Коцевски неосновано ја нападна ДКСК за скриена цел поради анализата на Законот за угостителство
Ако ДКСК утврдила низа пропусти, неконзистентности и ризик од корупција во Законот за угостителство, поконкретно и во уписот на правните лице во Регистарот на угостителски објекти, сосема е можно ова да влијае и врз тезата што ја застапува обвинителство за осомничените министри, особено во Министерството за економија, за неконтрола и непостапување при издавањето лиценци. Ова би можела да биде причината што Коцевски непринципиелно ја нападна ДКСК зошто баш сега правела анализа на овој и други закони, обвинувајќи ја посредно за скриена цел
Ако ДКСК утврдила низа пропусти, неконзистентности и ризик од корупција во Законот за угостителство, поконкретно и во уписот на правните лице во Регистарот на угостителски објекти, сосема е можно ова да влијае и врз тезата што ја застапува обвинителство за осомничените министри, особено во Министерството за економија, за неконтрола и непостапување при издавањето лиценци. Ова би можела да биде причината што Коцевски непринципиелно ја нападна ДКСК зошто баш сега правела анализа на овој и други закони, обвинувајќи ја посредно за скриена цел
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во тв интервју во врска со истрагата за трагедијата во Кочани во еден момент даде изјава во која може да се регистрира недоследност:
Сега пред да дојдам прочитав дека и ДКСК има некои забелешки на Законот за угостителство, меѓутоа не знам која е целта ДКСК сега да дава толкување на законот. Тоа е нивна работа. Зошто тоа не го сторила пред еден месец, евентуално, наместо сега откако се случи настанот? Не знам навистина која е целта на ДКСК да кажува дека законот за угостителство не чинел, не бил добар. Во моментов јавните обвинители постапуваат по важечкиот закон за угостителство, ако се однесува само за тој закон.
[Извор: ТВ Телма/Јутјуб – Коцевски/интервју (од 21.45 мин.); Датум – 15.04.2025]
Образложение:
Јавниот обвинител на РСМ Љупчо Коцевски во подолго интервју околу истрагата и градење на теза за обвинение за осомничените, во еден момент ја нападна Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси (ДКСК), затоа што изнесе во јавноста своја проценка на дел од регулативата која обвинителскиот тим ја користи за градење на обвинителна одлука, барем за дел од осомничените во Министерството за економија, вклучително и поранешните министри.
Во претходниот дел од интервјуто одговарајќи на прашања каква била улогата на уапсените министри за економија и други одговорни лица на институции, Коцевски јасно нагласи дека станувало збор за серија пропусти (и при издавањето лиценци), а обвинителството ќе докаже „евентуална умисла“ (13.мин.), „односно биле свесни дека со нивното сторување или несторување може да настане штетна последица но се согласиле со непостапување“, не извршиле проверки и со тоа, придонеле за последиците од кривичното дело 288 од КЗ, Предизвикување општа опасност.
Конкретно запрашан која е вината и на министрите и по кој член од Законот за угостителска дејност тие не постапиле(по 17 мин.), Коцевски одговара дека не е само тој закон, туку дека постојат и други закони и подзаконски акти кои треба да бидат исполнети, а министрите за економија да ги проверат: „Сета документација требало да биде прибрана и врз основа на таа документација министерот дава лиценца. Во конкретниов случај за сите лиценци нема потполна и законита документација“, дециден е Коцевски.
ДКСК нашла пропусти во Законот за угостителска дејност и другите поврзани акти
Она што можеби го предизвика Коцевски недоследно да ја нападне ДКСК, е тоа што истиот ден антикорупциската комисија на прес-конференција соопшти дека по извршена анализа на Законот за угостителска дејност утврдиле низа пропусти во Законот и корупциски ризик во членот што регулира впишување на еден угостителски објект во Регистарот на угостителски објекти, а којшто го води Министерството за економија.
Постапката за упис во Регистарот на угостителски објекти е само формална без да биде проверена од надлежен орган, што според Антикорупциска е ризик кој може да има последици по здравјето и безбедноста на гостите.
Неопходно е во законот да се предвиди обврска за доставување на писмена согласност од ДПИ или друг надлежен орган со која ќе се потврди исполнетоста на минимално техничките услови пред уписот во регистарот, воедно неопходно е да се пропише обврска ДПИ да изврши увид во определен рок, на пример 15 работни денови, како и санкции во случај на невистинито пријавување, вклучувајќи и можност за казна или одземање на одобрението, изјави Татјана Димитровска, Претседател на ДКСК (извор телевизија Канал 5).
Вака известија и други медиуми, како на пример и телевизијата Телма:
ДКСК препорачува во Законот да се предвиди обврска за доставување писмена согласност од ДПИ или друг надлежен орган со што ќе се потврди исполнетоста на минимално техничките услови пред уписот во Регистарот. Неопходно е да се пропише обврска ДПИ да изврши увид во определен рок, на пример 15 дена, како и санкции во случај на невистинито пријавување вклучувајќи можност за казна или одземање на одобрението, посочи претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска.
Споредувајќи го овој, еден од поглавните наоди што ги утврдила ДКСК, со погоре искажаните изјави на Коцевски околу причините зошто се осомничени сите поранешни министри за економија, иако не сакаше да каже конкретен член од Законот, станува појасно дека овој наод од Комисијата може да влијае врз истрагата, односно ако условите за упис во Регистарот биле лабави, тоа може да влијае и на условите за добивање лиценца за кабаре, односно целиот систем на проверки бил лабав поради „низата пропуст во Законот за угостителска дејност“, како што оцениле од ДКСК.
Што се однесува на чудењето на Коцевски зошто ДКСК сега ја правела оваа анализа, а не порано и дали е тоа надлежност на ДКСК, тука работите се сосема јасни. ДКСК, како и сите други институции по трагедијата во Кочани ја проверуваат целосната регулатива поврзана со јавни објекти, од згради за домување до угостителски објекти и тоа секој надлежен од свој аспект. Значи нема скриена цел. Освен ова, една од основните надлежности на ДКСК е и проценка на регулативата од антикорупциски аспект, односно можни ризици од корупција и тоа е наведено и во надлежностите што ги има појаснето и на нивната веб-страница:
Согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси Државната комисија ги има следниве надлежности:
1. донесува национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, со акционен план за нејзино спроведување;
2. спроведува антикорупциска проверка на закони, подзаконски акти и други општи акти, согласно со методологија која ја донесува;
3. постапува по пријави од физички и правни лица за сомнежи за корупција и судир на интереси;…
Поради погоре наведените аргументи може да се оцени дека реакцијата на Коцевски во однос на наодите на ДКСК е недоследна.
Извори:
- (15.04.2025) ТВ Телма/Јутјуб – Коцевски/интервју (од 21.45 мин.) – [Проверено на 16.04.2025]
- (15.04.2025) Канал 5/веб – По трагедија во Кочани… – [Проверено на 16.04.2025]
- (15.04.2025) Телма/веб – Антикорупциска утврди…– [Проверено на 16.04.2025]
Оценил: Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар