Кликбејт наслов со фотографија од српска функционерка мами кликови

Марина Рагуш никогаш не држела прес-конференција за повратот на ДДВ во Северна Македонија ниту пак, би имало зошто таа како функционерка од соседна држава, да е поврзана со таквата информација.

Заменик-претседателката на Народното собрание на Србија, Марина Рагуш, никогаш не држела прес-конференција за повратот на ДДВ во Северна Македонија, ниту пак, би имало зошто таа како функционерка од соседна држава да е поврзана со таквата информација

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

УЈП со важно известување за сите граѓани во Македонија кои скенираат мој ддв – повеќе на линкот во коментар

Во склоп на објавата има фотографии од телефонската апликацијата за скенирање на фискални сметки за поврат на ДДВ како и фотографија од заменик-претседателката на Народното собрание на Србија Марина Рагуш.

Вистиномер ја пронајде фотографијата која е злоупотребена во објавата, а која е од Рагуш. Таа е објавена во април 2024 година и не се однесува на никакво важно известување од УЈП за сите граѓани во Македонија туку за сосема друг настан. На следниот линк може да се прочита тој текст од 2024 година каде Рагуш од кандидатската листа на Александар Вучиќ „Србија не смее да застане“, зборувала за работата со претседателката на парламентот Ана Брнабиќ и за женската доминација на чело на парламентот во Србија, а не за „важно известување од УЈП за сите граѓани во Македонија кои скенираат сметки“.

Во конкретната објава што ја рецензираме, пак, линкот што е објавен во коментарот воопшто не води кон содржина со важно известување од Управата за јавни приходи за сите граѓани во С. Македонија, туку води до сосема друга и неповрзана страница. Станува збор за кликбејт наслов чија цел е да донесе поголем сообраќај на трета страница со цел остварување профит. Така, се злоупотребува фактот што голем дел од граѓаните на Република Северна Македонија кои скенираат фискални сметки би биле заинтересирани за „важното известување“.

Кликбејт објавите се креираат со измамнички, наведувачки наслови, за теми коишто засегаат голем број на граѓани, како во случајов. Повратот на ДДВ е категорија која ги засега граѓаните и самите фотографии кои се искористени во објавата (од фискална сметка и од апликација за скенирање на фискални сметки) алудираат и асоцираат дека она кое ќе се прочита е поврзано со „Мој ДДВ“. Но, не е така и Марина Рагуш никогаш не држела прес-конференција за повратот на ДДВ во Северна Македонија ниту пак би имало зошто таа како функционерка од соседна држава, да е поврзана со таквата информација.

Кликбејт насловите како оној во случајот што го рецензираме, најчесто се изградени врз принципот на поттикнување емоционална реакција. Користат суперлативи („неверојатно“, „шокантно“, „неочекувано“) кои не служат за информативна прецизност туку за манипулација со читателската љубопитност. Усвоена е техниката на намерно пропуштање на клучни информации со цел провоцирање на клик. Наслови како „Нема да верувате што се случи понатаму“ или „Тој направи нешто што ќе ве остави без зборови“ не кажуваат ништо суштинско, а токму таа празнина станува мотивациски механизам. Во конкретниот случај во насловот не се кажува кое е „важното известување за сите граѓани“ туку се наведува читателот да кликне за да сфати дека такво известување не постои. Со проверка на сајтот на УЈП исто така не пронајдовме важно известување за оние кои скенираат фискални сметки.

Кликбејт насловите често го пренагласуваат значењето на настанот или содржината. Обични, секојдневни случувања се претставени како сензационални пресврти. Тие често внесуваат чувство на наводна актуелност или опасност („Ова мора да го видите пред да го избришат!“). Овој елемент на итност се користи за да се намали когнитивното двоумење и да се поттикне импулсивност кај читателот. Ова ја нарушува етичката димензија на медиумската комуникација, бидејќи ја злоупотребува природната човечка склоност кон избегнување на пропуштени информации.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција