Кликбејт: Не македонски, туку хрватски гастарбајтери ја напуштиле Германија
Ниту во насловот ниту во најавата во објавите не се наведува дека се работи за ситуација во Хрватска. Па, корисниците на социјалните мрежи не можат да сфатат дека ситуацијата за која се пишува не се однесува за Северна Македонија сè додека не кликнат на текстот и не го прочитаат
Ниту во насловот ниту во најавата во објавите не се наведува дека се работи за ситуација во Хрватска. Па, корисниците на социјалните мрежи не можат да сфатат дека ситуацијата за која се пишува не се однесува за Северна Македонија сè додека не кликнат на текстот и не го прочитаат
Рецензираме објави на социјалната мрежа Фејсбук (овде, овде, овде, овде и овде) во кои пишува:
Гастарбајтерите ја напуштаат Германија, се враќаат назад: Криза е… Прочитајте повеќе на линкот во првиот коментар!
Во склоп на првиот коментар во објавите се споделува вест од сајт која се однесува на тоа дека „сè повеќе хрватски граѓани емигрираат од Германија“. Наспроти тоа што стои во насловот и најавата, во објавите не се наведува дека се работи за ситуација во Хрватска, целиот текст се однесува на состојба во Хрватска. Корисниците на социјалните мрежи не можат да сфатат дека ситуацијата за која се пишува не се однесува за Северна Македонија сè додека не кликнат на текстот и не го прочитаат.
Објавите во содржината на линкот се однесуваат за тоа дека минатата година повеќе од 20 илјади хрватски граѓани ја напуштиле Германија, некои се вратиле во Хрватска, некои се преселиле во други држави. Текстот има искуства на луѓе кои зборуваат дека имаат намера да се вратат во Хрватска и се наведува дека повеќе од 14.500 хрватски граѓани се вратиле во Хрватска од Германија во последните три години. Соговорниците кои се интервјуирани во текстот немаат врска со Северна Македонија, туку раскажуваат како се преселиле прво во Германија со семејствата и сега сакаат да се вратат во Хрватска. Говорат за носталгичните и културолошки елементи кои им недостасуваат во странство, мотивот да ги реновираат старите огништа кои ги оставиле во Хрватска и се споменува дека некои луѓе „се селат од Германија поради лоши економски услови“. Еден од соговорниците вели дека во областа на градежништвото во Германија имало мала криза.
Всушност, на ваков начин кога во најавата не се наведува на која држава се однесува текстот, се промовира кликбејт. Тоа е стратегија која се потпира на таканаречениот „јаз на љубопитноста“ што е всушност психолошкиот простор меѓу она што читателот го знае и тоа што сака да го дознае – насловите се креираат така што читателот мисли дека чита нешто за Северна Македонија, а содржината е за друга држава. Целта е максимизирање на кликовите, споделувањата и коментарите за поголема видливост на ваквите објави.
Во конкретниот случај, една иста содржина со истата најава „Вистиномер“ ја пронајде во пет различни објави. Во овие објави на Фејсбук се навестува за проблемот на иселениците кои се враќаат дома, а во самата статија станува збор за таа тема ама во друга држава. Овој метод се потпира на брзина: многу корисници реагираат емоционално или споделуваат содржини без целосно да ги прочитаат. Двосмисленоста е намерна. Таа овозможува привлекување поширока публика.
Поради сите горенаведени факти објавите што ги рецензираме ги оценуваме како објави во кои се пропушта контекстот.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар