Кликбејт наслов води кон онлајн кинеска продавница

Објавата не се однесува на „вонредна вест во Македонија“, линкот во коментарот на објавата не води кон вест за „повpeдени лица во пожap во фабрика“, туку води кон надворешен линк од кинеска продавница за продажба на производи на мало и големо

Објавата не се однесува на „вонредна вест во Македонија“, линкот во коментарот на објавата не води кон вест за „повpeдени лица во пожap во фабрика“, туку води кон надворешен линк од кинеска продавница за продажба на производи на мало и големо

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

ВОНРЕДНА ВЕСТ ВО МАКЕДОНИЈА! За жал има повpeдени лица во пожapoт во фабриката ГОСПОД да им помогне – ПОВЕЌЕ НА ЛИНКОТ ВО КОМЕНТАР…#Macedonia#fyp #ceca #balkanija#balkan #srbija #zagreb#igordzambazov #toseproeski #acalukas#fyp #balkan
Во склоп на објавата има фотографија од лице коешто лежи најверојатно во болничка постела и стапалата му се обвиени во завој. Во склоп на објавата исто така има и коментар, а во него е поставен линк. Но наспроти изнесеното во објавата, линкот во коментарот не води кон „вонредна вест во Македонија со повредени лица“, туку води кон надворешен линк од кинеска продавница за продажба на производи на мало и големо. Фотографијата којашто е злоупотребена за оваа кликбејт содржина потекнува од 07 септември 2025 година, кога е употребена во склоп на повеќе медиумски објави за да се информира за пожар кој се случил тогаш во фабриката „Винчини“.
Тогаш директорот на ДЗС Стојанче Ангелов информираше дека во гаснењето на пожарот учествувале пожарникари од ТППЕ Виница, Македонска Каменица, Делчево, Кочани, Пробиштип, Штип, Струмица, Кавадарци и Велес, а неколку пожарникари се здобиле со изгореници на стапалата откако се заглавиле во смола од стопен шеќер во еден од погоните. При обидот да ги одглават стопалата чизмите им останале во стопениот шеќер и згазнале во стопената смеса.
Следствено, може да се заклучи дека објавата е кликбејт, поточно таа не се однесува на нов настан и вонредна вест во Македонија, како што невистинито се наведува јавноста да поверува од насловот. Целта е да се создаде итност и да се измами читателот поради злоупотреба на зборови и фрази да кликне на линкот мислејќи дека се случува некоја голема вонредна ситуација, која што вклучува повредени лица.
Ваквите претерани, сензационалистички, измамнички наслови не водат кон вистинска содржина, тие се нецелосни, разочарувачки, побудуваат силни емоции на шок, страв и љубопитност, и не го исполнуваат ветеното од насловот. Тие се користат за да се добијат повеќе кликови, повеќе прегледи, повеќе реклами и пари. Ако насловот звучи претерано драматично и не кажува конкретно што ќе следува на линкот, најверојатно е кликбејт. Во конкретниот случај не се кажува каде е пожарот, а ако веста е толку „вонредна“ тогаш би морало да се наведе и каде се случила.
Кликбејтот има повеќе негативни ефекти врз корисниците на социјалните мрежи. Тој ја доведува во заблуда јавноста со сензационални и често неточни наслови, што резултира со губење доверба кон медиумите и информациите што ги пласираат. Наместо квалитетна и корисна содржина, читателите добиваат површни текстови кои ги трошат нивните внимание и време. Дополнително, кликбејтот поттикнува ширење дезинформации, создава непотребна паника или лажна надеж и ја намалува медиумската писменост, особено кај помладата публика.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција