Колку „барабите“ од Охрид ќе ги чинат Јанкуловска и Протуѓер?

Полициско мешање во изборна кампања. Фото: pixabay

Што барале „барабите“ на Гордана Јанкуловска на локалните избори во Охрид и зошто таа дозволила лица вработени во МВР да бидат ангажирани за партиски цели? Мартин Протуѓер, како што обвини опозицијата објавувајќи ги таканаречените бомби, ангажирал 4-5 лица од МВР да одат за време на изборите во Охрид со цел да им го држат стравот на нивните.

 

 

Што барале „барабите“ на Гордана Јанкуловска на локалните избори во Охрид и зошто таа дозволила лица вработени во МВР да бидат ангажирани за партиски цели? Мартин Протуѓер, како што обвини опозицијата објавувајќи ги таканаречените бомби, ангажирал 4-5 лица од МВР да одат за време на изборите во Охрид со цел да им го држат стравот на нивните.

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

На 20 март 2015 година, опозициската партија СДСМ, до Основното јавно обвинителство достави кривична пријава против шефот на кабинет на тогашниот премиер Никола Груевски и против тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Кривичната пријава е заведена под број 03-114/1.

Пријавата, како што е наведено во документот, е поднесена поради тоа што, за време на локалните избори 2013 година во Охрид, Мартин Протуѓер, како службено лице, со умисла, ја поттикнал Јанкуловска да ги пречекори своите службени овластувања.

Обвинетите, постапувајќи спротивно на членот 95 одУставот каде е предвидено дека „се забранува политичко организирање и дејствување во органите на државната управа како и спротивно на чл. 73 од Законот за административни службеници, потешко ги повредиле правата на вработените во МВР, на начин што, обвинетиот Мартин побарал и договорил вработени од МВР да бидат на денот на локалните избори во Охрид, каде ќе биде и тој, а обвинетата Гордана тоа го овозможила и дозволила, на денот на локалните избори, НН лица вработени во МВР да бидат ослободени од работа и да бидат вклучени во партиска кампања на ВМРО-ДПМНЕ во општина Охрид заедно со обвинетиот Мартин – се наведува во кривичната пријава.

Членот 73 од Законот за администартивни службеници, во ставот 3, како дисциплински престап пропишува неколку активности и тоа:

искажување и застапување на политичко уверување во вршењето на работните задачи, учество во изборни активности или други јавни настапи од таков карактер во текот на работното време, доведување во прашање на својот статус на административен службеник со вршење на партиски активности, носење или истакнување на партиски симболи во работната просторија

Како дисциплински мерки за утврден дисциплински престап на административниот службеник, во членот 74, став 2 се предвидени:

парична казна во висина од 30% од висината на едномесечниот износ на нето платата исплатена во последниот месец пред дисциплинскиот престап во траење од еден до шест месеци; распоредување на работно место во непосредно пониско ниво и престанок на работниот однос кога настапиле штетни последици за институцијата, а притоа не се утврдени олеснителни околности за административниот службеник кој го сторил престапот

 

ТРАНСКРИПТ

На 10.03.2015 година, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференција презентираше аудио снимки на која, во рамки на проектот „Вистината за Македонија“ беше објавена осмата по ред таканаречена „бомба“, која беше поврзана со изборниот грабеж. Лидерот на СДСМ презентираше над 40 снимки во кои, според него, министрите Миле Јанакиески, Гордана Јанкуловска, Зоран Ставрески, потоа Сашо Мијалков и брат му Влатко Мијалков, Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски и други, зборуваат за фалсификување лични карти, кражба на изборни листи и закани за вработени.

Кривичната пријава од овој текст се однесува на снимката од разговорот меѓу Мартин Протуѓер и Гордана Јанкуловска, во кој, тој и вели на министерката да замижи пред фактот што ангажирал неколкумина вработени од МВР да бидат на локалните избори во Охрид, за да им го држеле стравот на нивните и да решеле некои глупости.

Разговор помеѓу Мартин Протоѓер и Гордана Јанкуловска

МП: Слушај.
ГЈ: Кажи.
МП: Ја ќе одам утре за Охрид и до денот на избори ќе бидам таму.
ГЈ: Мхм.
МП: И договорив една екипа, нема да ти се допадне тебе ова, ама сакав да те замолам вака, да замижиш за ова. Значи, една екипа, 4-5 души од овдека, на Мацко брат му, такви некои, шо ќе бидат со мене таму.
ГЈ: Бараби.
МП: Да. Што ќе бидат со мене таму. Пошто ми требаат, тешки глупости има таму, плус и за нашиве да им го држат стравот, а и така, да бидат тука.
ГЈ: На Мацко брат му ќе ти направи уште потешки глупости, ама штом си го одбрал, чувај си го.
МП: Нека дојде сеа, него го познавам. Ќе го држам ја колку шо можам под вакво. Да ти пратам имиња и презимиња на луѓево шо ќе дојдат?
ГЈ: Не бе, нека шибаат, не е проблем, само нека се јават. Пошто на пример, он не е кај мене, он е у СВР.
МП: Аха.
ГЈ: Нека му каже на тој што му е шеф да не му пишува ништо, нема гајле, не е проблем.
МП: Фала ти многу.
ГЈ: Нема гајле бе. Ајде.
МП: Ајде чао.
ГЈ: Ајде чао.

Разговор помеѓу Гордана Јанкуловска и Мартин Протоѓер

ГЈ: Да. Ало.
МП: Горде, како си?
ГЈ: Кажи Мартин, добро.
МП: Види, вчера имавме ние една мала акција овде у…собрани се тројца коишто за Ацо делеа пари и така. Под ова оградата, напад на овластено лице и така и сеа они имаат претставка до внатрешна контрола пратено.
ГЈ: Добро.
МП: Така да, да си у тек дека е тоа координирано све.
ГЈ: Абе види, ја ти кажав. Мислам, дај Боже да победиме во Охрид, ама со таа банда таму, мислам овие, твојава банда, нема лезет у таа работа. Ништо нема да им се случи, не се секирај, ама кај ги одбра бе Мартин најголемите багабонти у МВР.
МП: Најдобрите дечки се.
ГЈ: Абе ајде, Утка кога ти е соработник, до кое дереџе сме стасале, ама нема проблем за ова.
МП: Ајде. Тоа е.
ГЈ: Пријатно.
МП: Чао.

 

ХЕЛСИНШКИ: „БАРАБИТЕ“ ОД СНИМКИТЕ ТЕПАЛЕ ЗА ВРЕМЕ НА ИЗБОРИ ВО ОХРИД

Откако лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ги презентираше овие снимки, Хелсиншкиот комитет препозна случај кој што бил пријавен од лице од Охрид, поради пречекорување на службените овластувања на неколку вработени од полициската единица Алфи, објави порталот Нова.

Лицето кое што го пријавило случајот наведува дека континуирано било малтретирано и било мета на владејачките партии поради неговата политичка припадност.

Последниот инцидент се случил за време на локалните избори кога бил претепан и измачуван од страна на петтмина припадници на едницата Алфи. Во преставката се наведува дека станува збор за Гоце Јаневски, Роберт Давитков, Марјан Накевски, Ахмет Џезми и други непознати полициски службеници. Настанот се случил кога охриѓанецот кој било во своето возило бил сопрен и опколен од три полициски возила(две на алфите и едно од полицската станица во Охрид)од 12 вооружени специјалци кои му ставиле лисици, му впериле автоматски пушки, го турнале на земја и почнале да го тепаат со клоци, тупаници и кундаците од пушките, објаснија од Хелсиншкиот комитет.

 

КРИВИЧНИ ДЕЛА КОИ ПРОИЗЛЕГУВААТ ОД КРИВИЧНАТА ПРИЈАВА

Во кривичната пријава, поднесена од страна на СДСМ, се наведува дека, Мартин Протуѓер сторил кривично дело Злоупотреба на служебната положба и овластување од членот 353 и членот 23 од Кривичниот законик, а обвинетата Гордана Јанкуловска сторила кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од членот 353 од Кривичниот законик.

Членот 353 од Кривичниот законик се однесува на Злоупотребата на службената положба и овластување и во него, во ставовите 1 и 2 се предвидени казни од шест месеци до пет години затвор.

(1) Службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.
(2) Ако сторителот на делото од став 1 ќе прибави поголема имотна корист или ќе предизвика поголема имотна штета или потешко ќе ги повреди правата на друг, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

Членот 23 од Кривичниот законик, пак, се однесува на кривичното дело поттикнување. Тој во ставот 1 пропишува:

Тој што друг со умисла ќе го поттикне да стори кривично дело ќе се казни како да го сторил самиот.

Во ставот 2, пак, се наведува дека:

Тој што друг со умисла го поттикнува на извршување кривично дело за кое според законот може да се изречат пет години затвор или потешка казна, а нема да се направи ни обид за дело, ќе се казни како за обид на кривично дело.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција