Клеветење на политичките опоненти во вонредни околности

Фото: Википедија/Flickr

Фото извор: Flickr

 

Времето во кое живееме посебно претпоставува одговорност на лидерите на политичките партии и другите јавни личности. Шефот на ВМРО ДПМНЕ на својот Фејсбук профил без било какви аргументи, се обидува да го земе одиумот од оние кои навистина работат во најтешки околности, ама имаат и најголема одговорност за она што го прават во доба на епидемијата

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на својот профил на Фејсбук објави една форма на проглас во кој се изнесени оценки што не се базираат на никакви факти, а се врзуваат за лица кои вршат јавни функции, па можат да се оценат како спинување.

СПИН: Секоја чест за тие кои голораки се борат во првите редови против пандемијата, докторите, медицинскиот персонал, полицајците, војниците. Капата долу, јунаци!
А, за овие профитерите како Заев, Филипче, Радмила, Оливер и останатите, срам и арам да им е што на маката на овие јунаци и честитоста на народот сакаат политички ловорики да добиваат.
Имам една порака до нив, ќе ве казни народот и тоа ќе ве казни жестоко на следните избори, кога и да се случат!

[Извор: Фејсбук статус, датум: 24.03.2020]

 

КОНТРАСПИН:

Јавните функционери како членови на Времената влада која ќе функционира сè до завршување на идните парламентарни избори и избор на нова влада, по својата функција мора да известуваат за областите со кои раководат. Тоа посебно се бара од нив во време на воведена вонредна состојба, кога критериумите за навремено и ангажирано до крај работење во Времената влада станува уште позначајно и е неоходна јавноста, најпрвин какo израз на демократска отчетност, а потоа и како можност за барање на поддршка во исклучително тешки времиња. Нивната зачестена појавност не е „собирање на ловорики“ и не може да се смета за некакво „профитерство“. Ова треба да се објасни доколку таа ситуација се смета за некакво профитерство.

Дури, повеќе е од јасно дека таквата отчетност и потреба за навремено информирање на граѓаните постои и кај другите функционери, кои не се споменати, а кои се таму како претставниците на ВМРО-ДПМНЕ (министерот за внатрешни работи) или ДУИ (заменик министер за здравство) кои на малите екрани се најмалку еднаш дневно! Дали и тие собираат ловорики? И во чиј интерес?

Во тој список и тоа на чело е ставен Зоран Заев, кој во мигот нема државна функција, ама факт е дека и другите политичари, па и самиот Мицковски се постојано „под рефлекторите“ на телевизиите, кои, пак, наспроти логиката се однесуваат кон нив како да се работи за некаков изборен фер-плеј, небаре сме среде сезона на предизборие!

Доколку, пак, користењето на профитерството е врзано за некаква друга слика, таа уште помалку може да биде залепена за некоја личност без било какви докази за тоа, што овој пат е несомнено случај. Напротив, користењето на изразот профитери и профитерство и нивното врзување за споменатие личности може да биде основ и за кривична пријава. Иако, Мицковски тоа го прави за со зачестено (нека е и несновано) врзување на еден израз со политички опоненти, за да го направи тој спој еден вид на „ноторна вистина“, што рефлексивно ќе се прима од јавноста без потреба од аналитичка проценка.

А тоа е нели токму – најлошо политичко профитерство.! Дури се оди и на создавање на  една поголема поделба меѓу лицата кои се несомнено јунаци на денот („таксативно“ наброени од страна на Мицковски) и оние кои по функција се врзани за нивното секојдневие, со јасна желба да се раские таа функционална споеност и таа да стане „слободна“ за други, евентуално нефунцкионални спојки, да речеме меѓу лекари, полицајци и слично со „навивачи“ кои пак имаат потреба од – народски речено – „гребење“ на внимание во времена состојба. Ова недвојбено може да се крсти како злоупотреба на една многу сериозна ситуација во политички цели.

Мора да напоменеме дека Мицковски спинува со еден недозволен вординг, кој од клеветење (неосновано обвинување) наликува и на закана (народот би рекло клетва), која се упатува на политичките опоненти, целосно недозволива во околностите во кои од сите, посебно од лидерите на партиите се бара за октава поодговорно однесување од вообичаеното.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција