Кликбејт: Ветеното во насловот го нема на линкот
Овој кликбејт наслов води кон страница за којашто програми за блокирање вируси спречуваат таа да се појави
Овој кликбејт наслов води кон страница за којашто програми за блокирање вируси спречуваат таа да се појави. Кликбејт содржините користат сензационалистички наслови, манипулативни фотографии или провокативни изјави со единствена цел – да се привлече внимание и да се зголеми бројот на кликови, прегледи или интеракции
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
(ФОТО) Голем број амбулантни и противпожарни возила на пистата на аеродромот во Охрид – за каква симулација станува збор погледнете на линкот во коментар
Кога ќе се кликне на линкот оставен во коментарот се гледа дека во горниот дел каде што се наоѓа адресата на страницата, истата се менува трипати пред да се појави линкот, кој пак, воопшто не е за „голем број амбулантни и противпожарни возила на пистата на аеродромот во Охрид“. Кликбејт насловот води кон страница за којашто програми за блокирање вируси спречуваат таа да се појави. Инаку, „Вистиномер“ ја пронајде фотографијата којашто е оставена во склоп на кликбејт постот и таа е објавена на Инстаграм профилот на директорот на ТАВ, но и на други сајтови.
Станува збор за настан од 2 декември 2025 година кој се одржал на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид каде била реализирана показна вежба за справување со вонредни ситуации и итни интервенции. Вежбата се одвивала според сценарио во кое авион за време на полетувањето удира во птица што предизвикува дефект и целосно исклучување на еден од моторите. Потоа била демонстрирана брза и координирана реакција на сите служби задолжени за безбедност и спасување. Во симулацијата учествувал аеродромскиот тим за спасување и противпожарна заштита, противпожарните единици од Охрид и Струга, медицински екипи од локалните болници како и претставници од Црвениот крст. Сите заедно извеле синхронизирана операција која ја прикажала подготвеноста за ефективно дејствување во кризна ситуација.
Кликбејт содржините претставуваат стратегија во која се користат сензационалистички наслови, манипулативни фотографии или провокативни изјави со единствена цел – да се привлече внимание и да се зголеми бројот на кликови, прегледи или интеракции.
Кликбејт се препознава по наслови кои намерно оставаат недореченост или создаваат лажна драматичност, со што корисникот е мотивиран да кликне за да дознае повеќе. Меѓу најчестите формати се фрази како „Не можете да поверувате што се случи…“, „Шокантно откритие…“ или „Ова ќе ве остави без зборови…
Иако ваквата содржина носи брзи резултати во форма на зголемен сообраќај, таа има негативни последици врз квалитетот на информирањето. Корисниците често се соочуваат со дезинформации, половични факти или содржина што е во целосно несогласување со најавеното во насловот. Ова, пак, придонесува кон намалување на довербата во медиумските извори и создавање на медиумска стварност во која површинските сензации го потиснуваат вистинското новинарство.
Кликбејтот ја експлоатира когнитивната пристрасност на корисниците – особено таканаречениот „јаз на љубопитност“, каде нецелосната информација во насловот создава психолошки притисок врз поединецот да кликне за да ја „заокружи“ информативната празнина. Класични индикатори на кликбејт се сензационализам, емоционална хиперстимулација, употреба на суперлативи и намерно избегнување конкретни факти.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава која е невистинита. Иако настанот се случил, самиот линк кој е презентиран во склоп на објавата со конкретната најава не е со цел да се информира, туку да се испровоцира сообраќај кој би водел до страница на која не е презентирано ништо од тоа што се најавува во насловот.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар