К’нев: Ромите, муслиманите и Македонците се најчеста мета на дезинформации во Бугарија

 

Красимир К’нев е еден од основачите и сегашен претседател на Бугарскиот хелсиншки комитет (БХК). Докторирал на софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“ и специјализирал човекови права на  универзитетот „Колумбија“ во Њујорк. Покрај претседателствувањето со БХК, тој предава човекови права на „Свети Климент Охридски“, а предавал и на универзитетот во Пловдив „Пајсиј Хилендарски“, универзитетот во Сараево, Централноевропскиот универзитет и на универзитетот во Јуџин, Орегон, САД.

Бил член и претседател на неколку важни меѓународни организации, од кои дел и во составот на ООН. Автор и редактор  е на голем број книги и публикации од сферите на меѓународното право за човековите права, социологијата на меѓуетничките односи, правото и образованието и естетиката и логиката.

 

Кои се најбројните медиумски манипулации и дезинформации што се распространуваат преку медиумите во Бугарија и медиумите на бугарски јазик воопшто?

– Во Бугарија има различни медиуми, коишто користат различни етички стандарди. Тие имаат и различни редакциски политики. Поради тоа е тешко да се сумира кои се најчестите манипулации и дезинформации во нив. Во некои медиуми, коишто отворено се спротивставуваат на човековите права, најчесто се дезинформира за етничките малцинства, за ЛГБТ лицата и за други прашања сврзани со човековите права.

Една од највирулентните злонамерни кампањи на манипулација и дезинформација во минатата година беше насочена против ратификацијата на Конвенцијата на Советот на Европа за борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулската конвенција). Таа кампања од почетокот се засноваше на отворени и умислено распространувани лаги за содржината на конвенцијата. Тие беа поврзани со дозволување еднополови бракови, посвојување деца од еднополови двојки, можноста за избор на биолошкиот пол и некои други идеи, коишто немаа ништо заедничко со конвенцијата. И покрај сето тоа, кампањата беше успешна. Во јули минатата година, Уставниот суд реши дека Конвенцијата се спротивставува на основниот принцип на бугарскиот Устав – за предимството на правото, поради што не може да биде ратификувана. Уставниот суд, на којшто ова не му е првпат да потпаѓа на манипулации и дезинформации, одново покажа недостиг на капацитет да решава за правата на луѓето.

Во минатото, едно друго негово решение, она со кое ја прогласи за противуставна партијата „ОМО Илинден – ПИРИН“, беше осудено од Европскиот суд за правата на човекот во Стразбур. Во однос на етничките и религиозните малцинства, најчесто на мета на манипулациите и дезинформациите се Ромите, муслиманите и Македонците. Стереотипите што се распространуваат за нив се различни, но во целина, тие се опишуваат како групи што се туѓи, а некои од нив дури и непријателски на бугарското општество и култура.

 

Дали Бугарија има план за борба против дезинформациите и дали сте посведочиле некои негови успеси или влијание?

– Бугарската влада нема никаков акциски план за спротивставување на дезинформациите и манипулациите. Напротив, некои кругови што се дел од неа, се активни распространувачи на дезинформации и манипулации. Тоа се однесува, на пример, на партијата ВМРО, која е дел од владејачката коалиција и којашто изигра активна улога во распространувањето на лагите и манипулациите за Истанбулската конвенција.

 

Има ли осудителни пресуди за поттикнување омраза и предизвикување општа опасност преку ширење на лажни вести или говор на омраза?

– Има неколку пресуди за говор на омраза, но тие се многу малку во однос на раширеноста на овој феномен во бугарското општество. Некои од пресудите се насочени против Роми или муслимани, коишто изразувале негативни ставови за Бугари. Во целост, бугарските правосудни органи се многу пристрасни во спроведувањето на законот. Тој се спроведува бескомпромисно кон претставниците на малцинствата, но говорот на омраза насочен кон нив се толерира. Има јасни случаи на толерирање крајни форми на поттикнување расизам кон Роми, муслимани, Евреи и други малцинства. Некои од нив ќе бидат разгледувани од Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

 

Дали медиумските здруженија се активни во борбата против дезинформациите?

– Некои медиуми се активни на тоа поле. Тоа се однесува главно на „Слободна Европа“, „Дојче Веле“, „Дневник“, „Капитал “ и неколку други помали онлајн-медиуми. Но оние што се најгледани и најслушани, се пасивни, а некои од нив со жар им даваат простор на промотерите на расизам и на дезинформатори.

 

Колку е застапена Северна Македонија во медиумите на бугарски јазик?

– Како целост, Северна Македонија се разгледува во тесен контекст, сврзан со тоа што политичарите и медиумите поврзани со нив го гледаат како бугарски национален интерес. Тоа најчесто се сведува на осуди на т.н. „македонизам“ – односно идејата дека Македонците се нешто различно од Бугарите. Со мали исклучоци, за ова прашање во бугарските медиуми владее консензус дека тоа е „одродувачка“ идеологија, од самиот почеток поставен врз лаги и манипулации.

Во последните месеци особено интензивно се следи работата на заедничката бугарско-македонска комисија, во насока да се брани бугарското потекло на историски личности што им се заеднички и на Бугарија и на Македонија. Но во бугарските медиуми многу малку се следи општествениот, политичкиот и културниот живот во Македонија.

 

Дали во медиумите често се објавуваат дезинформации и говор на омраза за Северна Македонија. Можете ли да ги цитирате најчестите?

– Говорот на омраза кон Северна Македонија и Македонците е многу распространет, вклучително и во тиражните медиуми. Неговите насоки се различни. Една од најчестите е претставување на Македонците како народ што не се формирал самостојно, туку е производ на социјален инженеринг – со индоктринирање што е правено по налог на Коминтерната. Претставувањето на „македонизмот“ како „најголемиот музеј на Коминтерната“ е омилена тема на некои бугарски историчари и медиуми, којашто има многубројни варијации. Друга омилена хејтерска тема е онаа за македонскиот јазик како бугарски „пишуван на српска машина за пишување“.

Покојниот историчар Божидар Димитров беше особено иновативен во хејтерството кон Македонија и Македонците.

 

(преземено од: Мета.мк)

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција