Кликбејт објава злоупотребува настан со смртни последици

Полициска екипа го открила безживотното тело, но сепак далеку од тоа дека за овој кривично-правен настан со смртни последици „целата полиција во Македонија е на нозе“ како што тоа невистинито се посочува во насловот. 

Полициска екипа го открила безживотното тело, но сепак далеку од тоа дека за овој кривично-правен настан со смртни последици „целата полиција во Македонија е на нозе“ како што тоа невистинито се посочува во насловот

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Цела ПОЛИЦИЈА на нозе во Македонија, вечерва се проширија првите снимки на социјалните мрежи – повеќе на линкот во коментар
Во склоп на објавата споделени се фотографии од видео на коешто се гледаат полициски службеници и бело возило (комбе) пред објект, а поставено е и логото на ТВ 21. Но, наспроти наведеното, линкот во коментарот не води кон содржина за „настан поради кој цела полиција е на нозе во Македонија“ ниту пак може да се погледнат „првите снимки на социјалните мрежи“ како што тоа невистинито се најавува. Линкот всушност води кон надворешен кинески ланец за продажба на производи на големо и мало (Али експрес) и не претставува медиумски напис. Самите фотографии се злоупотребени за да се испровоцира кликнување на содржината и да се наведе корисникот на социјалните мрежи да поверува дека ќе прочита скандалозна информација поради што „целата полиција во Македонија е на нозе“. Но, ваквиот наслов е само јадица за да се донесе зголемен сообраќај на страница за продажба на комерцијални и различни производи.
„Вистиномер“ ја пронајде оригиналната снимка од која се извадени фотографиите во склоп на објавата. Видеоматеријалот носи наслов „Телото на 42-годишникот од Тетово е донесено во мртовечница“. Станува збор за случај од 24 ноември 2025 година. Безживотно тело на 42-годишник од Тетово било пронајдено во близина на селото Нераште. Јавното обвинителство издало наредби за да се расчисти смртта за која првично имало сомневање дека е резултат на кривично дело. Пронајден починат бил А.Б. (42). Тој бил пронајден починат во возило, облеан во крв, а на предното автомобилско стакло имало дупка од куршум.
Според информациите од Обвинителството, извршен е увид на лице место после што се дадени повеќе наредби со цел да се откријат сторителите поради сомнеж дека смртта е резултат на кривично дело. Издадена е наредба за обдукција, наредба за подигнување на возилото и други траги од лице место на кои ќе се врши вештачење, наредба да се обезбедат снимки од видеонадзор и други докази.

Сега починатиот излегол до дома и не се јавувал на телефонските повици на сопругата која случајот го пријавила во полиција.

СВР Тетово информираше дека во ниви во атар на село Нераште полициски службеници од Полициско одделение Теарце  забележале паркирано возило „Ауди“ со тетовски регистерски таблици, каде имало машко лице без знаци на живот.

Иако полициска екипа го открила безживотното тело, сепак далеку од тоа дека за овој кривично-правен настан со смртни последици „целата полиција во Македонија е на нозе“ како што тоа невистинито се посочува во насловот.

Во објавата што ја рецензираме се работи за класичен кликбејт наслов чија цел е со сензационализам, со изигрување на љубопитноста и емотивноста на корисниците на социјалните мрежи да се измами клик повеќе со цел да се добие поголем сообраќај на сајт за комерцијална продажба од Кина. Целта на кликбејт содржините како оваа, не е да информираат ниту да дадат реален и неискривен приказ на настан, туку да донесат поголем профит за конкретен правен субјект или интернет страница, поголем сообраќај на веб-страница, на начин што читателот ќе се почувствува „измамен“ – дека на линкот нема содржина каква што се ветува во насловот.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција