Конечно изградена „Пазарската патека“ во Крива Паланка
Проект: Изработка на пешачка патека покрај пазарот кај Крива Река – пазарска патека.
Опис: Со оглед на тоа дека, во саботите, кога е пазарен ден во Крива Паланка, доаѓа до голема турканица на главната улица, ќе се направи т.н. „Пазарска патека“, која ќе почнува кај пазарот, ќе се движи покрај реката и ќе се спои со мостот. Со ова ќе дојде до растоварување на главната улица и непречено движење на граѓаните по оваа патека. (Средства: 1,000,000,00 денари; Извори на финансирање: Буџет на општината, Рок за реализација: 2013-2014.)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Изградба на пешачка патека крај коритото на Крива Река, со која би се растоварил метежот што владее во Крива Паланка во саботите, вети Арсенчо Алексовски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, на 36. страница од неговата изборна програма, со која ја побара довербата на граѓаните на локалните избори во 2013 година. Ова изборно ветување на градоначалникот на Општина Крива Паланка е исполнето, со забелешка дека патеката е изградена една и пол година подоцна од рокот за реализација наведен во програмата ( 2014 година).
Алексовски во ветувањето наведува дека „Пазарската патека“, која ќе почнува кај пазарот, ќе се движи покрај реката и ќе се спои со мостот, ќе биде изградена во периодот 2013 – 2014 година, односно ќе биде целосно завршена до крајот на 2014 година. Но, работите почнуваат дури во мај годинава. Исто така, за разлика од милион денари, колку што се предвидени во изборната програма на Алексовски, од оваа информација гледаме дека ќе се вложат 750.000 денари:
Се гради патека со камени плочи широка околу два метра на главното корито на реката со средства од буџетот на општината во износ од 750.000 денари.
На 7 јуни 2016 година на веб-сајтот на Општина Крива Паланка е објавена информација дека работите се при крај, а патеката ќе биде долга 275 метри.
На 26 јуни, пак, беше пренесена изјава од градоначалникот Алексовски во која вели дека патеката е завршена, а останува да се изградат уште пристапни скали и да се постават клупи и канти за отпадоци.
Па, иако има огромно задоцнување, бидејќи, сепак, патеката е изградена, според методологијата на Вистиномер, ова ветување на градоначалникот Арсенчо Алексовски, го оценуваме како исполнето.
ИЗВОРИ
- (2013) Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ за локални избори 2013 – 2017 – Арсенчо Алексовски (стр.36) [Пристапено на: 23.08.2016]
- (23.05.2016) Сител – Се гради „Пазарска патека“ во Крива Паланка [Пристапено на: 23.08.2016]
- (07.06.2016) Веб-сајт на Општина Крива Паланка – Завршна фаза на активностите за изградба на т.н. „Пазарска патека“ [Пристапено на: 23.08.2016]
- (26.06.2016) МИА – Финишира изградбата на „Пазарска патека“ во Крива Паланка [Пристапено на: 23.08.2016]
Оценето од: Сашо Спасоски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар