Колку и каде трошеа партиите во изборната кампања

Партиите велат дека главно се финансираат од донации од членовите на раководствата и нивните семејства, како и од приходи што ги поседуваат самите партии Фото: Колаж принтскрин

 

Кампањата за локалните избори кои се во тек извлече од партиите големи суми на пари. За кампања од 20 дена партиите потрошија над 1,5 милион евра, покажуваат финансиските извештаи на партиите доставени до Државната изборна комисија, Антикорупциската комисија и Државниот ревизор.

 

Пишува: Рада Исовска – Маневска

 

Владејачката СДСМ за 20 дена потрошила 335.461 евра, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ 761.610 евра. Партиите на Албанците заедно потрошиле над 360.100 евра. Остатокот го сочинуваат трошоците на помалите партии и независните кандидати

 

lOK-IZB

 

КОЛКУ ПОТРОШИ  СДСМ?

СДСМ и Коалицијата реализирање на кампањата вкупно собрала 683.055 евра, а потрошила 335.461 евра. Во првите 10 дена од кампањата од 25.09 до 04.10.2017 година оваа коалиција собрала 253 илјади евра, но во овие десет дена потрошила само 42.000 евра. Во периодот од 05 до 13 октомври Коалицијата на СДСМ имала на располагање 430.095 евра. За потребите на изборите потрошила вкупно 293.461 евра.

Според извештајот, коалицијата на СДСМ најмногу од парите ги трошелa за реклами и пропаганда, а голем дел од парите завршиле и за транспортни трошоци. За реклами во превите 10 дена од кампањата потрошил 17,3 илјади евра, додека во вторите десет дена оваа партија потрошила 124.602 евра за реклами.

Рекламниот дел од кампањата главно се одвивал преку 16 медумски куќи, повеќето национални и локални телевизии, радија и портали. Најмногу од СДСМ се офајдиле телевизиите Канал 5 со 13.743 евра и Алсат М со 12.479 евра.

 

КАДЕ ОДЕА ПАРИТЕ ОД ЧЛЕНАРИНАТА НА ВМРО-ДПМНЕ?

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со нејзината коалиција за реализирање на кампањата за 20 дена вкупно обезбедиле 954.346 евра, а потрошиле 761.610 евра. Во првите десет дена од кампањата од 25 септември до 04 октомври оваа коалиција собрала вкупно 647.447 евра. За потребите на кампањата во овој период коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ потрошила 533.359 евра. Во периодот од 05 до 13 октомври на располагање на коалицијата биле 306.899 евра. Од нив за време на кампањата потрошила 227.861 евра.

Најмногу средства оваа коалиција потрошила на реклами, пропаганда и интелектуални услуги. Во овој период, според извештајот, најмногу профитирала ТВ Нова која за реклами добила 60.000 евра од оваа коалиција.

Финансиските извештаи на оваа коалиција поажуваат дека добар дел од парите завршиле и како хонорари за јавни личности: Владимир Јаневски (215.250 денари), Миле Кузмановски (107.625 денари), Адријана Јаневска (64.000), Јелена Жугиќ, Тони Михајловски и Блага Петреска (по 43.050 денари). Тие хонорарите ги добиле во првите десет дена од кампањата, додека во вторите десет дена хонорар добила само Блага Петреска во износ од 21.525 денари.

ВМРО-ДПМНЕ се рекламирала и на Фејсбук. Само за осум дена маркетингот на социјалната мрежа партијата платила 19.885 евра.

 

КОЛКУ ПОТРОШИЈА ПАРТИИТЕ НА АЛБАНЦИТЕ?

Извештајот на ДУИ покажува дека партијата повеќе потрошила отколку што собрала пари од донации и чланарина. Во првите десет дена од кампањата ДУИ потрошила над 143.000 евра, иако на изборната сметка собрала околу 65.000 евра од членарина. ДУИ во првите десет дена беше во минус од 85 илјади евра.

И вториот дел од кампањата на ДУИ, реализиран во периодот од 5 до 13 октомври, го завршува со минусно салдо од 45 илјади евра. Според извештајот приходите на ДУИ биле обезбедени само од донации, околу 61 илјада евра, додека расходите достигнале до 106 илјади евра. Речиси целиот износ е потрошен за реклама.

Алијансата на Албанците за дваесет дена потрошила над 41, 6 илјади евра. Во периодот од 25 септември до 4 октомври оваа партија собрала околу 32.500 евра, а за десетдневната кампања потрошила 36.500 евра. Алијансата на Албанците во периодот од 5 до 13 октомври располагала само со 3.500 евра и тоа главно добиени од донации, но потрошила 5.100 евра.

БЕСА пак првите десет дена од кампањата на својата сметка инкасирала вкупно 19.000 евра од донации и членарина, а потрошила 19.500 евра. Вториот дел од кампањата која се реализирала од 5 до 13 октомври партијата собрала донации во вредност од 10 илјади евра, а портошила 50 илјади евра или бележи минус од 40 илјади евра.

Партиите, во извештаите навеле дека главно се финансираат од донации од членовите на раководствата и нивните семејства, како и од приходи што ги поседуваат самите партии.

Конечните извештаи за потрошените пари за локалните избори партиите треба да ги поднесат 30 дена од затворањето на сметката за избори односно околу три месеци од завршувањето на изборите.

 

КАКО ТРОШЕА ПАРТИИТЕ НА ПРЕТХОДНИТЕ ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ?

На локланите ибори во 2013 година ВМРО-ДПМНЕ собра 95,1 милион денари (1,546 милиони евра), а потроши 104,5 милиони денари ( 2,280 милиони евра)
СДСМ на овие локални избори  собра и потроши еднаков износ на пари 27,9 милиони денари. (453 илјади евра).
ДУИ, пак, и на овие избори (2013) потроши повеќе отколку што собра пари за камшањата. Собра 14,13 милион денари ( 229 илјади евра), а потроши 22,11 милион денари (359 илјади евра).
На локалните избори во 2009 година ВМРО-ДПМНЕ собра и потроши најмногу пари. Партијата собра 273,4 милиони денари (4,44 милиони евра), а потроши 74,6 милиони (1,2 милиони евра).
СДСМ на овие избори (2009) отиде во минус. Собра донации и чланарина од 2,7 милиони денари ( 43,8 илјади евра) , а потроши 8,6 милиони денари ( 139 илјади евра).
ДУИ и на ови избори отиде во минус. Потроши 3,9 милиони денари (63,3 илјади евра) , а собра 2,1 милион денари ( 34 илјади евра).

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција