Кој кого победи на досегашните локални избори: ВМРО-ДПМНЕ – СДСМ 4:3

Фото: portalb.mk

На чекор сме до осмите по ред локални избори. За овој изборен циклус планирано е да се потрошат 9 милиони и 760 илјади евра. Portalb.mk направи анализа на досегашните изборни циклуси на локално ниво

На чекор сме до осмите по ред локални избори. За овој изборен циклус планирано е да се потрошат 9 милиони и 760 илјади евра. Portalb.mk направи анализа на досегашните изборни циклуси на локално ниво

 

Првите локални избори во независна Македонија се одржаа во ноември 1996 година, а се спроведоа во 123 општини и  Град Скопје. На овие „пионерски “ избори најголем број – 54 градоначалнички места, освои СДСМ, на второ место со 30 е ВМРО-ДПМНЕ, а на трето место со 20 градоначалнички позиции е тогашната партија од албанскиот блок, ПДП. Социјалистичката партија доби дури 10 градоначалнички места, а по едно имаат и етничките Турци, Роми и Срби.

Во септември 2000 година се одржаа вторите локални избори – повторно во 123 општини и Град Скопје. Овие избори донесоа и промена на политичките сили на локално ниво – ВМРО-ДПМНЕ освои 59 градоначалнички позиции, СДСМ „падна“ на 32, а ПДП го зголеми бројот на 23 избрани градоначалници.

Локални избори 2005 година – ова се првите општински избори по направената територијална поделба на 84 општини и Град Скопје. Изборите беа спроведени во март. На овие локални избори за првпат настапи и ДУИ на Али Ахмети и освои 14 градоначалнички функции. Водечка партија е СДСМ која освои 37, а зад неа е ВМРО-ДПМНЕ со 21 градоначалничко место. Овие избори се спроведоа под засилен мониторинг на меѓународните институции, а беа регистрирани и бројни нерегуларности.

Во 2009 година заедно со претседателските избори се одржаа и четвртите по ред локални избори. Овие избори на ВМРО-ДПМНЕ ѝ донесоа голема победа – со освоени 56 градоначалнички позиции, додека СДСМ доживеа изборно фијаско, со само 7 градоначалници, што ја вброи партијата на трето место по освоени позиции, зад ВМРО-ДПМНЕ и зад ДУИ која извојува победа во 15 општини.

Локални избори 2013 година – во два изборни круга во март и април се спроведоа петтите општински избори. Според политичкиот контекст, тогашната опозициска СДСМ бараше и предвремени парламентарни избори, а претходница на локалните беше „црниот понеделник“ – 24 декември 2012 година. На овие локални избори ВМРО-ДПМНЕ ги задржа сите 56 градоначалнички позиции, а СДСМ претрпе голема загуба и освои само 4 градоначалници. ДУИ успеа да ја задржи доминацијата во 14 општини, со загуба на само едно градоначалничко место во општините кои ги доби во 2009 година.

На локалните избори во октомври 2017 се бираа градоначалници во 80 општини и Град Скопје. Листи со кандидати за градоначалници и советници имаа 19 партии и коалиции, како и 64 групи избирачи. Со вкупно освоени 57 градоначалници СДСМ извојува голема победа откако на претходните локални избори имаше само 4 освоени општини. Дебакл овојпат ѝ се случи на ВМРО-ДПМНЕ – партијата „падна“ од 56 на 5 освоени градоначалнички позиции. Се „стопи“ и доминацијата на ДУИ која доби 10 општини.

Четири години подоцна, на локалните избори во октомври 2021 година имаше политички пресврт. Со освоени 42 градоначалници ВМРО-ДПМНЕ ја презема доминацијата, додека СДСМ се сведе на 16 градоначалници. На овие локални избори ДУИ освои една општина плус, со што доминира во 11 единици на локалната самоуправа. Тогашните Алијанса на Албанците и БЕСА освоија по две општини, а ДПА остана без градоначалник.

На прагот сме на локалните избори 2025 година. Досегашниот распоред на политичките сили покажува дека во четири изборни циклуси на локално ниво победата ја понесе ВМРО-ДПМНЕ, додека во три СДСМ.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција