Кликбејт објава дезинформира за пожар во центарот на Скопје
На 3 јануари 2025 година кога е објавена дезинформацијата, во ниеден релевантен медиум во Република Северна Македонија нема објава за никаков пожар во централното градско подрачје
На 3 јануари 2025 година кога е објавена дезинформацијата, во ниеден релевантен медиум во Република Северна Македонија нема објава за никаков пожар во централното градско подрачје. Станува збор за лажна информација со цел да предизвика отворање на линковите што водат до онлајн продавница
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
ВОНРЕДНО МАКЕДОНИЈА: (Во живо) Голем пожар во моментов во центарот на Скопје – погледнете на линкот во коментар.#makedonija #makedonci #balkan #fyp #viral #igordzambazov
Овој тип манипулација ја користи човечката емоција за брзо привлекување внимание. Пожарите се сериозни и често трагични настани, па затоа луѓето природно сакаат да се информираат. Токму таа потреба за информираност се злоупотребува. Зад сензационалниот наслов не се крие вест, туку маркетиншка замка со цел да се зголеми посетеноста и продажбата на производи без никаква поврзаност со настанот. Кога ваквите практики стануваат секојдневие, читателите сè потешко разликуваат реални вести од манипулативна содржина. Дополнително, се релативизира сериозноста на вистинските трагедии, кои се користат како алатка за профит.
Клик-бејтот носи краткорочна добивка за продавачите, но долгорочно ја нарушува информативната култура и јавната доверба.
Особено честа клик-бејт техника е злоупотребата на зборот „вонредно“. Овој збор веднаш создава чувство на опасност, итност и сериозност, па корисниците инстинктивно кликнуваат очекувајќи важна информација што директно ги засега. Наместо реална вонредна состојба или итно соопштение, често следува нерелевантна содржина, реклама или линк што нема никаква врска со настанот, при што стравот и вниманието на публиката се користат како мамка.
На 3 јануари 2025 година кога е објавена дезинформацијата, во ниеден релевантен медиум во Република Северна Македонија нема објава за никаков пожар во централното градско подрачје.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар