Коментарот на Шилегов за нестатутарност на одлуката за исклучување од членство е делумно точен
Според еден член во Статутот на СДСМ Шилегов е во право кога оценува за нестатутарност на одлуката на Извршниот одбор (ИО) за негово исклучување, но според други членови за овластувањата и надлежностите на Централниот одбор, на ИО и на претседателот на партијата, не може да се изведе цврст заклучок дека споменатите органи немаат право да носат одлуки за иницирање постапка од врвот – надолу
Според еден член во Статутот на СДСМ Шилегов е во право кога оценува за нестатутарност на одлуката на Извршниот одбор (ИО) за негово исклучување, но според други членови за овластувањата и надлежностите на Централниот одбор, на ИО и на претседателот на партијата, не може да се изведе цврст заклучок дека споменатите органи немаат право да носат одлуки за иницирање постапка од врвот – надолу
Поранешниот градоначалник на Скопје и во едно време дел од високото раководство на партијата, а сега само член на СДСМ, Петре Шилегов, во врска со одлуката на Извршниот одбор (ИО) на СДСМ за иницијатива за постапка за бришење на неговото членство во партијата, даде изјава за медиумите во чиј дел има делумна вистина:
Ако го прочитале Статутот, за жал таму во Извршниот одбор нема кој да го прочита, ќе им биде јасно дека исклучувањето на член на СДСМ го извршува општинската организација, каде што припаѓа, во која што претседателот Филипче првпат влезе кога беше избран за претседател. Па еве ќе ја искористам приликата ако веќе сака да спроведат такви иницијатива да дојде во општината Карпош, таму ќе разговараме со членството, јас ќе се потрудам да има сериозно многу, и за моето исклучување, меѓутоа и за неговото заминување…
[Извори: Плусинфо и Дојче Веле – Датум: 17.03.2026]
Образложение:
Петре Шилегов давајќи ја изјавата за медиуми во врска со одлуката на Извршниот одбор(ИО) на СДСМ околу неговото членство во партијата, во еден дел од изјавата даде оценка/коментар за статутарноста на одлуката на ИО, којшто може да се оцени како делумна вистина.
Ако го прочитале Статутот, за жал таму во Извршниот одбор нема кој да го прочита, ќе им биде јасно дека исклучувањето на член на СДСМ го извршува општинската организација, каде што припаѓа, во која што претседателот Филипче првпат влезе кога беше избран за претседател
(Целата изјава што може да се најде кај дел од медиумите може да се прочита тука или тука, а за целата тема околу последната епизода од судирот Шилегов-Филипче, повеќе информации има тука.
Шилегов коментира одлука на ИО на СДСМ објавена на 16.03.2026 г. која во насловот навистина вели дека ИО донел одлука за исклучување, но во краткото соопштение може да се види дека всушност иницирал постапка:
Извршниот одбор на СДСМ денеска донесе одлука и иницираше постапка за исклучување на Петре Шилегов од членството на СДСМ – се наведува во првата реченица на соопштението.
Од оваа реченица во соопштението може да се разбере дека ИО на СДСМ донел одлука за исклучување на Шилегов, но преку „иницирање постапка“ и таа работа да се изведе според процедура, односно според Статут.
Доколку внимателно се прочита Статутот на СДСМ, во членовите 18 и особено 19, на прв поглед се чини, дека Шилегов има право кога вели дека одлуката е нестатутарна:
Член 19 од Статутот на СДСМ:
Одлука за опомена односно одлука за исклучување донесува Извршниот Одбор на Општинската организација или Централниот одбор на СДСМ.
Извршниот одбор на Општинската организација одлучува за членови и функционери од неговата општинска организација, кои се избрани на локално ниво. Централниот одбор на СДСМ одлучува за членови на Централниот одбор на СДСМ, неговиот Извршен одбор, за членови на Пратеничката група и за членови во извршната власт, градоначалниците, како и за носители на функции избрани или именувани од законодавната или извршната власт.
Во постапката за исклучување мораат да се приложат докази (документи и изјави). Основ за донесување на одлука е усната расправа. На усната расправа задолжително се повикува членот против кого се води постапката за исклучување и тоа во сите степени на постапката. Извршниот одбор на Општинската организација и на ЦО на СДСМ, пред кои се води постапката, дозволуваат присуство на член по барање на членот за кој се води постапка, кој би бил негова потпора во постапката. На расправа се води записник – се наведува во чл.19 од Статутот.
„Кваката“ на која очигледно се повикува Шилегов, иако тоа не го кажа децидно, е во прецизноста на вториот пасус на овој член 19, кој е единствен член кој прецизно се занимава со детали од процедурата за тоа кој орган на партијата е задолжен за опомена или исклучување на член на СДСМ.
Имено, во членот 19 се наведува: „ Централниот одбор на СДСМ одлучува за членови на Централниот одбор на СДСМ, неговиот Извршен одбор, за членови на Пратеничката група и за членови во извршната власт, градоначалниците, како и за носители на функции избрани или именувани од законодавната или извршната власт“. Шилегов, како што е општо познато, не спаѓа во ниту една категорија за која би бил задолжен ЦО, односно ИО на СДСМ како егзекутивен орган на ЦО.
Но, доколку се имаат предвид и членовите од Статутот кои говорат за надлежностите што ги има Централниот одбор (член 29) претседателот на СДСМ (член 31) и надлежностите на ИО на Централниот одбор на СДСМ (член 33), не може да се изведе цврст заклучок за нестатутарност.
Тоа произлегува од неколку одредби од споменатите членови од 29 до 33, кои говорат за овластувања односно надлежностите на овие органи и на претседателот на партијата да можат да покренуваат иницијативи и од врвот надолу, до општинските организации.
На пример, претседателот на партијата може да разрешува и именува претседатели на општински организации преку утврдена процедура од ЦО. Централниот одбор, на пример, е задолжен и за двата етички кодекси на однесување на членовите на партијата и на високите функционери на партијата. ИО на СДСМ, на пример, има овластување „да учествува во градењето и изразувањето на политичката волја на СДСМ“, и т.н.
Имајќи го предвид ова, зошто тогаш ИО би немал право да покрене/иницира постапка за разрешување од членство за некој член до конкретна општинска организација (од врвот – надолу). Се разбира, доколку навистина во врвот на СДСМ поседуваат цврсти докази дека партискиот член, во случајот Шилегов, работел против интересите на СДСМ, „поделба на партијата“ или „одработувал за ВМРО-ДПМНЕ“, како што тврди Филипче.
***
Вистиномер упати и прашање до СДСМ за појаснување на коментарите на Шилегов за нестатутарноста на одлуката на ИО на СДСМ. До затворањето на текстот, редакцијата не доби одговор од партијата.
Затоа, поради наведените аргументи би можел да се изведе заклучок дека изјавата на Шилегов околу статутарноста на одлуката донесена на ИО, е само делумно вистинита. Впрочем за утврдување и на ова прашање доколку се покрене процедурата за исклучување во општинската организација на СДСМ во Карпош, каде што ја чекале формално одлуката на ИО на СДСМ, има предвидено членови во Статутот на СДСМ (усна расправа, жалба, надзорна комисија, итн.) кои ја прецизираат процедурата за финалната одлука.
Извори:
- (17.03.2026) ДВ – Судир: Петре Шилегов… – [Проверено на 18.03.2026]
- (16.03.2026) СДСМ – Соопштение – [Проверено на 18.03.2026]
- (2026) СДСМ – Статут на СДСМ – [Проверено на 18.03.2026]
Оценил: Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар