Кликбејт објава манипулира со емоциите на граѓаните

Со фотографијата од интервентната полиција, објавата што ја рецензираме добива сосема поинаков контекст бидејќи ги намамува граѓаните и корисниците на социјалните мрежи да поверуваат дека се работи за настан што се случил во Северна Македонија.

Со фотографијата од интервентната полиција, објавата што ја рецензираме добива сосема поинаков контекст бидејќи ги намамува граѓаните и корисниците на социјалните мрежи да поверуваат дека се работи за настан што се случил во Северна Македонија

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

ВОНРЕДНО! ДРАМА пред малку: Девојка падна од прозор од зграда, не била сама – повеќе на линкот во коментар

Во склоп на објавата во коментарот се споделува линк кој воопшто не води кон содржина каква што е најавена во насловот. Фотографијата која што е во склоп на објавата прикажува полициски службеници во униформи на интервентната полиција (нивните ознаки и испишаното име на интервентната полиција прикажуваат дека се работи за фотографии од македонската полиција), но не од настан каков што невистинито се тврди дека се случил.

Објавата е споделена на 23 октомври 2025 година, а на тој ден во дневниот билтен и во медиумските извештаи во Северна Македонија не беше објавен настан каде „девојка паднала од прозорец од зграда и не била сама“.

Сличен настан еден ден претходно се случил во Нови Сад, а за него известуваа медиумите од регионот. Но, со фотографијата којашто е прикажана од интервентната полиција, објавата што ја рецензираме добива сосема поинаков контекст бидејќи ги намамува граѓаните и корисниците на социјалните мрежи да поверуваат дека се работи за настан што се случил во Северна Македонија.

Имено, самиот линк оставен во коментарот воопшто не води кон вест, туку води кон надворешни линкови кои се менуваат секој пат кога се пристапува до истите, со што се потврдува дека се работи за кликбејт објава.

Кликбејтот претставува онлајн содржина, во случајов фотографија направена да го привлече вниманието, да ве натера да кликнете. Насловот со сензационалистички јазик е шокантен, но вистинската содржина не го исполнува тоа што го ветува.

Целта поради која се користат вакви манипулации е да се добијат повеќе прегледи, посетители или приходи од реклами, бидејќи што повеќе луѓе кликнуваат, толку поголем сообраќај добива надворешната страница, а честопати ова е врзано со приходите кои исто така растат.

Конкретната фотографија прикажана во објавата е од апсење на лице коешто е соборено од интервентната полиција на земја, а не од настан каков што е посочен во насловот. Кликбејт насловите намерно ги користат човечките емоции, бидејќи емоциите го „исклучуваат“ внимателното размислување и тераат брзо да реагирате — да кликнете, споделите или коментирате.

Поради сите горенаведени факти објавата ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција