Кој за што, „Доказ“ за секс и швалерки!

[Рецензија: Фризерката Пацка, пациентката на „Доказ“ решила да обзнани кои се ги легнала во СДСМ за вработување]

Рецензираме текст што суштински не содржи ништо што според професионалните стандарди е вредно за вест или извештај. Напротив, овде станува збор за таргетирање на најниските страсти на читателската публика, односно озборување, пресметување, колнење и сето тоа дополнето со сексистички квалификации и инсинуации за вработена во МЕПСО.

Линк до оригиналниот напис: Фризерката Пацка, пациентката на „Доказ“ решила да обзнани кои се ги легнала во СДСМ за вработување

Датум и време на објавување: 16.5.2020

Датум на рецензија: 17.5.2020

Рецензент: Мирослава Бурнс

Во овој напис како извор се наведува друг портал, но текстовите се разликуваат, зашто „Доказ“ во воведниот дел навредува, жигосува, напаѓа ад хоминем, нарекувајќи ја личноста чијшто статус го презема „простичка” и „пациентка”, но и дополнувајќи го дискурсот со пцовки, вулгарности и квалификации, кои опасно го загрозуваат нивото на едно пристојно медиумско претставување.

Насловот деградира, клевети, омаловажува, ја изложува на очиглед на јавноста приватноста на таргет-жртвата и флагрантно го крши членот 7 од Кодексот на новинарите, кој наложува новинарот да ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес.

„Доказ“ многупати досега во еден куп стории, за кои имаме пишувано рецензии,  алудирал на секс и швалерки. Ама во овој случај се оди и чекор понатаму во амбисот на немањето чувство за тежината на јавно искажаниот збор, па се тврди дека личноста „легнала лица од СДСМ за вработување”.

Членот 10 од Кодексот на новинарите посочува дека новинарот нема свесно да создава, ниту да преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).

Членот 11, пак , потсетува дека новинарот ќе се придржува и на општо прифатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Македонија. Во членот 13 од професионалниот Кодекс, пак, се вели дека новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.

Тука, сите овие членови се прекршени.

Во статусот на „Фејсбук“ кој се вади од контекст, личноста што деградирачки се нарекува „фризерката на Кирацоски”, всушност, дава информации за тоа дека наводно во МЕПСО постојат обиди да се оневозможи функционирањето на синдикатот. Оваа тема е вредна за обработка, доколку тоа се изведе на новинарски професионален начин, односно да се побара став од раководството, да се земат изјави од вработените, да се постават многу прашања за тоа дали навистина постојат притисоци синдикатот да не функционира. Арно ама, оваа новинарска работа не е завршена и за сметка на тоа, нападната е Владата, нападната е личноста што на својот фејсбук-профил си кажала свое мислење. Фејсбук-статус нашминкан со еден куп додадени инсинуации не претставува „покривање на темата”, туку е пример за „лошо новинарство”.

Исто така, лични несогласувања и кавги меѓу вработени што не се јавни личности, ниту носители на јавни функции не влегуваат во доменот на јавниот интерес. Освен, ако со новинарско истражување и работа не се покаже дека навистина имало обид да биде задушено функционирањето на синдикатот во МЕПСО.

Текстот личи на жолт печат, трач, се користат фејсбук-статуси и се прераскажуваат коментари од неименувани извори. Ако некој фрлал клетви на „Фејсбук“, зарем медиумот треба тие клетви да ги пренесе и да ги направи достапни за уште поголем број граѓани?! Се разбира дека не. Медиумскиот професионален филтер тоа го забранува.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција