Кликбејт објава дезинформира за измислена „трагедија“

Кликбејт насловот известува за наводна трагедија, но главната цел не е да информира, бидејќи таквата трагедија е целосно измислена. Содржината не кореспондира со она што се навестува во насловот.

Кликбејт насловот известува за наводна трагедија, но главната цел не е да информира, бидејќи таквата трагедија е целосно измислена. Содржината не кореспондира со она што се навестува во насловот

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Нова ТРАГИЧНА вест пред малку пристигнува од Скопје, едно лице го загуби животот – погледнете на линкот во коментар

Објавата е од 4 април 2026 година. Линкот што е поставен во првиот коментар воопшто не кореспондира со насловот. Имено, линкот не води кон информативна содржина, ниту пак кон „нова трагична вест во која едно лице го загубило животот“. Линкот води кон повеќе надворешни страници што се менуваат секогаш кога ќе се кликне, а една од тие страници е од кинеска продавница за продажба на мало и големо. 

Ваквата практика се нарекува кликбејт. Тоа е техника преку која со невистинит, емотивен, сензационалистички наслов и придружна фотографија, се таргетираат емотивноста и љубопитноста на корисниците на социјалните мрежи, затоа што тие се наведуваат да поверуваат дека итно мора да дознаат за некоја голема трагедија, некоја информација што е толку актуелна и општествено важна што се емитува „во живо“. Невистинито е наведеното и во фотографијата во склоп на објавата, каде во горниот десен агол пишува дека настанот се емитува во живо. 

Но, кога ќе се кликне на линкот, се доаѓа до заклучокот дека информацијата што се ветува во насловот не се испорачува, односно таквиот настан не постои. Од ваквата пракса на лажни и сензационалистички клик-бејт наслови, расте сообраќајот кон надворешната страница на нечесен, измамнички начин, и довербата на корисниците на социјалните мрежи всушност се злоупотребува.

Во склоп на објавата се споделува фотографија и во горниот десен агол пишува „во живо“. Тоа е уште една манипулативна техника со цел да се измами корисникот – дека содржината до која ќе пристапи е пренос во живо од настанот што е толку трагичен што добил и медиумско внимание да се пренесува во моментот на случувањето. Ова, секако, е невистина. Но, техниката да се наведе дека преносот е „во живо“ претставува манипулација за кликови, затоа што во реалноста медиумска презентација во живо најчесто имаат само општествено важни настани чија релевантност е голема. 

„Вистиномер“ ја пронајде фотографијата што е искористена во објавата и таа за првпат е употребена уште во 2021 година, што потврдува дека не може да се работи за настан „во живо“ од 4 април 2026 година. На следната фотографија може да се најде фотографијата објавена на 24 октомври 2021 година.

Претходно, во 2019 година фотографијата е употребена при известување за прегазен пешак во центарот на Скопје.

Употребата на оваа фотографија во медиумските содржини што ги пронајдовме е илустративна, а не од оригинален настан. 

Кликбејтот е вид на наслов, текст или содржина на интернет направена специјално да го натера корисникот да кликне, користејќи претерување, сензационализам и манипулација. Во конкретниот случај насловот е таков – известува за наводна трагедија, но главната цел не е да информира, бидејќи таквата трагедија е целосно измислена. Целта се повеќе кликови кон надворешната страница, повеќе прегледи, повеќе пари од реклами. Содржината не кореспондира со она што се навестува во насловот.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција