Кликбејт објава шири невистини дека гори стан во Скопје

Фотографијата споделена во објавата што ја рецензираме ја има во бројни статии на српски портали и медиуми, каде се известува за убиство кое се случило на 17.10.2025 година. Така што, таа не се однесува за пожар во стан во Скопје, како што невистинито се тврди во оваа објава, којашто всушност претставува кликбејт содржина

Фотографијата споделена во објавата што ја рецензираме ја има во бројни статии на српски портали и медиуми, каде се известува за убиство кое се случило на 17.10.2025 година. Така што, таа не се однесува за пожар во стан во Скопје, како што невистинито се тврди во оваа објава којашто всушност претставува кликбејт содржина, чија основна цел е да манипулира со емоциите и љубопитноста на корисниците на социјалните мрежи

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Во живо : ВОНРЕДНО МАКЕДОНИЈА! : Страшни снимки доцна вечерва во Скопје гори станот на – повеќе на линкот во коментар..

Во склоп на објавата е поставена фотографија од полициско возило на коловоз, а на него на кирилица е испишано „полиција“. Меѓутоа, изгледот на возилото воопшто не кореспондира со возилата кои ги користи полицијата на Република Северна Македонија.

На социјалната мрежа Инстаграм, „Вистиномер“ пронајде видеоматеријал на каналот на српската телевизија „Пинк“, во којшто се наведува дека снимката која содржи кадар идентичен на оној од објавата што ја рецензираме, всушност портретира „први снимки од местото на убиството во Белград кое се случи синоќа“. Понатамошното наше истражување на фотографијата што е понудена во објавата што ја рецензираме нè доведе до бројни статии на српските портали и медиуми, каде се известува за ова конкретно убиство и од каде евидентно е преземена фотографијата. Така што, таа не се однесува за пожар во стан во Скопје, како што невистинито се тврди во објавата.

Имено, убиството се случило на 17.10.2025 година. Од текстот на „Мондо“ се гледа дека се работело за 35-годишен маж, а за убиството бил приведен 21-годишниот Ѓ.Ж. за кој постоело сомнение дека е извршител на кривичното дело, па за него припадниците на српското МВР по налог на Вишото јавно обвинителство во Белград одредиле задржување до 48 часа во прво време.

Во првиот коментар на објавата е поставен линк кој симулира „портал“, односно линк за кој се создава невистинита импресија дека ќе го одведе корисникот на социјалните мрежи до „страшните снимки од стан во Скопје што гори“. Но, линкот не води кон реален медиум, ниту кон каква било информативна содржина, туку води кон надворешна страница која се менува секогаш кога одново ќе кликнете на линкот. Така, еднаш таа води кон кинеска продавница за продажба на големо, вторпат води кон страница со експлицитни содржини, потоа кон трета страница итн.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција