дека тие лица треба да ја добијат третата доза шест месеци после втората примена доза на вакцината.

Во Израел почнаа со аплицирање на трета доза на вакцина против коронавирусот на луѓе со ослабен имунолошки систем. Тамошното Министерство за здравство соопшти дека поради зголемувањето на бројот на заразени, им овозможува на „имунокомпромитирани” да примат трета доза од вакцината на „Фајзер“. Меѓу првите кои примија трета доза беа претседателот на Израел, Јицак Херцог и неговата сопруга Михал.

И францускиот претседател Емануел Макрон најави дека на ранливите групи и повозрасните луѓе најверојатно ќе им треба трета доза на вакцина против ковид-19.

Веројатно ќе биде потребна трета доза, но не за сите веднаш, туку во секој случај за најранливите и највозрасните, изјави Макрон.

Германија во септември ќе почне да дава трета доза вакцина против коронавирус за ранливите групи од населението и ќе ги вакцинира децата над 12-годишна возраст, соопшти германскиот министер Јенс Шпан по состанокот со министрите за здравство на сите германски покраини. Трета доза предвидено е да се дава од вакцините „Фајзер“ и „Модерна“, а не мора да биде иста како онаа којашто веќе е примена, пренесе „Ројтерс“.

Во Данска на луѓето кои примиле две различни вакцини ќе им се понуди и трета доза од вакцината за да им се признае статусот на вакцинирани лица надвор од шенген зоната, каде важат различни правила.

Данското министерство за здравство соопшти дека на лицата кои примиле различни вакцини ќе им се понуди и трета доза откако ќе биде завршена националната програма за вакцинација. Причината за тоа е што неколку држави надвор од ЕУ и Шенген зоната при влез во земјата на лица кои се вакцинирани со различни вакцини не им признаваат дека се целосно вакцинирани. Тоа може да им направи проблеми за патување на речиси 150.000 дански државјани кои примиле две различна вакцини.

 

СЗО повика на мораториум на трета доза на вакцинација против ковид-19

Светската здравствена организација повика на мораториум на давање трета доза на вакцините против ковид-19, барем до крајот на септември, изјави нејзиниот шеф Тедрос Аданом Гебрејезус. Овој потег треба да овозможи да се вакцинираат најмалку 10 отсто од населението во секоја земја, рече Тедрос.

Ја разбирам загриженоста на сите влади да го заштитат својот народ од варијантата делта. Но, не можеме да прифатиме земји кои веќе го искористиле поголемиот дел од глобалната понуда на вакцини да користат уште повеќе, додаде Тедрос.

 

Прво податоци и факти, потоа одлука за трета доза

Доктор Александар Стојанов, директор на Центарот за јавно здравје-Скопје, во изјава за „Вистиномер“ вели дека сè уште е рано да се каже дали во земјава ќе биде потребно да се аплицира трета доза од вакцината против ковид-19.

Читаме различни информации, ете Србија и други земји инсистираат на трета доза, СЗО никако не препорачува трета доза и сега не знаеме од кои информации да се водиме. Потребно е да помине извесно време, да се види бројот на антитела развиени кај луѓето кои примиле вакцина, да имаме некакви податоци и факти, па потоа да одлучиме. Потребно ни е помасовно тестирање за да добиеме релевантни бројки, но за тоа е рано, бидејќи нема ниту една година како во нашата земја почна масовната вакцинација, вели д-р Стојанов.

Според него, не е проблем да се прими и трета доза, па и четврта ако треба, бидејќи од вакцината не може да се предозираме.

Ние имаме вакцини кои ги даваме во повеќе дози кај децата, на пример, вакцината против полио се дава во пет дози, за хепатит во три дози и т.н. Особено треба да се размислува за ризичните категории луѓе, старите лица и хронично болните, оние кои немаат добар имунодговор како помладите. За нив би било добро да примат трета доза. Сепак, потребни ни се податоци за да се образложат фактите доколку се донесе таква одлука. Зошто би примиле трета доза ако сте добро заштитени од првите две? Немате потреба, додава д-р Стојанов.

Тој открива дека на почетокот од процесот на имунизација, Инситутот за имунологија правел испитување на околу 3 илјади доброволци и имало задоволителен развој на антитела кај тие лица.

Ние не правиме вонредни тестирања ниту за децата, дали се заштитени од вакцините, бидејќи која мајка би сакала да и го боцкаат детето за некакви испитувања. Но, индиректно, гледаме дека како расте бројот на вакцинирани, така опаѓа бројот на заразени, односно ги нема болестите. Така и со коронавирусот. Потребно е време за да видиме. Сега е мал периодот за да имаме некакви искуства и податоци, заклучува директорот на ЦЈЗ- Скопје.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција