Кога војната станува вирална снимка: Како стари видеа и видеоигри се користат за манипулација со јавноста
Последниот период, од почетокот на војните во Украина, Газа и Иран, повторно се актуализира шаблон што веќе подолго време циркулира во дезинформацискиот екосистем: стари снимки, кадри од видеоигри, видеа извадени од контекст и генерирани со вештачка интелигенција се претставуваат како „доказ“ за актуелни воени или политички настани.
Последниот период, од почетокот на војните во Украина, Газа и Иран, повторно се актуализира шаблон што веќе подолго време циркулира во дезинформацискиот екосистем: стари снимки, кадри од видеоигри, видеа извадени од контекст и генерирани со вештачка интелигенција се претставуваат како „доказ“ за актуелни воени или политички настани
Пишува: Ана Анастасовска
Во периоди на војна, геополитички тензии и глобална несигурност, социјалните мрежи стануваат плодна почва за ширење на манипулативни содржини. Особено брзо се шират видеа кои изгледаат драматично, шокантно и „ексклузивно“ – експлозии, воени напади, масовни протести, судири меѓу армии или наводни снимки од фронт. Но, голем дел од тие видеа немаат врска со настанот со кој се поврзуваат.
Последниот период, од почетокот на војните во Украина, Газа и Иран, повторно се актуализира шаблон што веќе подолго време циркулира во дезинформацискиот екосистем: стари снимки, кадри од видеоигри, видеа извадени од контекст и генерирани со вештачка интелигенција се претставуваат како „доказ“ за актуелни воени или политички настани.
Овој тип манипулација не се потпира само на лажна информација, туку на брза емоционална реакција. Целта е гледачот да реагира пред да провери.
Видеоигра како „реална војна“
Еден од најчестите примери е злоупотребата на кадри од видеоигри од воениот жанр. Во еден од случаите, стар клип од видеоигра беше претставен како напад врз американскиот носач на авиони „Двајт Ајзенхауер“. Овој клип се ширел низ светот уште одамна со опис дека тоа е напад врз американски брод-разорувач од страна на движењето на Хутите од Јемен, извршен на 9.1.2024 г. Но клипот повторно се реактуализира, овојпат со опис дека тоа е напад врз американскиот носач на авиони „Двајт Ајзенхауер“, извршен исто така од Хутите, кои за тоа јавија на 31.5.2024 г.
Во друг случај, видеоигра беше искористена за да се турка наратив дека НАТО и САД директно војуваат против Русија. Во трет случај, пак, видеоигра беше прикажана како „доказ“ за супер маневрите на руската авијација.
Ваквите содржини најчесто користат реалистична графика, звучни ефекти и драматични монтажи за да создадат впечаток дека станува збор за автентична воена снимка. Токму тука лежи силата на манипулацијата: визуелната убедливост ја заменува проверката на фактите. Во многу случаи, доволно е видеото да биде објавено со краток опис и емотивен наслов за да започне масовно споделување. Публиката ретко проверува кој е оригиналниот извор, кога е снимено видеото, или дали станува збор за дигитална симулација.
Стари снимки претставени како нови конфликти
Покрај видеоигрите, честа техника е повторно користење стари видеа и нивно претставување како нови настани.
Таков беше случајот со видео од антивоен протест во Полска, кое беше злоупотребено за ширење невистини поврзани со војната во Украина. На видеото се гледаат црни вреќи наредени пред бина, на чија позадина се гледа натпис на полски: „Најлошиот ден на мирот е подобар од најубавиот ден на војната“.
Објавата која го сподели видеото тврдеше дека тоа се трупови на полски војници донесени од воениот фронт во Украина. Видеото всушност е од антивоен протест кој се одржал во Варшава и на кој како перформанс се користеле лажни црни вреќи за тела.
Во друг пример, старо видео од протест во Истанбул беше претставено како актуелна реакција по нападот врз Рафа. Проверката на Вистиномер покажа дека станува збор за видео од пропалестинските демонстранти во Истанбул во октомври 2023 година.
Во еден случај, видео од размена на затвореници беше претставено како „предавање“ на украински војници, со што се туркаше наратив за украински воен колапс. Во друг пример, старо видео беше злоупотребено со тврдење дека израелската армија ги евакуира борбените авиони поради страв од напад.
Слична техника беше употребена и со видеото на деца во кафез, кое циркулираше како наводен доказ по нападот на Хамас врз Израел, иако снимката била објавена пред самиот напад. Дополнително, видео од болница во Египет од 2013 година беше претставено како снимка од болницата Ал-Шифа во Газа.
Оваа техника функционира бидејќи публиката најчесто реагира на контекстот што ѝ е понуден, а не на самата снимка. Кога видеото се објавува паралелно со актуелна криза или конфликт, гледачот автоматски претпоставува дека снимката е поврзана со тековниот настан. Манипулаторите ја користат токму таа психолошка кратенка: „Ако изгледа релевантно — тогаш веројатно е вистинито.“
Компјутерски генерирани „докази“ за војна
Дополнителен образец на визуелна манипулација се и компјутерски генерираните видеа, кои сè почесто се претставуваат како автентични воени снимки. Во еден од случаите, компјутерски генерирано видео беше претставено како доказ дека руски проектил уништил складиште за оружје. Иако видеото визуелно наликуваше на реална снимка од напад, анализата на Вистиномер покажа дека станува збор за дигитално креирана содржина, а не за документарна снимка од фронт.
Овој тип манипулации станува сè почест поради развојот на ВИ алатки и CGI технологии (Computer-Generated Imagery – компјутерски генерирани слики), кои овозможуваат брзо производство на реалистични експлозии, воени сцени и „breaking news“ содржини. Истражувачите предупредуваат дека овие видеа стануваат особено опасни во воени конфликти, бидејќи ја користат емоционалната реакција на публиката пред таа да има време да ја провери автентичноста на материјалот.
Манипулацијата не е во видеото, туку во контекстот
Кај најголем дел од овие случаи, самото видео не е лажно. Лажен е контекстот што му се додава. Старата снимка може да биде реална. Видеоиграта навистина постои. Протестот навистина се случил. Но, кога тие содржини намерно се поврзуваат со друга војна, друга држава или друг настан, тие стануваат средство за дезинформација.
Токму затоа современите дезинформациски кампањи сè почесто не фабрикуваат нов материјал, туку рециклираат постоечки содржини и им даваат ново значење.
Зошто овие наративи се шират токму сега?
Воени конфликти како војната во Украина или кризата на Блискиот Исток создаваат огромна побарувачка за брзи информации и визуелни докази. Во таква средина, емоциите ја надминуваат проверката, алгоритмите фаворизираат шокантна содржина, а корисниците споделуваат пред да прочитаат.
Дезинформациските мрежи го користат тоа за ширење страв, продлабочување на поларизацијата, создавање недоверба кон медиумите и туркање геополитички наративи. Особено ефикасни се содржините што сугерираат директна војна меѓу НАТО и Русија, глобална ескалација, прикриени напади, или „скриени вистини“ што наводно медиумите ги кријат.
Како да се препознае ваков тип на манипулација?
Постојат неколку предупредувачки сигнали:
- Видеото нема јасен извор.
- Нема точна локација или датум.
- Снимката изгледа „премногу кинематографски“.
- Истиот клип се појавува во различни контексти.
- Објавата инсистира на итност и шок без конкретни докази.
- Нема потврда од релевантни медиуми или официјални извори.
Јавноста особено треба да биде внимателна со видеа што предизвикуваат силен страв, сугерираат голема воена ескалација или тврдат дека „медиумите молчат“.
Овие содржини најчесто не доаѓаат од еден централен извор
Нив ги шират:
- Анонимни профили на социјални мрежи,
- Телеграм канали,
- Тик-ток профили,
- Фејсбук страници со геополитички содржини или Фејсбук профили што промовираат анти-ЕУ и анти-НАТО реторика,
- Партиски или идеолошки медиумски системи,
- Но и корисници кои несвесно споделуваат непроверени видеа.
Во нивното ширење особено значајна улога имаат алгоритмите на платформите. Истражувања за Тик-ток платформата покажуваат дека кратките видеа со силна емоционална содржина многу побрзо добиваат видливост, без разлика дали се точни или не.
Дополнително, дезинформациските мрежи често преземаат старо видео, го реобјавуваат со нов опис, го преведуваат на повеќе јазици и го пласираат паралелно на различни платформи.
На тој начин една стара снимка може за неколку часа да стане „доказ“ за сосема нов конфликт.
Која е целта?
Целта не е секогаш луѓето целосно да поверуваат во конкретното видео. Често целта е да се создаде конфузија, да се произведе страв, да се зголеми недовербата кон медиумите, да се засили политичка поларизација, или да се турка одреден геополитички наратив.
Во некои случаи, целта е и т.н. „flood the zone“ стратегија – преплавување на јавниот простор со толку многу контрадикторни видеа и наративи што публиката престанува да разликува што е вистина, а што не.
Како се препознава ваков тип манипулација?
Постојат неколку предупредувачки сигнали:
- Видеото нема јасен оригинален извор,
- Нема точен датум и локација,
- Се појавува ист клип во различни настани,
- Визуелно изгледа премногу „кинематографски“,
- Се користат драматични наслови,
- Нема потврда од релевантни медиуми.
Ефектите од визуелната наспроти текстуалната дезинформација
Истражување објавено во научното списание SAGE Publications покажува дека видеата извадени од контекст имаат особено силен ефект кај поларизирани теми како војната во Украина. Авторите на истражувањето заклучуваат дека дезинформации базирани на видеоматеријали често се перципираат како поверодостојни од текстуалните манипулации, бидејќи визуелниот материјал кај публиката создава впечаток на „директен доказ“.
Според студијата, токму видеата претставуваат „плаузибилна форма на измамнички доказ“, особено кога старите или неповрзани снимки одново се контекстуализираат како дел од актуелен конфликт. Истражувачите предупредуваат дека ефектот е уште посилен во средини со ниска доверба во медиумите и висока политичка поларизација.
Овој напис е изработен во 2026 година за проектот Prebunking at Scale, со поддршка од Европската мрежа за стандарди во проверката на факти (European Fact-Checking Standards Network).
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар