Кога на смртта непотребно ѝ се гледа „во забите“

[Рецензија:Руски лекари во Ломбардија наишле на мистерија – луѓе починале од коронавирус, но на многу чуден начин ]

Во „инфодемичната“ галаксија секојдневно се пласираат не само лажни, туку можеби далеку понеодговорно, и фантазмагорични вести без никаква експертска подлога. Таквите вести, чиј лимит е само „небото“, се супстанцата на експоненцијалниот раст на „инфодемијата“.

Една таква вест беше пласирана на српски портал, е веднаш потоа пренесена и на македонски портал. Ако ситуацијата не е трагична, тогаш може да биде и интересна заради брзината на пренесувањето на веста. На српскиот портал е објавена на 2.04.2020 г. во 11:49 часот, а на македонјскиот портал е пренесена на 02.04.2020 г. во 12:36. За само 47 минути!

 

Линк до оригиналниот напис:Руски лекари во Ломбардија наишле на мистерија – луѓе починале од коронавирус, но на многу чуден начин

Датум и време на објавување: 02.04.2020

Датум на рецензија: 03.04.2020

Рецензент: Стојан Синадинов

 

 

 

 

Меѓутоа, дури и во таа кратка вест, при брзањето да се пренесе, згрешено е и името на изворот, без да се наведе линкот до него: на српскиот портал се наведува рускиот сајт „Московски комсомолец“, а на македонскиот портал е наведена агенцијата РИА Новости, која всушност го пренела пишувањето на „Московски комсомолец“.

Како и да е, оригиналниот текст главно се занимава со бележењето на активноста на руските стручно медицински екипи кои им помагаат на италијанските здравствени служби во справувањето со трагичните последици од пандемијата на коронавирусот. И од една попатна напомена дека во градот Громо, каде што делуваат лекарите доброволци, меѓу нив и од Руската Федерација, неформално биле забележани неколку случаи кога заболени од коронавирусот едноставно заспале и умреле. Претходно, пак, како што се наведува, пред смртниот исход немале сериозни симптоми на болеста.

Но, веќе во следниот пасус се наведува дека тие случаи биле забележани во пансион за стари лица „Сан Лоренцо“ во Громо. И од еден текст кој во суштина е пропагадна (полу)репортажа како лекарите волонтери од Русија вршат антисептично чистење на ходниците, собите и трпезаријата на пансионот, како и на улиците на соседното гратче Валбондионе, порталот вади бомбастичен наслов: „ОВА Е СТРАШНА ВЕСТ ОД ИТАЛИЈА: Лекарите откриле нови чудни случаи на смрт од корона!„.

Македонскиот портал малку го ублажил интензитетот на паничниот наслов: „Руски лекари во Ломбардија наишле на мистерија – луѓе починале од коронавирус, но на многу чуден начин“.

Во оригиналниот текст на „Московски комсомолец“ никаде не се наведува дека се работи за стручномедицински утврдени факти како резултат на сериозни анализи. Што би рекле, се работело за постари лица, кои – ако веќе можеме да ја бираме градацијата на „леснотијата“ на смртта – умреле „ во сон.

Меѓутоа,недозволиво е кога на смртта ѝ „се гледа во забите“, и се зголемува паниката преку манипулација за наводни страшни и сè уште непознати мутации на заболувањата од коронавирусот.

И коронавирусот и смртните последици од пандемијата се доволно страшни и трагични.

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.