„Кока-Кола“ не продава производи со името Адолф

Фото: The Coca-Cola Company, Public domain, via Wikimedia Commons

Нема релевантни докази кои сугерираат дека компанијата „Кока-Кола“ пуштила во промет свои производи на кои го пишува името Адолф. На официјалната листа на имиња објавени во рамки на кампањата „Сподели Кока-Кола“ не може да се најде името на поранешниот германски нацистички лидер

Нема релевантни докази кои сугерираат дека компанијата „Кока-Кола“ пуштила во промет свои производи на кои го пишува името Адолф. На официјалната листа на имиња објавени во рамки на кампањата „Сподели Кока-Кола“ не може да се најде името на поранешниот германски нацистички лидер

 

Анализираме објава на Фејсбук која споделува фотографија од шишиња „Кока-Кола“ на која се испишани имињата Адолф (Адолф Хитлер) и Ева (Ева Браун – љубовницата на Хитлер). Објавата вели:

Сите очи се вперени во Украина, Израел и Иран. Германија ја контролира некој?

Нема докази дека компанијата „Кока-Кола“ го ставила името на Адолф Хитлер на своите шишиња. Кампањата „Сподели Кока-Кола“ која започна во 2011 година, го замени логото на Кока-Кола на шишињата и лименките со популарни имиња, со цел да го персонализира производот и да поттикне споделување.

Фотографијата која ја споделува објавата што ја анализираме ја најдовме и на други страници за хумор, и истата не е нова. Таа се појавува во 2014 година и во 2021 година. Ја има и на полски страници за хумор, каде се тврди дека е од полски супермаркет.

Слична фотографија со името Адолф може да се најде и тука на фотографија пред седум години, но во овој случај името е испишано на лименка.

„Кока-Кола“ на својата официјална веб-страница има објавено официјална листа на имиња што можат да се најдат во маркетите. На оваа листа гo нема името Адолф, а го нема ниту Ева. Името Ева може да се најде напишано како Eve.

Не е првпат „Кока-Кола“ на социјалните мрежи лажно да се поврзува со германскиот нацистички лидер Адолф Хитлер. Компанијата во 2015 година беше принудена да повлече рекламна кампања на Твитер откако контракампањата на „Гаукер“ ја намами да објави големи делови од воведот на „Мојата борба“ (Mein Kampf) на Хитлер. За кампањата, која се викаше „Направи го среќен“ и беше претставена во рекламен спот за време на Супербоул, „Кока-Кола“ тогаш ги покани луѓето да одговараат на негативни твитови со хаштагот „#MakeItHappy“. Идејата беше дека автоматски алгоритам потоа ќе ги конвертира твитовите, користејќи систем за кодирање наречен ASCII, во слики од среќни нешта – како што се преслатко глувче, палма со очила за сонце или пилешки батак со каубојска шапка. Во соопштение за медиумите, „Кока-Кола“ изјави дека нејзината цел е „да се справи со сеприсутната негативност што ги загадува каналите на социјалните медиуми и коментарите низ интернетот“. Но, „Гаукер“ имал други идеи. Директорот на уредничките лаборатории на медиумската компанија, Адам Паш, создал бот на Твитер, @MeinCoke, и го поставил да твитува стихови од „Мојата борба“, а потоа да се поврзува со нив со ознаката #MakeItHappy – активирајќи го сопствениот бот на Твитер на „Кока-Кола“ да ги претвори во слатки слики.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека нема релевантни докази кои сугерираат оти компанијата „Кока-Кола“ пуштила во промет свои производи на кои го пишува името Адолф. На официјалната листа на имиња објавени во рамки на кампањата „Сподели Кока-Кола“ не може да се најде името на поранешниот германски нацистички лидер.

Поради ова, оценуваме дека објавата што ја анализираме е невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција