Кликбејт дезинформација: Немало „пожар во живо“ за Нова година
Линкот споделен во објавата не информира за никаков „пожар во живо“, ниту пак, за актуелен настан, бидејќи такво нешто за новогодишната ноќ во Северна Македонија не се случи
Линкот споделен во објавата не информира за никаков „пожар во живо“, ниту пак, за актуелен настан, бидејќи такво нешто за новогодишната ноќ во Северна Македонија не се случи. Линкот е класичен кликбејт кој води кон надворешна кинеска страница за продажба на стоки на мало и на големо
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
ВО ЖИВО: Трагедија за Нова Година Се запали ноќен клуб во – има повредени повеќе – Погледни повеќе во коментар!#makedonija #srbija #balkan #fyp#viral #igordzambazov
Во склоп на објавата има линк во првиот коментар со истиот наслов кој навестува дека ќе информира за наводната „трагедија за Нова година“ но тој линк воопшто не води кон каква било информативна содржина, а најмалку таква каква што се навестува во насловот! Наспроти тоа, линкот е класичен кликбејт кој води кон надворешна кинеска страница за продажба на стоки на мало и на големо. Единствената цел на ваквите кликбејт наслови е да се испровоцира емотивна и љубопитна реакција на корисниците на социјалните мрежи со цел тие да пристапат до страницата и да донесат поголем сообраќај не знаејќи дека ќе бидат измамени за нивното време. Вообичаена техника на неетичките кликбејт содржини е да се користат страшни трагични и емотивно набиени настани, како што е направено и во случајот каде се дезинформира за „запален ноќен клуб“. Ова е уште попроблематично во македонски контекст, со оглед на најголемата трагедија во поновата македонска историја, што се случи во ноќен клуб во Кочани на 16 март 2025 година, настан што претставува колективна траума на македонското општество и потсвесно предизвикува граѓаните да кликнуваат на сите содржини што содржат клучни зборови кои ги потсетуваат на тој настан.
Во конкретниот случај има тагови во самата најава, коишто ја споменуваат Македонија иако експлицитно не се наведува каде „се случил наводниот пожар во ноќен клуб“.
Ваквите наслови не само што си поигруваат со вистината, туку и го потценуваат човековото страдање. Пожарите, несреќите и трагичните настани не се содржина за забавување, ниту материјал за маркетинг. Тие се реални трауми со реални последици – изгубени животи, уништени домови и заедници во шок.
Дополнително, кликбејтот често шири паника, дезинформации и полувистини. Во моменти кога јавноста има потреба од точни и одговорни информации, таа добива манипулација. Ова не е само неетичко – тоа е опасно. Манипулирањето со стравот заради кликови е форма на злоупотреба на јавната доверба.
Наспроти наведеното, во линкот не се информира за никаков „пожар во живо“, ниту пак, за актуелен настан, бидејќи таков за новогодишната ноќ во Северна Македонија не се случи. Кликбејтот најчесто се препознава баш по сензационалистичкиот тон што намерно ја крие суштината, а ја засилува емоцијата: тоа во конкретниот случај од објавата што ја рецензираме е невистината дека кога ќе кликнете на линкот ќе видите нешто „во живо“, што не е точно.
Други техники за препознавање на кликбејтот се драматични зборови како „шок“, „хаос“ и „катастрофа“, нејасни формулации од типот „ова никој не го очекуваше“, лажна итност со „веднаш прочитај“ и визуелно алармирање со извичници и емотикони. Наместо точна и одговорна информација, ваквите наслови нудат страв, шок или љубопитност, често злоупотребувајќи трагични настани за кликови. Резултатот е манипулација на вниманието и постепено губење на довербата, бидејќи јавноста се третира како публика за реакции, а не како граѓани што имаат право на вистина и контекст. Кога ќе се види дека ваквиот наслов води кон кинеска страница за продажба на стоки, разочарувањето е уште поголемо.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар