Клик-бејт наслов дека Заев „јадел заушки“ на средбата со Ердоган

Заев и Ердоган. Фото: скриншот од објавата

Фејсбук страница на дигитален медиум споделува текст со наслов, кој освен што е сензационалистички и „клик-бејт“, не е дополнително објаснет во текстот

Фејсбук страница на дигитален медиум споделува текст со наслов, кој освен што е сензационалистички и „клик-бејт“, не е дополнително објаснет во текстот

 

Станува збор за текст објавен по повод неодамнешната работна посета на Турција на македонската делегација на чело со премиерот Зоран Заев, каде што тој беше примен и се сретна и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Текстот е објавен и на Фејсбук страницата на дигиталниот медиум, што е предмет на оваа рецензија.

Но, објавата и во оригиналот е со наслов на кој му недостига контекст. Едно нешто вели насловот, а потоа, тоа не може да се прочита во текстот.

ЗАЈКО ВО ИСТАНБУЛ ЈАДЕЛ ЗАУШКИ ЗАРАДИ ДРУЖБАТА СО СЕДАТ ПЕКЕР?

Насловот е крајно шпекулативен и нејасен за поширока читателска публика. Се употребува пежоративен термин со кој се именува премиерот (Зајко) и притоа се тврди дека „јадел заушки“, што и да значи тоа, а слободниот превод од сленговската употреба генерално би требало да значи дека бил силно прекоруван.

Но, во кратката содржина, тоа никаде не е објаснето во текстот. Написот не нуди никакво објаснување, ниту што значи насловот, ниту како е дојдено до ваков заклучок за исходот на средбата помеѓу Заев и Ердоган.

Текст со ваков наслов, споделен на социјални мрежи, предизвикува љубопитност кај широката јавност. Па, така, секој што бил малку заинтригиран од насловот и го кликнал линкот со надеж дека во текстот ќе прочита повеќе за ова, останал со „празни раце“.

Во написот нема апсолутно ништо поврзано со насловот. Текстот е многу мал исечок од владиното соопштение по повод посетата на владината делегација во Турција. И тоа е сè.

Ниту се спомнува Седат Пекер, ниту било какви „заушки“ без разлика дали станува збор за преносна или било каква смисла на фразата употребена во насловот. Едноставно, текстот е речиси празен и не го нуди тоа што помпезно се најавува во самиот наслов.

Во текстот нема никакви дополнителни информации ниту за името кое што е спомнува во насловот – Седат Пекер, па, така, ако не сте се информирале претходно за ова лице, ќе останете збунети.

 

Кој е Пекер и како се поврзува со Заев?

Тој е турски мафијаш кој е во егзил во непозната земја за да не биде уапсен. Неговото име се спомнува во аферата „Мафија“ што ја отвори ВМРО-ДПМНЕ, а власта спроведе акција под кодно име „Двојник“.

Случајот се однесува на злоупотреба на идентитети за издавањето нелегални македонски пасоши на странски државјани осомничени за криминал и барани со потерници, меѓу кои и Пекер. Тој, според опозицијата, извадил македонски пасош во полициската станица во Драчево под името Џанин Адемовски. Адвокатите на Пекер демантираа дека тој поседува фалсификуван пасош со негова фотографија и туѓ идентитет.

Но, ниту од официјални, ниту од неофицијални извори, нема никаква потврда дека Заев и Ердоган зборувале било што за оваа афера или конкретно за Седат Пекер, ниту дека на Заев „добил заушки“, односно бил критикуван или прекоруван за ова прашање.

Насловот е дефинтивно шпекулативен, укажува на тенденциозност и несоодветен за текстот. Тој е ставен само да привлече внимание и да „собира“ кликови. Се добива впечаток како да е наслов за некој друг текст, а не за овој краток исечок од владино соопштение.

Според тоа станува збор за испуштен контекст во објавата што ја рецензираме.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција