Конфузија околу (не)признавањето на независноста на Косово од Јамајка

 

Косовскиот претседател Хашим Тачи на 02.20.2020 објави информација дека Јамајка ја призна независноста на Косово. Тачи рече дека добил информација од косовската амбасадорка во САД, Влора Читаку, а во неговата изјава ѝ се заблагодари неа и на американскиот сенатор, Елиот Енгел. После оваа информација следуваа честитки и од премиерот на Косово, Албин Курти и министерот за надворешни работи и дијаспора, Глаук Коњуфца, како и претседателот на парламентот, Вјоса Османи.

Но, не помина долго време пред министерката за надворешни работи на Јамајка, Камина Смит, да ја демантира оваа вест на Твитер истакнувајќи дека нејзината земја не го признала Косово.

До денес, Јамајка не го призна Косово како независна држава, напиша таа како одговор на твитот на претседателот Хашим Тачи.

После овој инцидент, министерот за надворешни работи и дијаспора на Косово, Глаук Коњуфца изјави дека разговараат во Амбасадата на Косово во Америка за да се разјасни ситуацијата. Тој рече дека добиле службен брифинг од амбасадорката Читаку и дека оваа информација неговото Министерството за надворешни работи и дијаспората ја доби преку е-пошта.

Официјалните информации на амбасадорката во Министерството за надворешни работи ги сметаме за сериозни и кредибилни, ние сме во постојан контакт со нашата амбасада во САД, за да се разјасни создадената состојба, рече тој.

Канцеларијата на претседателот  го обвини МНР за инцидентот, и покрај тоа што тие први ја објавија веста за признавањето. Од друга страна, амбасадорката Читаку за овој случај изреагира на 22.02.2020 година, таа одговори на обвинувањата на заменик-премиерот, Хаки Абази за случајот, но не објасни како дојде до конфузија и рече дека случајот ќе се расчисти со време, без да објасни подетално што навистина се случи, како таа ја доби и ја прошири оваа неточна информација.

Министерот за надворешни работи, Глаук Коњуфца, на 03.03.2020 разреши неколку амбасадори, меѓу кои и амбасадорката Влора Читаку, но во оваа одлука како образложение беше завршувањето на мандатите на овие амбасадори. Во одлуката за разрешување како причина воопшто  не се споменува инцидентот со Јамајка, иако непосредно по настанот пратеничка на Движењето Самоопределување, партијата на премиерот Курти, побара разрешување на амбасадорката Читаку.

Сепак, оваа ситуација создаде голема конфузија и сè уште нерасчистени дилеми, како и од кого Читаку ја доби оваа (дез)информацијаа, за потоа да ја сподели со највисокиот државен врв во Косово, но и со пошироката јавност. За овие одговори, а и за тоа како дезинформациите успеаја да влезат и во службената комуникација, а со тоа да нанесат и големи штети во важните државни политики, косовската јавност треба да почека објаснување од амбасадорката Читаку.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција