Конференција „Е-општество“: Градење капацитети во борбата против дезинформациите
Вториот ден од конференцијата беше посветен на теренски примери и практични алатки за справување со дезинформациите, од домашни и странски експерти кои работат на оваа тематика
Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, во продолжение на вчерашното јубилејно дваесеттото издание на меѓународната конференција „Е-општество“ и воедно 20 години од основањето на организацијата, приреди серија работилници посветени на борбата против дезинформациите. Целта на овие презентации и дискусии беше да се споделат искуствата од разни домашни и странски експерти, како и да се споделат знаења и специфични алатки за справување со дезинформациите и градење на капацитетите на поширокото општество во битката со истите.
Првата сесија на работилниците ја отвори Оксана Полулјах од „Стоп Фејк“ (StopFake), Украина. „Стоп Фејк“ започна како проект од Факултетот за новинарство Мохила на Националниот универзитет уште во 2014 година, а инициранo од Евромајданските протести, целта им беше да воспостават регуларен мониторниг на руски и украински медиуми кои шират дезинформации.
Во своето излагање, Полулјах се осврна повеќе на тоа како може да се користи проверката на факти за да се предвидат информациските закани, но и моќта на наративите:
Наративите се приказни кои се дизајнирани да влијаат на целната публика.
…
Со спроведување на систематско следење, проверувачот на факти може да ја види динамиката на дезинформациите, нејзината цел и последиците, посочи Оксана Полулјах.
Во втората работилница, пак, Полулјах се осврна на тоа како различните дигитални технологии и социјалните платформи може да се искористат во бробата против дезинформациите. Поточно, таа претстави неколку случаи на вирални дезинформации, а понатаму детално ги анализираше заедно со публиката, особено ставајќи акцент на различните техники и алатки кои таа и нејзините колеги ги користеле за да ги разоткријат како неточни рецензираните содржини.
Наративите се моќни алатки за раскажување приказни кои се користат за обликување на јавното мислење и влијание врз публиката. Со порастот на дезинформациите за време на руско-украинската војна, стигнавме и до клучниот термин „наративната интелигенција“, односно вештината на препознавање и анализа на повторливи наративни обрасци, рече меѓу другото Полулјах.
Како најистакнат наратив беше посочен оној против ЕУ. Полулјах спомена дека се појави како тема која се повторува, стратешки е создадена да го разниша проевропското расположение на јавноста и да ја продлабочи поделеността во ЕУ членките, но и земјите-кандидати за ЕУ. Затоа напомена дека анализирањето на овие обрасци нú помага да разбереме како се шират дезинформациите и зошто одредени наративи добиваат на сила, но и како може да се даде посилен проактивен одговор на ваквите информациски закани.
Во третата и последна сесија се одржа тркалезна маса за поширокиот контекст за дезинформациите кои се присутни низ целиот свет. Џована Флек, уредничката од „Опсерваторијата за граѓански медиуми“ (Civic Media Observatory, дел од Global Voices мрежата), се осврна на тоа како далекусежната мрежа на руска пропаганда, поврзана со локалните дезинформации, ја обликуваат Латинска Америка.
Последно беше излагањето на Владимир Петрески, главниот и одговорен уредник на Вистиномер, кој ги контекстуализираше проблемите со дезинформациите во земјите од Западниот Балкан. Петрески наведе дека нападите на ЕУ и ЕУ членки, дезинформациите околу руско-украинска војна, Ковид-19 и вакцините, лажните медицински реклами и онлајн измамите се најчести дезинформации кои се појавуваат во регионот. Посебно внимание посочи на онлајн измамите, велејќи:
Некои месеци, дури 25 отсто од рецензираните објави се онлајн измами. Дополнителен проблем се оние измами што ги намамуваат корисниците кои биле веќе еднаш измамени, божем да поднесат барање до Интерпол или полицијата со цел да им ги вратат парите. А, вушност, тие пак ќе бидат измамени и нивните податоците ќе бидат украдени, сподели Владимир Петрески.
Од друга страна, тој напомена дека Кремљ ги набљудува постоечките несогласувања или тензии во едно општество и активно работи на засилување на некои од стравовите во општеството, со цел да ги продлабочи поделбите и да ги влоши несогласувањата. Оваа стратегија е особено ефикасна доколку резултира со засилени немири или политичко насилство, што дополнително го дестабилизира општеството.
Со неговото излагање заврши тркалезната маса и се финализираа последните активности во рамки на дваесеттото издание на конференција „Е-општество“.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар