Кога фејсбук-статусот на главниот уредник се „продава“ како текст!

[Рецензија: ДО КОГА ЌЕ ГО ПУШТАТЕ ДЕВОЈЧЕТО ДОМА РАСПЛАКАНО?: Заев ја oбвини Нина Групер за лошата состојба на буџетот]

Материјалот што го рецензираме, всушност, е фејсбук-статус и тој фактички не може да се нарече новинарски производ.

Линк до оригиналниот напис:ДО КОГА ЌЕ ГО ПУШТАТЕ ДЕВОЈЧЕТО ДОМА РАСПЛАКАНО?: Заев ја oбвини Нина Групер за лошата состојба на буџетот

Датум и време на објавување: 26.5.2020

Датум на рецензирање: 2.6.2020

Рецензент: Ана Анастасовска

 

Објавата има бомбастичен наслов во кој тврди дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ја обвинил министерката за финансии, Нина Ангеловска, дека државниот буџет бил во лоша состојба.

И на самиот почеток од текстот ја имаме истата теза од насловот, која е извлечена од фејсбук-статус и тоа напишан од главниот уредник на медиумот каде што е објавена веста! Тој тврди дека Заев планирал да ја пушти Ангеловска низ вода и оти ја обвинувал за „лошите политики и одлуки што довеле до лошата состојба на буџетот“.

Планира ли Зоран Заев да ја пyшти низ вода министерката за финансии, Нина Ангеловска? До кога ќе го пуштате девојчево дома да си оди расплакано?, прашува уредникот на „Инфомакс“, Александар Митовски.

Tаа, според Заев, е виновна за лошите политики и одлуки кои довеле до лошата состојба на буџетот, пишува тој на својот Фејсбук.

Понатаму се наведува дека имало состанок во просториите на Министерството за финансии на кој присуствувале министерката Ангеловска, гувернерката Бежовска, Зоран Заев и еден банкар.

Состанокот, како што Пишува Митовски, поминал тензично, рacправијата била на висок тон, а Нина добила низа навреди и зaкани. Нaвредите се однесувале на нејзиниот интелект и тоа дошле директно од Заев.

На крајот од овој текст, поточно, фејсбук-статус, се заклучува дека Заев бил нервозен и ја обвинил Ангеловска дека буџетот е во лоша состојба и во него немало пари за третиот сет економски мерки на Владата.

И тоа е сè, во текстот нема ништо друго, никаква дополнителна новинарска обработка во смисла да се провери информацијата и да се дополни со други сознанија.

Но, да тргнеме со ред. Прилично дискутабилно е како и на кој начин се пласирани (дез)информациите во текстот.

Прво, се тврди дека Заев ја обвинил Ангеловска дека буџетот е во лоша состојба. Тука би требало да се понуди објаснување зошто и на кој начин буџетот е во лоша состојба, односно ваквото тврдење да се поткрепи со факти.

Второ, имаме информација дека, наводно, е одржан состанок во Мнистерството за финансии. Но, немаме проверка на оваа информација од втора страна. Авторот на написот требало да се јави во Министерството и да побара одговор дали имало таков состанок.

Трето, се тврди дека на состанокот имало расправија на висок тон при што Заев ја навредувал Ангеловска, а таа расплакана си заминала дома. И тука немаме проверка на информацијата од втора страна.

Четврто, се тврди дека во буџетот нема пари за третиот сет економски мерки на Владата. И ова не е објаснето, туку само е нафрлено. Немаме конкретни бројки, колку пари се потребни за овој сет мерки, не е побаран одговор од Владата, дали се издвоени пари за истите.

Сè на сè, воопшто нема новинарски текст. Оваа медиумска објава на читателите не им нуди проверена и точна информација, така како што е скроена и пласирана личи на чаршиски муабет истресен од ракав.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција