Кликбејт: Сообраќајка од Словачка претставена како да се случила во земјава

Вистиномер ја пронајде фотографијата објавена во балкански медиуми и таа воопшто не се однесува на трагичен настан кој се случил кај нас. Наспроти изнесеното во објавата сообраќајката се случила во селото Јањице, Словачка на 3 октомври годинава

Вистиномер ја пронајде фотографијата објавена во балкански медиуми и таа воопшто не се однесува на трагичен настан кој се случил кај нас. Наспроти изнесеното во објавата сообраќајката се случила во селото Јањице, Словачка на 3 октомври годинава

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

ТАГА ДО НЕБО: Мајка (22) загина со својот син (1) и бебето веднаш по излегувањето од породилиштето Линк во коментар …#Macedonia#fyp #ceca #balkanija#balkan #srbija #zagreb#igordzambazov #toseproeski #acalukas#fyp #balkan

Во склоп на објавата има фотографија од уништен автомобил во сообраќајна несреќа. Вистиномер ја пронајде фотографијата објавена во балкански медиуми и таа воопшто не се однесува на настан кој се случил во Северна Македонија, наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме.

Настанот е од 3 октомври 2025 година во селото Јањице, Словачка. Во сообраќајната несреќа според наведеното во балканските медиуми, животот го изгубила 22-годишна мајка и нејзиниот едногодишен син и бебе старо 6 дена. Автомобилот го возел 21-годишен роднина на загинатата жена кој бил хоспитализиран. Во автомобилот биле и нејзините три други деца кои ја преживеале несреќата. Селото Јањица брои неколку стотини жители. До несреќата дошло вечерта на 29 септември, само еден ден откако жената излегла од болницата штотуку породена.

Семејството било тргнато на гости кај нејзината сестра, но на патот возачот ја загубил контролата над возилото и излетал од патот. Пожарникарите и лекарите не успеале да ги спасат жртвите. Едногодишниот син загинал на лице место додека бебето старо само 6 дена, иако најнапред било реанимирано, во болница набрзо починало. Останатите 3 деца од автомобилот се хоспитализирани и во стабилна состојба извести бх-индекс на 3 октомври 2025.

Во текстот се додава дека автомобилот го возел 21-годишниот член на семејството кој возачката ја добил само неколку месеци пред несреќата. Полицијата покренала кривична постапка за убиство од небрежност.

Од горенаведеното се гледа дека настанот не е од датумот на кој се споделува објавата, ниту пак се однесува на С. Македонија и покрај тоа што Македонија е цитирана во таговите. Линкот кој е поставен во коментар води кон надворешна страница на која се бара да скенирате кјуар код за да „докажете дека не сте робот“, поточно води кон страница која што не е поврзана со настанот кој се опишува во насловот.

Станува збор за кликбејт објава, што претставува вид на содржина што е намерно дизајнирана да привлече што е можно повеќе кликови, прегледи или интеракции, најчесто преку сензационален, претеран или двосмислен наслов кој не ја открива целосната суштина на информацијата. Главна карактеристика на кликбејтот е користењето емоционално набиен јазик што предизвикува љубопитност, шок, страв или возбуда, како и намерно изоставување клучни информации со цел корисникот да биде „принуден“ да кликне за да дознае повеќе. Често се користат техники како прашални или недовршени наслови („Нема да верувате што се случи понатаму…“), претерување, лажна итност („Ова мора да го видите веднаш!“), манипулација со емоции и користење привлечни слики или видеа што не секогаш се директно поврзани со содржината.

Иако ваквите објави можат привремено да го зголемат досегот и ангажманот, нивното влијание врз корисниците на социјалните мрежи често е негативно, бидејќи создаваат чувство на разочараност, ја намалуваат довербата во медиумите и придонесуваат за површно информирање. Со тек на време, честото изложување на кликбејт содржини може да доведе до замор кај корисниците, критичка недоверба кон онлајн информациите и поттикнување на дезинформации, што ја нарушува квалитетната и одговорна комуникација во дигиталниот простор.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција