Кликбејт наслов дезинформира за сообраќајка во Србија
Не е точно дека извесна пејачка Милица во Србија загинала и дека имало снимка во живо, како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме, туку злоупотребена е фотографија од друг инцидент за да се фабрикува кликбејт дезинформација
Не е точно дека извесна пејачка Милица во Србија загинала и дека имало снимка во живо, како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме, туку злоупотребена е фотографија од друг инцидент за да се фабрикува кликбејт дезинформација
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Трагичен ден за Србија!!! Загина познатата пејачка Милица П во собраќајна несреќа (Видео) -Погледни во коментарот ..
Во склоп на објавата има фотографија која е извадена од видеоматеријал, а до неа на српски јазик пишува „во живо“ .
„Вистиномер“ ја пребара фотографијата во системот на Гугл за обратно пребарување фотографии и добивме резултат дека фотографијата е стара најмалку една година и дека се појавува на новински страници од германското говорно подрачје во повеќе објави.

Првиот медиум на кој ја пронајдовме фотографијата е реномираниот „Зи Дојче Цајтунг“, најголемиот дневен весник во Германија со седиште во Минхен. Текстот е објавен на 4 март 2025 година и се однесува на сообраќајна несреќа со смртни последици, односно три загинати лица.
Автомобил се судира со камион. Патниците во автомобилот излегуваат од него – и еден е удрен од друг автомобил. По фаталната несреќа се формира сообраќаен метеж. На крајот од овој метеж, уште две лица умираат, пишува во текстот на весникот којшто е илустриран со фотографија, искористена во објавата што ја рецензираме.
Конкретната фотографија, која е искористена во објавата за да се дезинформира дека се работело за настан во Србија во кој загинала пејачка, всушност е од настанот со три жртви од Германија и тоа се гледа од легендата под фотографијата на „Зи Дојче Цајтунг“ која гласи „поради несреќата, автопатот А1 е целосно затворен од раскрсницата Холдорф кон Хамбург“.
Значи, не е точно дека извесна пејачка Милица во Србија загинала и дека имало снимка во живо, како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме, туку злоупотребена е фотографија од друг инцидент за да се фабрикува кликбејт дезинформација.
Дополнителен доказ за тоа дека се работи за кликбејт е тоа што линкот оставен во коментар, а за кој се тврди дека ќе го однесе корисникот на социјалната мрежа до сторијата, всушност води до кинеска продавница за продажба на производи на мало и на големо.
Кликбејт насловите со линкови до продавници најчесто се користат за да привлечат што повеќе посетители и кликови. Таквите наслови се формулирани да звучат интригантно, изненадувачки или сензационално, па луѓето чувствуваат љубопитност да кликнат и да видат што се крие зад нив. Кога корисникот ќе кликне, често се пренасочува кон онлајн продавница или страница со производи, со што се зголемува посетеноста и шансата некој да направи купување.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар