Коефициентите ќе се намалат, но функционерските плати и понатаму ќе растат

Христијан Мицкоски (Фото: ФБ профил на Влада на РСМ)

Дали функционерите ќе земаат пониски плати во наредниот период како што изјави премиерот Мицкоски Одговорот е – не! Функционерските плати ќе се зголемат бидејќи се пресметуваат врз основа на просечната плата за тековната година помножена со коефициентот, во зависност од позицијата која ја имаат. Плус, платата на функционерите расте и по основ на разни други бенефиции.

Дали функционерите ќе земаат пониски плати во наредниот период како што изјави премиерот Мицкоски? Одговорот е – не! Функционерските плати ќе се зголемат, бидејќи се пресметуваат врз основа на просечната плата за тековната година помножена со коефициентот, во зависност од позицијата која ја имаат. Плус, платата на функционерите расте и по основ на разни други бенефиции

 

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на 29.10.2024 г. пред почетокот на Првата годишна конференција на „Блумберг Адрија“ во Скопје, насловена „Back to business: Економски потенцијал и развојни можности за Македонија“, даде изјава за медиумите во која вети дека функционерските плати нема да се зголемат и дека „тоа е сигурно, како што е сигурно дека еден ден сите ќе заминеме на оној свет“.

Не знам како е, треба да видат одговорните лица. Едно е сигурно, покрај онаа работа дека еден ден сите ќе заминеме од овој свет, е дека од догодина нема да има зголемување на платите на функционеритекажа премиерот.

[Извор: Фактор „ЕДЕН ДЕН СИТЕ ЌЕ ЗАМИНЕМЕ ОД ОВОЈ СВЕТ“: Мицкоски објасни колку е сигурно дека нема да има зголемување на платите на функционерите; – Датум: 29.10.2024]

 

Образложение:

Како што посочи Мицкоски во цитираната изјава за медиумите, тој како најверојатна можност за спречување на нов раст на функционерските примања тогаш ја спомена корекцијата на коефициентите на платите. Но, тоа не значи дека функционерските плати нема да се зголемат, односно неговото ветување е недоследно, бидејќи вториот битен елемент во формирањето на платите е висината на просечната плата во тековната година.

Пратениците во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, Дафина Стојаноска и Ели Панова – чиј партиски шеф е токму Мицкоски, поднесоа предлог измени на Законот за плата и други надоместоци на избрани и на именувани лица, кои се доставени во Собранието, односно тоа е најавената корекција на коефициентите на платите.

Измените на Законот за плата и други надоместоци на избрани и на именувани лица предвидува:

Се изменуваат коефициентите за пресметка на плата на начин што ќе обезбеди правична и одржлива законска регулатива при исплата на платите и ќе се спречи натамошниот непропорционален раст на нивните плати. Ќе се постигне поголема транспарентност, правична распределба на буџетските средства, при што платите на функционерите ќе се усогласат со реалните економски услови во државата, пренесе „Фактор“ на 24.12.2024.

Така, скалестото намалување на коефициентите започнува од највисокиот коефициент (кој важи за претседателот на државата, претседателот на Собранието и претседателот на Владата) од 3,92 ќе се намали на 3,17. Потоа коефициентот 3,48 (претседателот на Уставен суд) ќе се намали на 3,08; коефициентот 3,22 ( министри во Владата, претседател на работно тело на Собранието, гувернер на Народната банка, јавен правобранител на Македонија, народниот правобранител, секретар на Собранието и секретар на Владата) ќе се намали на 2,85; коефициентот 2,96 (заменик министер, директор на републичка организација, раководител на Кабинетот на претседателот на РСМ, советник на претседателот на РСМ, секретар на Кабинетот на претседателот на РСМ, републички советник во Собранието, заменик на гувернерот на Народната банка, заменик на секретарот на Собранието, заменик на јавниот правобранител, заменик на народниот правобранител) се намалува на 2,62; и најнискиот коефициент 2,79 (раководен работник кој го именува Собранието или кој го назначува надлежното тело на Собранието, судија на апелациски суд и заменик на вишиот јавен обвинител претседател на основен суд и основен јавен обвинител) со законските измени треба да изнесува 2,47.

Според Член 3 од предложените законски измени, новите коефициенти ќе започнат да се применуваат со исплата на платата за месец февруари 2025 година.

Но, дали функционерите ќе земаат пониски плати во наредниот период?

Одговорот е – не! Нивните плати ќе се зголемат, бидејќи платите на функционерите се пресметуваат врз основа на просечната бруто-плата за тековната година помножена со коефициентот, во зависност од позицијата која ја имаат. Плус, платата на функционерите расте и по основ на разни други бенефиции.

Просечната плата расте, и нејзиниот просек во бруто-износ за десетте месеци од 2024 г. изнесува 61.250 денари. Во текот на годинава за исплата на функционерските плати се пресметуваше износот на просечната бруто-плата од 2023, која изнесувала 54.916 денари.

Порталот „Пари“ направи пресметка за сумата на некои од функционерските плати кои ќе бидат исплаќани по новата:

Платата на премиерот, од сегашните 140.450, по ново би била 145.842,64 денари. Ова е нето-износ.

Производот од коефициентот и просечната бруто-плата дава сума од 195.018 денари. Христијан Мицкоски има работен стаж од 22 години (секоја година минат труд значи и половина процент плус), па тие 11 проценти носат дополнителни 21.452 денари. Значи, основната премиерска бруто плата ќе треба да е 216.470 денари или нешто повеќе од 3.500 евра. Овој бруто износ се намалува за 32,33 проценти колку што се издвојуваат за плаќање на придонесите, односно на оваа сума, минус 69.677,74 денари, а нето-платата на премиерот ќе биде 145.842,64 денари, пишува порталот „Пари“.

Со намалениот коефициент, но зголемената просечна плата, владините министри кои досега земале  основна нето-плата од 115.540 денари со новата пресметка ќе добиваат – 118.000 денари.

Платите на функционерите влегоа во фокусот на партиските препукувања во март минатата година (2023), кога Уставниот суд донесе одлука со која укинуваат два члена од Законот за плата на функционерите.

Одлуката беше донесена на 21 март (2023, н.заб.) и со неа се укинуваат два члена од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонијасо кои досега се одредувал фиксен износ на плата кој потоа служел како основа за определување на платите на функционерите согласно коефициетите за работното место по кои се множат и отсегакако основица се зема сумата на просечната плата исплатена минатата година според Државниот завод за статистика (ДЗС), пренесе „Гласот на Америка“ на македонски јазик (31.03.2023).

Меѓу најгласните критичари на оваа одлука беа синдикатите и тогашната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш да се намали и коригира коефициентот за сложеност на работното место со што би се намалиле платите на функционерите. Функционерите не смеат да бидат граѓани од посебен ред, туку слуги на народот, рече тогаш Марија Митева од ВМРО – ДПМНЕ (31.03.2023).

Во пресрет на парламентарните избори, претходната Влада  ги намали коефициентите на платите во март годинава за 12,8 проценти на 157 функционери што таа ги именува. На 29.02.2024 г. беа донесени законски измени со кои се намалуваат коефициентите на функционерите, со кои најголемиот коефициент за утврдување на надоместокот на плата и на платата (за претседателот, спикерот и премиерот), од 4,50  е намален на 3,92, додека оној на пратениците и министрите од 3,7 на 3,22.

Праксата покажува дека регулација на платите на функционерите, која би требало ги намали разликите со примањата на останатите граѓани, е ветување кое постојано се повторува, но функционерските плати постојано растат, и покрај низа измени во Закони за плата на избраните и именувани лица.

Според горенаведеното, функционерските плати ќе се зголемат и покрај корекцијата на коефициентот, бидејќи се пресметуваат врз основа на просечната плата за тековната година помножена со коефициентот, во зависност од позицијата која ја имаат. Затоа ветувањето на Мицкоски дека „дека од догодина нема да има зголемување на платите на функционерите“, го оценуваме како недоследно.

 

Извори:

 

 

Оценил: Стојан Синадинов

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција