Клаус Шваб не напишал книга за елиминација на 4 милијарди „бескорисни јадачи“

Клаус Шваб. Фото: скриншот од дел од текстот

Текст од друг автор на друга книга е ставен како извадок на книга на основачот на Светски економски форум Клаус Шваб, каде што Шваб се прикажува како монструм кој има план да ликвидира 4 милијарди луѓе

Текст од друг автор на друга книга е ставен како извадок на книга на основачот на Светски економски форум Клаус Шваб, каде што Шваб се прикажува како монструм кој има план да ликвидира 4 милијарди луѓе

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува фотографија од Клаус Шваб, основачот на Светскиот економски форум, како и наводен негов цитат од негова книга. Во постот се вели:

Најмалку 4 милијарди „бескорисни јадачи“ ќе бидат елиминирани до 2050 година со помош на ограничени војни, организирани епидемии на фатални болести со брзо дејство и гладување. Енергијата, храната и водата треба да се чуваат на ниво на егзистенција за не елитата, почнувајќи од белото население во Западна Европа и Северна Америка а потоа ќе се шират на другите раси. Населението на Канада, Западна Европа и САД ќе биде десеткувано побрзо отколку на другите континенти, додека светската популација не достигне податливо ниво од 1 милијарда од кои 500 милиони ќе се состојат од кинески и јапонски раси избрани затоа што се луѓе кои со векови биле подредени и кои се навикнати да се покоруваат на авторитетот без прашање. Од времето кога ќе има вештачки измислен недостиг на храна и вода и медицинска нега за да се потсети на масите дека нивното постоење зависи од добрата волја на Комитетот од 300. Извадок од неговата книга „Ковид 19- Големото ресетирање“.

Меѓутоа, Клаус Шваб нема напишано книга со погоре наведениот извадок во неа. Како што пишуваат проверувачите на факти на Ројтерс, извадокот кој е невистинито атрибуиран на Шваб, е, всушност, од книга на Џон Колман, насловена „Хиерархија на конспиратори: Приказната за комитетот од 300“.

Во книгата се тврди дека се споделуваат детали за организација наречена „комитетот од 300“, наводна „семоќна групација“ која го контролира секој аспект од светот. Поточно, Колман тврди дека прави сумирање на работата на членовите на комитетот. Цитатот кој се споделува во постот што го рецензираме, може да го најдете на 105 страница од книгата на Џон Колeман.

Проверувачите на факти на Асошиејтед Прес, исто така, пишуваат дека Клаус Шваб нема напишано книга за истребување на 4 милијарди луѓе. Напротив, пасусот кој му се атрибуира на Шваб, всушност доаѓа од книга во која се промовираат теории на заговор. Фразата „бескорисни јадачи“ доаѓа од нацистичката пропаганда според Музејот на холокаустот на САД и се користел за лицата со хендикеп.

Јан Зопф, портпарол на Светскиот економски форум за Асошиејтед Прес изјави дека пасусот од постот не се појавува во ниту една од книгите на Клаус Шваб и никогаш не бил напишан од негова страна, ниту во книга, ниту на било кое друго место.

Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит. Не е вистина дека Клаус Шваб напишал книга за елиминација на 4 милијарди „бескорисни јадачи“. Станува збор за пасус од книга со промоција на теории на заговор од авторот Џон Колeман.

Вистиномер и претходно има пишувано за мноштвото теории на заговор и дезинформации околу Светскиот економски форум и основачот на СЕФ Клаус Шваб.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција