Kомарците и слободата на печатот

МРТВ. Фото: David Bailey, 2008
МРТВ. Фото: David Bailey, 2008

 

Јавниот сервис не е за партиите и за нивната пропаганда, туку за граѓаните. Партиите и нивните ставови се само дел од политичкиот, социјалниот, економскиот, културниот живот, кој јавниот сервис треба да го покрива. За разлика од приватните медиуми, јавниот сервис мора да има и образовни содржини, историска документаристика итн. која не смее да биде партиско-политички обоена и индоктринирана, како што е сега.

 

Пишува: Зоран ДИМИТРОВСКИ

 

Документарниот филм на југословенскиот режисерски маг Вељко Булајиќ „Скопје 1963“, снимен веднаш по катастрофата од 26 јули 1963, е вистинско просветлување за слободата на печатот во Македонија. Филмот почнува со вестите на Радио Скопје, ден пред земјотресот, на 25 јули. Летната жега спикерот на вестите ја доловува со слика од плажите на реката Вардар каде што скопјани уживале сончајќи се и капејќи се. Единствен проблем, како што рече спикерот, биле комарците кои тие летни денови ги имало во изобилие и им создавале непријатности на скопјани. Но, комарците по сѐ изгледа не ги касаат вработените во јавното комунално претпријатие, продолжи гласот на Радио Скопје, зашто надлежните не преземаат ништо тие да се уништат!?

Ееееј, само осумнаесет години по Втората светска војна, во комунистичка Македонија, Радио Скопје во централен дневник, во авторски прилог на новинар, сосема лежерно и сатирично ги пенали надлежните во градот поради комарците! Во време кога строгата партиска цензура се подразбирала, новинарите, сепак, ја сфаќале критичката улога на медиумите.

 

КАКО БИ ИЗГЛЕДАЛ ПРИЛОГ НА МРТВ ЗА КОМАРЦИТЕ ВО СКОПЈЕ ВО 2014 ГОДИНА?

 

Што мислите, дали е ова можно да се случи на јавниот сервис – МРТВ во 2014 година, во демократска и плуралистичка Македонија? Не, не, не претерувам. Состојбата со медиумските слободи денес е дојдена до такво дереџе, што новинар на јавниот сервис не би се дрзнал самиот да направи прилог во кој ќе ја критикува локалната власт за банално прашање какво што е она со комарците.

Како би изгледал прилог на МРТВ за комарците во Скопје во 2014 година? На почетокот, новинарот ќе го пренесе ставот на ВМРО-ДПМНЕ од прес-конфернеција на која партискиот портпарол ќе рече дека во времето на градоначалникот од СДСМ, градот воопшто не ни прскал против комарци, а градоначалникот на ВМРО-ДПМНЕ од буџетот на град Скопје секоја година издвојува по 50.000 евра само за таа намена. Дури потоа, ТВ или радио прилогот ќе ја дадат причината за одржување на пресот на ДПМНЕ – тоа, се разбира, нема да бидат жалби на скопјани дека има многу комарци, туку евентуално прес-конференција на опозициската СДСМ во која надлежните од градот се обвинуваат поради присуството на комарци. На тој начин, поради самиот факт што за тоа зборува опозициска политичка партија, а не обични граѓани, вистината за комарците ќе се релативизира. Во прилогот, се разбира, ќе има и анкета, изјави на неколкумина скопјани – едни ќе речат дека има комарци, други дека сега нема како порано, освен можеби во населбите веднаш покрај Вардар, а за комарците ќе го обвинат жешкото време. Некои граѓани ќе потврдат дека не е вистина оти надлежните не се борат против инсектите, зашто летово имало барем три-четири прскања, а тоа го знаат оти бучавата од авионите што прскаат против комарци редовно ги буди наутро во 5 часот. Кога не би било смртно сериозно, ова навистина би било добра шега. Но ѓаволот ја однел шегата.

Слободата на медиумите и особено улогата на јавниот сервис – МРТВ во 2014 година остануваат клуч за демократијата во Македонија и еден од условите за нашите евроинтеграции.

 

МРТВ НЕ Е САМО ЗА ПАРТИИТЕ

 

Во дијалогот што започна меѓу опозицијата и власта за враќање на СДСМ во парламентот, разбравме оти еден од условите на Заев бил „застапеност на опозицијата на програмите на јавниот сервис – МРТВ“. Предлогот заслужува внимание, но крие и стапици.

Лидерот на СДСМ, партија која постојано го посочува проблемот на задушувањето на слободата на медиумите, очигледно е повеќе загрижен за застапеноста на опозицијата и нејзините ставови во медиумите кои ги контролира власта и особено на програмите на јавниот сервис. Неговиот став е разбирлив, зашто тој е претседател на опозициска партија, но тоа не е доволно за вистинско остварување на улогата на јавниот сервис.

Настрана тоа што власта може слободно да го прифати предлогот на Заев и повторно да го преведе народот жеден преку вода. Дури и да се договори минутажа за застапеност на опозицијата на програмите на МРТВ, на јавниот сервис сепак може да остане „курирската“ пропаганда, нарачаните партиски прилози за отстрел на политичките неистомисленици, а времето резервирано за опозицијата да се троши на прашања помалку важни од она за комарците. Исто така, на МРТВ ќе си останат и долгите соопштенија и снимени рекламни кампањи за популистичките потези на власта, за контроверзни политички прашања за кои јавноста е поделена, како на пример она за абортусот.

Заев, значи, може да се задоволи и со трошки, а ептен ќе биде ќејфлија ако му дадат посебен опозициски канал на МТВ, по угледот на италијанската државна телевизија – првиот канал за власта, вториот за опозицијата – за што исто така има шпекулации.

 

НЕЗАВИСЕН ГЕНЕРАЛЕН ДИРЕКТОР

 

Но, јавниот сервис не е за партиите и за нивната пропаганда, туку за граѓаните. Партиите и нивните ставови се само дел од политичкиот, социјалниот, економскиот, културниот живот, кој јавниот сервис треба да го покрива. За разлика од приватните медиуми, јавниот сервис мора да има и образовни содржини, историска документаристика итн. која не смее да биде партиско-политички обоена и индоктринирана, како што е сега.

Се разбира, како и другите медиуми и јавниот сервис има обврски за професионално, непристрасно следење и покривање на информациите важни за граѓаните, но поради тоа што директно се финансира од нашите пари, политичката пропаганда и спинот на јавниот сервис треба да бидат строго казниви. Сепак, како и другите медиуми во демократското општество,јавниот сервис не смее да ја маргинализира критичката улога, туку да ја негува и поттикнува, се разбира не заради партиски политички цели и интереси, туку за демократска јавност и информирано и просветено граѓанство кое власта и политичката моќ ќе ги држи одговорни за своите постапки.

За да се обиде да оствари таква улога, на МРТВ ѝ е потребен независен генерален (извршен) директор, за кого амин ќе дадат и опозицијата и власта, но и другите значајни сегменти од општеството, демократски и политички непристрасно застапени во Програмскиот совет на јавниот сервис. Човек со професионален интегритет и мандат од девет (евентуално седум) години, кој ќе има одврзани раце и нема да добива инструкции од политичките штабови е првиот услов за слободен јавен сервис. Ова мора да го разберат и Заев и Груевски.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција